Како Неготино ќе ги искористи двата милиони евра од Владата: Детски лулашки, тротоар со бекатон плочки, реконструкција на локален пат…

by Fokus

Општина Неготино доби околу два милиони и сто илјади евра од Владата, средства кои ќе ги искористи за реализирање на четири проекти.
Како што информира неготинскиот градоначалник д-р Горан Стојанов, на јавниот повик од Министерството за локална самоуправа при Владата на Република Македонија за поддршка за реализација на инфраструктурни проекти во општините во земјава, Општина Неготино аплицирала со четири предлог проекти, за чие комплетно изведување биле одобрени финансиски средства во висина од 129.052.380 денари, односно 2.098.412 евра.

Околу тоа кое се инфраструктурните проекти, д-р Стојанов ги објави деталите.

Станува збор за изградба на парк со поставување на детски лулашки, реконструкција на 580 метри тротоар со бекатонски плочки, реконструкција на локален пат во должина од три километри, од село Долни Дисан до месноста Белград, како и поставување на фекална канализација, атмосферска канализација и улично осветлување во новата урбана заедница која се наоѓа на крајот на градот, кон населбата Тимјаник.

Во прилог, сите детали за најавените проекти за кои Владата одобрила над два милиони денари:

1. „Парк 8-ми Ноември“ КП 11359, Неготино
Проектот е со вкупна вредност од 13 608 869,00 мкд со ДДВ и истиот се протега на површина од 3 135 м². Паркот ќе содржи детски реквизити како лулашки со две седишта, клацкалки , гнездо за нишање и секако урбана опрема како корпи за отпадоци , летниковци за одмор ,фонтана за вода, шах маса, клупи. Просторот е запуштен и нефункционален и целосно обраснат со трева.

2. „Реконструкција на локален пат од с.Долни Дисан- Општина Неготино до граница со општина Кавадарци кај месноста Белград“
Проектот е со вкупна вредност од 74 115 587,00 мкд со ДДВ во должина од 3 км. Се дава приоритет на овој патен правец бидејки е во многу лоша состојба со постојни оштетувања и негова дотраеност. Оваа делница ја поврзува Општина Неготино со Општина Кавадарци ,а понатаму и со Република Грција. Реконструкцијата ќе се одвива на постоечкиот патен правец со поставување на елементи за прифаќање и одведување на атмосферска вода (шахти,канали,сливници,пропусти).

3. „Реконструкција на тротоар долж улица Маршал Тито ( од Либерта до Полиција) , Општина Неготино“
Проектот е со вкупна вредност од 10 367 576,00 мкд со ДДВ во должина од 580 метри.Тротоарот ке се изведува од бекатон коцки ,а по страните ке се поставуваат рабници. Исто така се предвидени и спуштени рабници за лицата со инвалидитет. Самиот проект не предвидува замена на постоечката подземна мрежа, но ако се утврди на терен дека е неопходно истата ќе се замени со постоечки средства од буџетот на Општина Неготино.

4. „Урбана заедница 5 , Урбан блок 5.1 , дел, втора фаза, Општина Неготино“

Проектот е со вкупна вредност од 30 960 348,00 мкд со ДДВ. Урбана заедница 5 , поточно урбан блок 5.1 , е нова урбана заедница која што се протега најужно од градот Неготино кон населбата Тимјаник во плански опфат кој е предвиден за домување. Предвидени се неколку фази и тоа како дел од улици- фазна градба –втора фаза , Водоводна мрежа, Фекална канализација, Атмосферска канализација и Нисконапонски развод и улично осветлување.

Вики Клинчарова

Поврзани новости