Изминатите неколку месеци се почести се случаите на семејно насилство низ Македонија и во најголем дел жртвите се жени. Не постои ден од полицискиот билтен да не има случај на физички или психичко малтретирање на жени од моментални и поранешни партнери кои претставуваат сериозна закана за нејзиниот живот и за животот на нивните деца.
Показател за тоа е и статистиката која МВР ја испрати до „Фокус“ и која носи загрижувачки податоци за изминатите две години.
Последен беше случајот од пред неколку денови од Неготино, кога жена почина од фаталните повреди кои и ги зададе партнерот.
Според податоците од јавно достапниот Годишен извештај за работата на МВР за 2021 година во делот на семејното насилство лани биле евидентирани 1056 кривични дела при семејно насилство во споредба со 992 во 2020 година, при што кривично пријавени беа 1097 сторители од кои 90 отсто се од машки пол, додека жртвите во најголем процент односно 77 проценти се жени, потоа 18 проценти од жртвите се родители а на трето место со 10,5 проценти жртви биле деца.
„Статистички најголемиот дел од кривичните дела при семејно насилство, односно околу 62 проценти се однесуваат на „телесни повреди, а 34 отсто на кривичните дела загрозување на сигурноста“. Најголемиот број од овие кривични дела (84 отсто) се извршени со примена на физичка сила или закана, додека пак во врска со прекршочните пријави и примените поплаки во текот на минатата 2021 година нивниот број изнесува 379 прекршочни пријави, односно 3761 поплаки по кои што постапувале полициските службеници“, велат од МВР.
Согласно одребите од Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, местото и улогата на полицијата се јасно дефинирани во делот на истражното (откривачко) и репресивно делување, како и делот на натамошна заштита на жртвите на насилство.
Како што посочуваат од МВР, со години наназад функционира и се надоградува соодветен систем за работа и за полициско постапување поврзано со случаите на семејно насилство и кривичните дела произлезени при семејно насилство. Во тој смисол , велат од Министерството за внатрешни работи, полициските службеници постапуваат при секоја пријава (лично од жртвата, од сведок или трето лице, анонимна, од друга институција или врз основа на непосредно полициско забележување), а согласно посебните процедури во таквите околности, при што се води сметка секогаш во случаите да бидат оперативно инволвирани и полициски службенички.
„Притоа, а тргнувајќи од посебниот “Правилник за начинот на проценка на ризик од сериозна опасност по животот и физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата и членовите на нејзиното семејство и на ризикот од повторување на насилството, соодветното управување со ризикот, образецот на полицискиот извештај и на предлогот за изрекување на итна мерка за заштита – отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување до домот“ (член 9) задолжително се подготвува проценка на ризик врз основа на прибирањето на неопходните податоци“, додаваат од МВР.
Појаснуваат дека тоа подразбира задолжително преземање на оперативно-превентивни мерки: обезбедување на сопствената безбедност и безбедноста на други службени лица; осигурување на безбедноста на жртвата и членовите на семејството; обезбедување на здравствена заштита за жртвата или на друг член на семејството доколку има потреба; оневозможување на сите форми на физички контакт и вербална комуникација меѓу жртвата и сторителот; оддалечување на сторителот од предмети кои претставуваат потенцијална опасност за напад или самоповредување; информирање на жртвата за нејзините права и достапните услуги за помош и поддршка; обезбедување на местото на настанот и обезбедување на докази; привремено одземање на оружје од сторителот доколку го поседува; обезбедување податоци за присутни сведоци на настанот; известување на надлежните служби и институции за понатамошно постапување; преземање други мерки и активности кои произлегуваат од законските овластувања.
„Важно е да се има предвид дека во делот на заштитата на жртвите, полициските службеници веднаш контактираат со центрите за социјални работи или здруженија кои обезбедуваат услуга на сместување, секогаш кога има потреба од: сместување на жртвата на безбедно место и во случаи кога на местото на настанот се присутни деца, лица со посебни потреби, лица со ограничена или одземена деловна способност, изнемоштено или старо лице. Зависно од проценката на ризикот а по однос на сторителите на семејното насилство односно кривичните дела произлезени по однос на истите, полициските службеници доставуваат предлог до надлежен суд, за изрекување итна мерка за заштита – отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување до домот во случај кога е проценето дека постои ризик за сериозна опасност по животот и физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата и членовите на нејзиното семејство или ризик од повторување на насилството. Предлогот се доставува веднаш, а најдоцна до 12 часа, по изготвување на проценката на ризик и полицискиот извештај, и без согласност на жртвата“, анализираат од МВР.
Според нив, во изминативе неколку години има позитивен тренд во демистифицирање на семејното насилство, што, како што велат, се должи како на засилените превентивно-едукативни мерки во кои што партиципира полицијата, така и на низата измени во кривично-правното третирање на семејното насилство.
Јорданчо Цветаноски