Како против садизмот на Груевски!?

by lali 20:39
20:39

Опозицијата, а пред сѐ СДСМ, може да почека уште некое време и да биде законски или уставно забранета, па да премине во илегала, или, пак, може веднаш да се адаптира на еден вид полуилегално дејствување и така да му се спротивставува на режимот. За да не рипнат веднаш делохранителите (не е грешка, не се мисли на телохранителите) на Груевски, платените усти на ВМРО–ДПМНЕ и другите корисни идиоти на режимот и да ме пријават за уривање на уставниот поредок кај своите полициски структури кои ги држат на врска, кратко да објаснам што подразбирам под полуилегално политичко дејствување.

Овие осум години покажаа дека Груевски се одржува на власт користејќи политички садизам кон сѐ што е опозициски настроено, а, пред сѐ, кон СДСМ. Во принцип, ВМРО–ДПМНЕ предводена од Груевски, најголем дел од својот човечки, институционален и финансиски потенцијал го троши на сатанизирање на политичките противници. Целокупната политичка пропаганда, и онаа видливата, а и онаа подземната, опстојува на изнаоѓање на виновниците или поточно антидржавните елементи кои се собрани во и околу СДСМ.

- Advertising -

Во принцип, Груевски не може да заспие доколку во текот на денот не биде нахранет со неколку порции политички ќотек, кој режимските медиуми директно или преку неговите делохранители им го удриле на опозиционерите. Секако, најмногу ужива тогаш кога тој е директниот егзекутор.

ОПОЗИЦИЈАТА ПОВЕЌЕ НЕ СМЕЕ ДА БИДЕ МАЗОХИСТ

Доказ за ова е постизборниот период. Во овој период, СДСМ многу поретко излегува со реакции и прес-конференции за разлика од претходно. Затоа имаме денови во кои режимската медиумска армада заедно со платените усти на власта немаат никаков материјал за задоволување на садистичките потреби на Груевски. Продуцирањето промотивни вести за „успесите“ на власта дури и за нив изгледа имбецилно. Нив им е потребен дневен материјал во кој секоја евентуална, дури и добра мерка на власта ја третираат маргинално затоа што се хранат единствено преку шиканирање на политичките противници.

И конечно, кога нервозно ќе кризираат што СДСМ не реагира на некоја фрлена јадица, тогаш ладно ќе ги задоволат своите садистички потреби, дури и по цена на јавно разобличување дека се гласило на тајните служби. (Перверзијата да биде поголема, тоа се истите оние кои нѐ отекоа сатанизирајќи ги службите на  САД, а бранејќи го Сноуден. Да знае Сноуден каква багра се повикува на неговата борба за слобода и право на приватност, веднаш ќе му се предаде лично на Обама).

Затоа опозицијата веќе не може да продолжи да биде мазохист кој секојдневно ќе ја предизвикува садистичката власт. Првиот чекор е истрајување на одлуката за враќање на мандатите. Понатаму, полуилегалното дејствување значи дека опозицијата еден подолг период треба да дејствува исклучиво меѓу народот. Седниците на Владата или Парламентот во сенка да ги одржува на сред село, пред кооперација, во некој дом на културата или кино, без присуство на какви било камери и давање соопштенија.

Опозицијата треба да излегува во јавноста само кога ќе има крупни теми и кога ќе вади нови докази за владиниот криминал. Мора максимално да се користи се побучниот свет на т.н. дигитално самоиздаваштво, отприлика онака како и што сега допира овој текст до вас. Прес-конференциите и соопштенијата за дневните лудории на власта треба да се заборават. Тие лудории народот ќе ги види и почувствува порано или подоцна и без за тоа да говори СДСМ, а истовремено скапоплатените режимски медиуми и платените усти на ВМРО–ДПМНЕ ќе останат со прстот во уста, онака како што се во последниов период.

Истовремено, СДСМ мора широко да ги отвори своите врати во двата правци. Тука мислам на тоа дека мора да има можност секој да се приклучи на ваквиот тип дејствување и да влезе внатре. Тоа, пред сѐ, важи за сите оние претставници на новиот дигитален екосистем, кој е надвор од класичното новинарство и сѐ почесто се нарекува осмата сила. Со тоа би се амортизирал и садистичкиот порив што го има власта кон неколкуте портали, и по еден неделник, весник и телевизија со чие постоење таа мафта дека се исполнети условите за  слобода на медиумите. Но, истовремено, вратата треба да биде отворена и за  слободен излез на сите оние што не се подготвени така да дејствуваат.

Доколку се истрае на ова, садизмот на власта мора да се насочи кон некој друг. Мора да се најде нов виновник за сѐ што оди лошо. Набргу ќе оди јабана некој од најблиското друштво. Сакате и да погодуваме? За мене фаворит е тој што историски гледано Груевски најмногу идеолошки го мрази и финансиски најскапо го чини, но во моментов сѐ уште му е неопходен. Погодувајте вие, само да ви кажам дека порано тој го викаше србокомунистички феудалец. Од тук на там – ваше си е!

Поврзани новости