Многупати сме се затекле да приговориме „Како не им е срам ова што го прават?“, прашувајќи го тоа во себеси, а сега дури и се почесто на глас. Епа мора да ве разочарам и да ви кажам дека – Не им е срам! Ич не им е срам и никогаш нема да им биде срам. Да им беше, немаше да дојдеме до овде. Да им беше срам, немаше толку многу пари да бидат излезени од Македонија од наш грб, наши пари, државни пари. Да им беше срам, немаше да се собираат донации за деца и поплави, немаше да ве тераат да молите и плаќате за работа, за правда, за нешто што ви следува. Да им беше срам, немаше да возат мерцедеси од 600 000 евра и да носат скапи позлатени очила за сонце додека народот чека ред во банка да подигне еден кредит за да исплати друг. Да им беше срам, немаше да нарачуваат шамари, туку сами ќе си ги удираа. Ама они немаат одговорност за сопствениот срам и не им е срам.
Они умешно работат на тоа, вас да ви биде срам од нивните дела по она познатото „изела ме туѓа срамота“. Они сакаат вие да се срамите поради нивните несовесни и неодговорни постапки. И затоа да молчите и да се чудите „како не им е срам?“!
Епа народе, нели ви беше доста од 10 години чудење? 10 години да се запрашувате ЗОШТО? А и после 10 години, ние се уште се запрашуваме ЗОШТО? Доста е со вакви реторички прашања. Нема веќе – зошто? Нема веќе „ги прашуваме преставниците од Власта“. Нема што да бараме одговори во нивните злодела. Треба да реагираме дирекно во коска. „Пукаш“, па прашуваш. А не прашуваш, па чекаш, па после најауваш дека ќе пукаш, па одбројуваш, па опоменуваш, па на крај викаш гласно – ќе пукам, еве пукам.. и пукаш со мртов рефлекс, со закаснета реакација. И освен што си ја промашил поентата, туку отишло и времето, се изгубила суштината! И за сето тоа време додека се прашуваш ЗОШТО, они не само што го извадиле своето оружје, туку и ти ги земале куршумите и со нив те пукаат назад!
Затоа, доста прашуваме, време е да кажуваме и покажуваме! Еве, на пример денес на протест, во 17 часот пред Собрание!
А да, и ќе заборавев, ДОСТА веќе и со она „Децава ќе ви се срамат од тоа што го правите!“ Не, нема да им се срамат! Децата ќе им учат и растат во странство со наши пари, додека вашите ќе молат за легло во студентски домови, ќе чекаат пари од пензијата на бабите и дедовците, ќе висат во штаб за вработување со завршен факултет, за на крај во целата разочараност ќе се иселуваат од Македонија, далеку од вас, далеку од дома.
Треба да сфатите дека вие не сте и должни на власта, туку сте должни на вашите деца. Да се изборите за нивна подобра и светла иднина. А се додека таа битка ја избегнувате и не ја сфаќате сериозно, Власта ќе ги задолжат и вашите внуци.. без грам срам и одговорност од вас!
Затоа, се гледаме во пет!