Како од политичка партија се станува „злосторничко здружение“?

by Фокус

Текстот е објавен на 17-ти декември 2010-та во неделникот „Фокус“ во бројот 807

Пишувала
Јадранка КОСТОВА

Штом светот го прогласил 9 декември за Светски ден за борба против корупцијата, греота е да ја одмолчиме темичкава, особено што таа ни е најверна друшка низ мачнава транзиција. За корупцијата и ѓоа борбата против неа, може роман во десет тома да се напише, но, какво фајде од тоа!

Секоја власт кука и лелека за корупцијата на претходниците, се удира во јуначки гради колку ја сотрува и ничкосува во својот мандат, за потоа, кога ќе тресне, нивните сукцесори да обзнанат дека токму бившите ја надградиле корупцијата бааѓи.

И од секоја следна гарнитура гледаме римејк на истиот филм. Така, пак, корупцијата после секои нови избори излегува проширена и надградена. И „крачка по крачка“ во Македонија корупцијата е во фаза на преродба веќе две децении. Арно ама, ќе да е дека во „тази“ момент се дешава јубилејниот стотти чекор!

Тики, ај уште троа муабет за Денот! Знаеле тука да му одадат почит и властите со по некоја фешта. Пред некоја година, на пример, првите луѓе на единаесет институции потпишаа протокол за соработка во сузбивањето на корупцијата. За да ја продлабочеле нивната соработка! Во протоколот немаше графа за селективност во битката, ама глеј чудо, тоа стана второто име на овие институции.

Пред тоа, пак, претставниците од власта и политиката, бизнисот и невладиниот сектор ставија потписи на Декларацијата за „Нулта толеранција за корупцијата“ што ја иницираше „Транспарентност“. Се разбира никој не беше против. Удрија параф сите. А во Декларацијата стоеше и дека ЌЕ овозможат транспарентност во финансирањето. Да, да, беше во идно време, тие ќе … некогаш. И уште чекаме да ни ги откријат финансиерите.

ОКТОПОДОТ НА САНАДЕР

Ова само како илустрација дека декларации, протоколи, закони, рамковни договори можат да штанцаат ударнички ама „естетствено“ тоа не мора да значи ама баш ништо. А зошто е толку важно финансирањето на партиите? Зошто во таа грмушка лежи зајакот! Абецедата на антикорупциската битка налага прво и основно да се откријат плаќачите. Тоа Никола Груевски досега не го стори. А за само три години, партијата за избори потроши околу 5 милиони евра!

Лани, пак, за локалецот и претседателските добиле бесплатно медиумско претставување вредно околу 7 милиони евра. Се разбира, никој сериозен не ги зема за релевантни оние извештаи што партијата, или сите партии, ги доставуваат до ДИК. Тие повеќе сокриваат отколку што откриваат. Додуша, откриваат дека има нешто гнило штом толку се прикрива!

Да се тајат спонзорите, а да се говори за сериозна антикорупциска борба е малку шашава конструкција. Оттаму и јавноста е посиромашна за информацијата кому сѐ му е должник премиерот Груевски за скапите кампања на последните неколку изборни циклуси. Дали им се оддолжил? Како? Оттаму, и во последниот извештај што го добивме од Брисел се регистрира фактот дека „не се применети никакви санкции за политичките партии кои ги прекршија правилата за финансирање… Не се забележени кривични гонења во случаите поврзани со трошоците во изборните кампањи“.

Ако е за утеха, и во светски рамки политичките партии се означени како најкорумпирани. Дури 80 отсто од анкетираните за Транспаренси размислуваат така. Податокот, пак, дека во 2004-та година таков одговор дале 71 отсто, покажува дека партиите секоја година, во секој поглед, сѐ повеќе напредуваат. А дека ни Преродбениците не се „светско чудо“ говори тоа што 50 отсто од анкетираните веруваат дека нивните влади се „заразени“ со овој проблем.

Јавна тајна е дека параванот зад кој се затскрива корупцискиот дел на функционерите е дека митото или провизијата, се за партијата. И тука демек немаат грижа на совест дека прават далавера (според некои податоци во Африка волшебниот збор бил за „школарина на детето“). И така, оние што имаат мака, од зорт најчесто, за не дај Боже даваат за партијата. Иако, со тек на времето, веќе и не се знае колку од овие црни пари завршуваат во партиска црна каса, а колку во приватни бели џебови.

