Како помина обидот на ЕУ да ја „тргне“ Кина од Русија?

by Фокус

Угледот на Кина ќе биде загрозен ако и помогне на Русија да ги избегне меѓународните санкции, предупреди претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, по онлајн самитот со кинескиот претседател Си Џинпинг.

„Продолжување на војната и поголемо нарушување на светската економија не е во ничиј интерес“, напиша таа на Твитер.

Кина одби да ја осуди Русија за нејзината инвазија, додека ЕУ воведе санкции кон Москва.

Си рече дека Кина и Европа треба да обезбедат стабилност во нестабилниот свет, по руската инвазија на Украина, но се чини дека не нудат никакви предлози за ставање крај на војната.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел подоцна рече дека Кина се согласила „оваа војна ја загрозува глобалната безбедност и светската економија“.

Кина денеска и понуди на Европската унија гаранции дека ќе бара мир во Украина, но рече дека тоа ќе биде по нејзини услови.

Кинескиот премиер Ли Кечијанг им рече на лидерите на ЕУ дека Пекинг ќе се залага за мир на „свој начин“, додека претседателот Си Џинпинг се надева дека ЕУ ќе ја третира Кина „независно“, како знак на блиските врски на Европа со Соединетите држави.

Поврзани новости