Една од најзначајните овогодишни посети на меѓународни претставници во Македонија беше онаа на Викторија Нуланд во склоп на нејзината балканска турнеја. Поради тоа што оваа посета во овдешната јавност беше пренесена речиси како што се пренесуваше светското првенство во фудбал во Северна Кореа, мислам дека има потреба дополнително да се подвлечат некои пораки од оваа значајна посета.
ВИКТОРИЈА НЕ ДОНЕСЕ ПОБЕДА
Првото е дека некои нејзини реченици за политичарите, изговорени уште во Загреб, беа кажани повеќе како за кај нас. Зборови кои, освен што повеќе ја опишуваа овдешната состојба, како да беа упатени на адресата на некои политичари кои сѐ уште се и на слобода, а и личат како да владеат. Сигурно не беа за Бериша, Санадер или Јанша, зашто тие веќе не се тоа, туку за штитеникот на обвинителот Зврлески, кој некни издаде соопштение налик на писмо за менторство над претседателот на ДПМНЕ.
Другиот аспект е дека за Македонија стана збор со претседателот на собранието на Албанија при тамошната посета. И, очигледно, не само поради актуелноста со протестите, туку тоа беа истите зборови за вонвременски работи, како Рамковниот договор итн. Истите зборови кои се повторија потоа главно и во Скопје.
МОЛКОТ УБИВА, КАКО И НЕГОВОТО ПРЕКИНУВАЊЕ
Но, ова, како и покренувањето на прашањето, од страна на Нуланд, за непропорционалноста во инвестициите во краевите каде што живеат Албанци. Прашањето, кое никогаш не беше покренато од актуелните парламентарни албански партии во Македонија, беше ставање печат со кој се евидентира еден од главните проблеми на земјата: политичката непретставеност на Албанците и делегитимирањето на постојните партии.
Работа која, всушност, првично тие самите и си ја направија себеси кога, откако долги денови молчеа по повод пресудите и протестите, издадоа потполно идентично соопштение. Истите тие партии, кои при изборите, дури и до степен да си го негираат албанството едните на другите, меѓусебно се караа и кои за ниедно прашање не можеа да настапат заеднички, сега со идентични зборови застанаа во одбрана на режимот.
Пак се покажа дека најлошиот момент на молкот е моментот на неговото прекинување.
ТРИ ВО ЕДНО ИЛИ ТРИ ЗА ЕДНО
Со тоа и така, со последните протести и случувања се покажа дека има нов, уште како поволен и потребен, политички моментум за ново политичко организирање меѓу Албанците во Македонија. Останува да видиме дали ова ќе се направи само со новото политичко артикулирање од страна на струшкиот градоначалник Зијадин Села, со најавеното ново организирање со поддршка и од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, или тоа ќе биде сосема некоја нова граѓанска платформа во која би биле вклучени и многу неалбанци, Македонци и други, како еден политички одговор на узурпираните институции и блокираниот евроатлантски пат на Македонија.
Иако ниедна од овие три опции не треба да се исклучи, мислам дека пресуден момент околу понатамошното подобрување на политичката претставеност на Албанците ќе биде, како никогаш досега, искажаната сеалбанската солидарност. Овој пат, во таа солидарност беа вклучени и многу влијателни албански кругови, од Америка и Европа, па сѐ до владите во Албанија и Косово.
Иако албанската изрека вели дека стравот е бесплатен, сепак, ако ДУИ веќе решила да стравува, да се плаши и да крева паника, нека не се занимава со анонимни пцости упатени кон конкретни медиуми и личности, по име и презиме, туку нека погледне таму од каде што и ќе ѝ биде издаден изводот од матичната книга на умрените албански партии.