Штом власта контролира апсолутно сѐ, па и оние што се смислени за да ја контролираат неа, тогаш алчноста им расте како квасец, кочниците попуштаат, и партијата сѐ повеќе така добива елементи на „злосторничко здружение“.

На ваквиот негативен тренд во политичкиот живот, уште на почетокот од транзицијата предупредуваа експертите. Ако на една политичка група криминалот ѝ стане средство за остварување на политичка власт, таа сосема ненасилно ќе потпадне под дефиницијата на злосторничко здружение. Тогаш парите станале модус вивенди за врхушката?!

Е токму ваков опис се дава за екс премиерот на Хрватска, Иво Санадер и неговата дружина од ХДЗ. И каква иронија, но, Хрватите го прославија Светскиот ден за борба против корупцијата токму со симнување на пратеничкиот имунитет, налог за притвор, ем бегство на некогашниот прв човек на владата.

Да биде во истиот дух, пред неколку месеци, двајца поранешни пратеници до УСКОК (Уред за спречување на корупција и организиран криминал) покренале предлог за кривична постапка против Хрватската демократската заедница (ХДЗ) – партијата на актуелната премиерка Јадранка Косор, во која беше и Санадер, а заради „здружување во злосторничка организација“.

Иако експертите ова го оценија како политички гест, сепак земајќи ги на купче сите афери и сите судски постапки што се водат во Загреб против министри или директори завршувајќи токму со премиерот Санадер, па некои сугерираат токму ставањето под една капа на сите вакви случаи, во еден голем судски процес наречен „октоподот на Санадер“ заради „злосторничко здружување“!

ЖОЛТИ СЦЕНАРИЈА, ПОРТОКАЛОВИ ПЛАНОВИ

И зошто се занимаваме со случки од соседството, кога и дома имаме доволно првокласно штофче? Прво, затоа што во регионот обично настаните се играат по теркот „копи – пејст“. Второ, затоа што на собраниската сеанса за предвремените избори, пожолтените социјалдемократи како „јамб во најава“ ги фрлија коцкичките и им навестија на портокаловите Груевци слична судбина како на Санадер.

Јани Макрадули дури прогнозираше, да не речам им се закани, со своевиден Нирнбершки процес кој би се одвивал во салата „Борис Трајковски“, веројатно затоа што не постои толку голема судска сала да ги собере сите обвинети. Ова може да се протолкува и токму како сдсмовско дефинирање на вмровската врхушка како „злосторничко здружување“.

Се разбира, ова „жолто сценарио“ би можело да се реализира откако Бранковци ќе станат власт. Од опозициска позиција тоа е научна фантастика. Затоа, пак, нема да изненади доколку се остварат портокаловите шпекулации дека во блиска иднина актуелната гарнитура со нирнбершка иднина, нели, ќе уапси некоја ептен крупна ѕверка! Покрупна од Бранко во опозиција- нема. Неќе да е Грујо да апси некој близок од фамилијата!? Без оглед што Велија Рамковски себе си се доживува како појак и од премиер, сепак, би рекле, не е од тој калибар како Бране, иако не е за фрлање! Во моментов барем за преродбениците има поголема „тежина“ и од еден екс премиер како Бучко?

Но, за плановите на власта ќе оставиме да јават медиумите кои по природа на блискоста со Груевци , нормално „први дознаваат“. Ќе се обидам сега преку паралела со хрватскиот октопод на Санадер, да „докучам“ што би било кога би било. Или, од досегашните предавања на опозицијата, кои се потенцијалните кандидати за процесот во „Борис Трајковски“.

Интересно е дека како претходница за ловот на Санадер, беа уапсени еден вице-премиер и еден министер за полиција. Кај нас тоа би му дошло како Зоран Ставрески и Гордана Јанкуловска. Елем, бившиот хрватски министер за внатрешни работи, Берислав Рончевиќ е осуден на 4 години затвор за случајот „Камиони“. Поранешниот вицепремиер и министер за стопанство Дамир Поланчец веќе е правосилно осуден за 1 година и три месеци затвор заради тоа што на еден адвокат му дал пола милион куни за изработка на непотребна стручна студија.

