Пишува Ирена МУЛАЧКА
Четиринаесет живи луѓе во среда вечер изгореа во модуларната болница во Тетово, со што се најави почетокот на крајот на „популарниот“ министер за здравство Венко Филипче. Тој понудил пишана оставка до премиерот Зоран Заев, кој се надевам ќе ја прифати затоа што морална одговорност некој мора да сноси, а нормално е тоа да се првите луѓе кои го водат секторот здравство и Тетовската клиничка болница.
Три дена чекам да помине тагата кај партиските симпатизери на СДСМ по нивниот омилен министер и еуфоријата кај партиските војници на ВМРО-ДПМНЕ, кои секоја трагедија ја злоупотребуваат за да добијат политички поен повеќе, па не е битно тоа што толку многу луѓе изгореа за само три минути. Тоа што мене највеќе ме револтира и исплаши читајќи по социјалните мрежи, е што дел од граѓаните толку не се потресоа околу страшната трагедија, колку што се потресоа што министерот Филипче си поднел оставка, па се пуштија во негова одбрана.
Па, ќе си поднесе. Мора да го направи тоа. Требаше да го направи веднаш по трагедијата. Тогаш во очите на сите оние кои реално ги гледаат работите, иако на прсти можат да се избројат, ќе беше оставка дадена зошто има трошка достоинство и морал, а не изнудена оставка после 24 часа по првата прес-конференција. На многу места гледам споделени линкови од слични случаи во Њујорк со коментари, па секаде се случува тоа. Па, никој не рече дека не се случува. Туку, ај да бидеме реални и да видиме како одговорните таму со брзина на светлината си поднесуваат оставки за ваквите случувања, што е мисловна именка за Македонија.
Значи, немам никаква намера да ги релативизирам работите. Факт е дека Филипче требаше уште првиот ден да си поднесе, а откако пак реши тоа да го направи вторниот ден, тогаш оставката требаше да биде неотповиклива, а не пишана, со што остава простор да се спаси. Иако, мое лично мислење е дека Заев ќе ги прифати оставките, па живи били и видели.
Е, сега ајде да се навратиме добри четири години наназад, кога во декември, 2017 година, Филипче седна на министерската фотеља во секторот здравство. Кога веќе е најдобар министер досега, да видиме што сработил? Се јавувал на секој и помагал на пациенти. Па, од позиција на моќ секој го може тоа. Работата е да не се стига до министерот, туку секој сам по регуларен пат да си заврши работа. Инаку. морам да нагласам, секоја чест на неговата работа како неврохирируг. Неговата стручност спаси многу животи.
Филипче, првото министерско интервју го даде за „Фокус“, а во него вети кули од злато. Кога сега ќе се навратам на архивите, единствено што можам да забележам е дека ниту една буква од тоа интервју не е исполнета, ниту едно ветување. Целиот здравствен систем е руиниран и во тотален распад, пациентите се шетаат од болница во болница за да бидат примени едвај некаде и на крај умираат по болничките дворови и ходници. Лекари нема ни за лек, а сега короната и девалвирањето на нивната работа ги испрати и повеќето што ги имаше на работа во приватните болници.
Но, тоа не е се. Да не почнеме да зборуваме за неорганизираноста, лошите услови за работа, огромните долгови на јавните здравствени установи и тоа што им дозволи на приватните болници и лаборатории да печалат на грбот на пациентите. Па, се тоа си го имаше и претходно. Што се промени? Направи неколку тендери, тешки бизнис зделки од 10 до 30 милиони евра, кои новинарите ги пробија, па мораше да пропаднат. Работата дојде, да ти е страв да одиш на лекар. Не е проблем до лекарот, проблем е како да стигнеш до него.
А, за Ковид 19, па да не почнуваме. Опасниот вирус му ја донесе славата на Филипче, со тоа што секојдневно се појавуваше на телевизија и транспарентно ги диригираше бројките на заразени и починати. За транспарентноста не можеме да замериме. Но, ајде да ги погледнеме работите од човечки аспект. Прво, ние сме во топ пет држави по смртност од Ковид 19, повеќе од 6.500 луѓе умреа досега. Кој ќе одговара за тоа? Никој не може да ме убеди дека само вирусот е проблемот, проблемот е лошо поставениот здравствен систем. Никој не ги кажува точните причини за страшните црни статистики, но никој и не знае што се крие зад вратите на болниците. Само кружат бројни сомнежи, па за доброто на сите, треба да се расчистат!
И уште ова морам да кажам. Веднаш по оставката на министерот Филипче, експресно стигна писмо од директорите на болниците, кои го молат Заев да не ја прифаќа оставката на најдобриот министер. Кое понижување, а за лицемерие да не зборуваме. Па, сите сме свесни дека секој од нив со задоволство би седнал на местото на Филипче и би го заменил во рок од три минути. И наместо да се натегаат во недоглед, оставките треба да се прифатат. Тоа е еден морален чин, а истрагата нека ги бара виновниците. Мислам, дека Венко Филипче доволно „сработи“ за време на неговото владеење!