Уф, ова како (не)дело повеќе асоцира на Бранко Црвенковски, бидејќи стручната му анализа „Надеж“ се есапи ем како прескапа, ем како непотребна. Како и да е, против Поланчец има обвинение и за малверзации во „Подравка“, а е дел и од истрагата за мучките во Хрватското електростопанство. Се сметаше за нависоко рангиран хрватски политичар кој е осуден на казна затвор, а окрка и неколку месеци во притвор. Сега веќе ќе падне на второ место оти еден е Санадер или Санадер е број еден.

Понатаму, особено сочен е скандалот со „Фими медија“, во која главен лик е директорот на царина Младен Баришиќ, кој бил надлежен и за партиските финансии. Веќе цела Хрватска верува дека од „Фими медија“ се извлекувале пари со кои биле полнети црните фондови на ХДЗ. Дека ХДЗ тие пари ги трошел на предизборни кампањи. Е сега, треба само да се идентификува главениот лик од преродбата кој бил задолжен за парите во ВМРО-то!

ШЕФОТ, КАПЕТАНИТЕ И ВОЈСКАТА

Многумина се сомневаат, да не речам се уверени дека зад сите овие корупциски скандали од владата на ХДЗ, а уште неколку се очекува допрва да се процесуираат, стои токму некогаш првиот човек на партијата, Иво Санадер. Одредени експерти затоа предлагаат јавниот обвинител да ги стави сите овие досиеја во една фасцикла за „злосторничка организација“ дело за кое според законот се битни 5 обележја: Тоа мора да биде структурирано здружение, да се состои од најмалку две лица кои делуваат во одреден временски период, нивна цел треба да биде сторување едно или повеќе кривични дела, а мотив – стекнување имотна корист односно задржување на надзор над поедини „господарски“ или други дејности. Во случајот на октоподот на Санадер сметаат дека сите 5 услови се исполнети.

Во шемата што ја нацртаа некои медиуми, Санадер е наведен или осомничен, сеедно, како организатор односно „капо ди тутти капи“. Под него биле управители, капетани за одредени подрачја. Под нив, пак, се членовите на организацијата- војници кои ги извршувале наредбите.

Она што многумина ги збунува е фактот дека во хиерархијата на организацијата на најниска скала – војници биле луѓе кои во пирамидата на власта биле на повисока функција. Така меѓу војниците на Санадер се ставени министри, државни секретари, членови на надзорни одбори или директори на јавни претпријатија.

Всушност, тезата што тука сега се пласира е дека на сите им е јасно дека шефот со своите капетани имале надзор над повеќе ресори каде што се кријат големи пари, но, и оние како медиумите и судството кои се важни за креирање на посакувана „стварност“.

Сепак, експертите како најважна специфичност што на оваа „злосторничка организација“ ѝ дала најголема моќ, го наведуваат фактот дека тие токму преку ХДЗ имале контрола и над управувањето со државата. Со други зборови, групата на Санадер морала да продре во ХДЗ, прво, затоа што тоа им овозможува заштита од казнен прогон.

Второ, под партискиот бренд бил во позиција да наложи, контролира и спроведува извлекување на големи суми пари од државните претпријатија и државни ресурси. Истовремено, пак, тоа се и главните причини поради кои „злосторничката организација“ инвестирала огромни средства во политичката кампања за ХДЗ да остане на власт – со тоа ем си купуваат имунитет од прогон, ем си отвораат нови прилики за уште пари.

Вака гледано, излегува дека ХДЗ всушност бил во симбиоза со „злосторничката организација“. Имал корист од неа, бидејќи се одржувал на власт благодарение на парите и организацијата на октоподот на Санадер. Оттаму, се сугерира дека би било коректно да се дефинира злосторничката организација во врвот на ХДЗ кој управувал со партијата, осигурувал финансиска корист за членовите на организација, а попатно и ги корумпирал останатите членови на партијата.

Тие можеби не биле припадници на октоподот, но знаеле за него, па затоа морало на некој начин да се купува нивниот молк и толеранција. Иако повеќето злосторнички организации ги карактеризира употребата на насилство, во еден ваков случај, кога врвот на една партија потпаѓа под дефиницијата на злосторничко здружување, единствено насилство била политичката сила – секому му било јасно дека ќе ја изгуби работата или политичката функција ако не прифати да ги слуша наредбите.

ДРУЖИНАТА ОД  „АНАЛИТИКО АИ“

Ете, мислам дека претходните стручни анализи за начинот на кој може правно да се третира една партија, во случајот ХДЗ, ми се видоа згодни и за паралела со правецот во кој се движат и нашите домашни партии. Кај нас работите обично доцнат, иако можеме да се пофалиме дека сме пред Хрватска, затоа што барем еден екс премиер, Бучковски веќе е во судски процес за корупција. Тој додуша куртули од притвор. За разлика од Загреб каде едногласно беше симнат имунитетот на Санадер, во нашето Собрание безмалку дојде до тепачка меѓу портокаловите и сините.

Второ, таму никој не протестира пред судот, како што овде се жестеа сдсмовците во одбрана на своите сопратијци, Бучковски или Заев. Сепак, можеби ѕврчката е во тоа што таму екс премиерот е под истрага кога неговите хадезеовци се на власт. Можеби и таму ќе се пееја поинакви песни доколку овие кривични прогони спрема десничарите беа временски лоцирани во левичарско владеење. Патем, и таму обвинетиот Санадер пишува писма на европски адреси дека е жртва на фабрикувани случаи.

И најпосле, кој би можеле да бидат евентуални главни ѕвезди во најавениот „Нирнбершки процес“? Кои би биле капетаните и војниците во евентуалното обвинение за „злосторничко здружување“, што го сугерира опозицијата?! Пред сѐ, кадровската база тие ја гледаат во фамозната фирма за интелектуални услуги „Аналитико АИ“ во која бил вработен голем дел од она што би било скицирано како капетани и војници. Та, „Аналитико“ го споменаа безброј пати во собраниските сесии што ги следевме овие денови.

Според опозицијата, ова е шемата на тајфата која владее со Македонија

Да потсетиме, според евиденцијата од Агенцијата за вработување што ја презентираа од „Бихаќка“ во „Аналитико АИ“ во периодот од 2004 до 2007 година биле вработени: Мартин Протуѓер, Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиевски, Елизабета Канческа, секретарката на премиерот Ленче Самарџиска, Александар Бичиклиски… Како еден од двајцата сопственици на оваа фирма во Централниот регистар бил впишан Ален Зекиров, сегашен телохранител на Сашо Мијалков, а управител без ограничувања бил Оливер Шамбевски, екс пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, а сега амбасадор во Кина.

Всушност, прашања што не добија одговор беа: Како „Аналитико АИ“ или партискиот врв на ВМРО-ДПМНЕ, добил 120.000 евра од македонски „Телеком“ приватизиран во време кога министер за финансии бил Никола Груевски? Од каде врвот на ВМРО-ДПМНЕ бил компетентен за маркетинг и дистрибуција на СИМ-картички? Дали „Аналитико АИ“ конкурирала на некаков тендер на „Телеком“ или го склучила договорот во четири очи?

Интересно е дека токму во оваа „аналитична“ група, многумина не препознаваат автентични вмровци. Тоа се главно пријателчиња на Груевски, кои ги запознал во разни други пригоди и околности, а не во ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму ја влечат паралелата со експертизата за злосторничката група во ХДЗ. Ним им треба партијата, а партијата има корист од нив, бидејќи оттогаш ДПМНЕ има преполна партиска каса!

Од сите досега наводи на опозицијата, може горе-долу да се скицира и македонската пирамида со нашиот организатор, капетани и војници. На пример, Бранковци веќе лоцираа и неколку портокалови пералници на пари. Како една од нив, и тоа на центрифуга, го идентификуваа ресорот на Миле Јанакиевски. Тука како ,црна точка, ги ставаат градежништвото, транспортот, црните фондови.

Второто место, иако најактуелно последниве недели, и го даваат на кулутрата и на Канчевска Милевска. Пред сѐ, заради проектот Скопје 2014, наколната наслеба во Охрид и разни други културни „направии“. Фактот дека многу од објектите се неколкукратно поскапи, секој нормален човек го прави сомничав за страничните бенефити од оваа „капетанија“.

ЖОЛТ СО ЦРВЕНО ПРЕЗИМЕ

Тоа што Миле Јанакиевски го добил спорот против Макрадули за клевета, или најавата на Канчевска Милевска за примена на истата алатка против Игор Ивановски, нема ама баш никакво значение за чистотата на нивните преродбенички проекти! Зарем тапијата од судот дека клевета е да се сомневаш во корупциски елементи во нивното владеење, утре ќе биде пречка за некаква евентуална истрага!

Впрочем, не се ни соменвам дека денес секоја тужба од нив, ќе биде во нивна полза. Затоа впрочем е битна и цврстата рака во судството. Не заради пари, туку заради лесно спроведување на плановите на „групировката“ што да се гони, што не. Кој да се осуди, кој само да се тормози со години. Или, политичка корупција која беспоговорните извршители во тоги ги унапредува, а своеглавите ги казнува. Е во ова улога опозицијата го препознава Михајло Маневски.

Медиумите се особено важни за создавање на митот за чесност и патриотизам на една гарнитура, додека таа слободно ги фура прескапите проекти. Тие треба да удрат лакировка дека овие барем нешто градат, а претходните ништо. Небаре, тие што градат не крадат … Напротив, тие уште полесно можат да полнат каси, оти народот е опиен од славното минато, од грандиозните градби, па, нема време да се занимава со напумпани цени.

Тука како „мастер мајнд“ е препознаен Мартин Протогер. Но, ова капетанија има уште две важни елементи. Парите кои се слеваа великодушно кон одредени медиуми, ама и вратките што за тоа ги добиваше власта од нив. Второ, какви бенефити добија газдите на медиумите кои облекоа портокалов дрес?! Преку која фирма одеа главно владините бомбардировки за разно-разни ѓоа проекти.

Во нашата нацрт-шема дадовме место и за енергетиката, бидејќи се претпоставува дека од ова славина ептен капнува… за партијата, нели. Извори за Фокус од опозицијата наведоа дури и конкретни фирми преку кои се одвиваат извесни марифетлуци со преродбеничката струја. Патем, вообичаено инкриминираните материјали се чуваат за вадење капка по капка, за главните збрцувања да се случат во финишот на изборната кампања.

При тоа, во ова пригода ги оставаме настрана сите можни злоупотреби за кои се шпекулира во ресорите земјоделие, екологија, здравство, разни тендери и набавки тешки и по неколку милиони евра, компјутери, спортски сали. Посебна приказна се и скиците кои покажуваат во кои капетании омрсуваат некои коалициони партнери на преродбата!

Сѐ на сѐ, после падот на ова групировка, најверојатно ќе имаме некоја варијација на нирнбершки процес барем според обемот на обвинетите. Само што додека дојде тој ден, нема да изненади доколку во портокалова продукција видиме со лисици уште некој жолтеникав најверојатно со црвеникава нијанса на презимето. Е дури тогаш ќе настане политички земјотрес во земјава. Оние што со Црвенковски го хранеа сопствениот рејтинг, а потоа така далдисани и аздисани го воскреснаа како фактор, мора да се дојдени до хистерија ако влезат во такво сценарио. Дури и „Надеж“-та на Бранко делува ситно наспроти нивните „надежни“ проекти од корупциски аспект. Ако си преблиску до власта можеш да изгориш, ако си предалеку можеш да се смрзнеш!

Едноставно речено, кога иако имате безмалку слични показатели и документи дека неколкумина работат криминално, а вие гоните само еден, и тоа токму непослушниот, тогаш тоа веќе не е битка против криминалот туку со непослушниците. Но работите овдека одамна се забегани.

Кога за сложени прашања за кои е неопходно знаење и интелигенција, се наредува што секој од нас треба да мисли, а се продуцира сомнение за едноставни, како што е констатацијата дека е криминал да се работи вон законот и дека смрди на корупција кога нешто со народните пари се плаќа двојно или тројно од нормалната цена, тоа е веќе знак за сериозна пореметеност, а не за преродба  на општеството. Таа, пак, веќе оддава „уметнички впечаток“ дека ги маршира последните чекори!

Но, ќе биде невидена иронија на судбината, човекот што самиот прогласи октопод во СДСМ, но никогаш не го улови, да се прослави еден ден со главата на октоподот на ВМРО-ДПМНЕ! Па, кој ќе биде македонскиот Санадер: Груевски или Црвенковски?

Поврзани новости