Повеќе наши поранешни и актуелни јавни функционери во своите албуми имаат фотографии на кои гордо позираат покрај бугарскиот бизнисмен, доктор и рокер, Милен Врабевски. Бизнисменот за кој вчера пишуваше ,,Фокус” е финансиерот на бугарските клубови ,,Ванчо Михајлов” и ,,Цар Борис Трети” кои се отворија во Битола и Охрид, именувани според контроверзни историски личности, а чие отворање ја вознемири македонската јавност.
Основачот на Фондацијата ,,Бугарска меморија” со години наназад е актуелен во залагањата кирилицата да се нарекува бугарска азбука, бидејќи како што има изјавено во бугарските медиуми, Бугарија ја создала кирилицата, и благодарение на тогашната политика која ја водела Бугарија, се распространила низ цела Источна Европа. Познат е и по своите донации во повеќе области, а токму донациите и го донеле во Македонија, па фотографиите со наши функционери се направени најчесто на такви настани.
На пример, често донира во Делчево, а градоначалникот Горан Трајковски во повеќе наврати се има пофалено со неговите донации кои лично им ги носел. Масички за детска градинка, столчиња, дидактички средства, опремување на занимални, средства за заштита во екот на пандемијата со корона вирус… се само дел од средствата кои Општина Делчево ги добила од бугарскиот бизнисмен. За разни кампови за ученици од Делчево, Виница, Македонска Каменица, Берово, посета на ученици во Брисел, во ЕУ Парламентот, и низа на активности финансирани од неговата фондација сведочат жителите на овие општини.
Делчевскиот градоначалник Горан Трајковски за ,,Фокус” вели дека соработката со Врабевски започнала случајно, пред неколку години. Освен во градинката и училиштата, тој помогнал и во реновирање на кровот на тамошниот храм.
-Неколку години соработуваме со бизнисменот Врабевски, тој самиот се понуди да помогне со свои донации. Од она кое ми го кажа, изразил желба да помогне бидејќи со сопругата се венчал во црква во Ново Село, па како еден вид на благодарност, сакал да направи нешто добро за општината и генерално за Македонија. За време на неговите посети не сме разговарале за историски теми поврзани со минатото на Македонија и Бугарија, значи соработката беше исклучително поради неговата солидарност. Сега, кога се актуелни реакциите по повод отворањето на клубовите со имиња на контроверзни личности, секако дека не се согласувам клубовите да бидат именувани така како што се. Тоа ги погодува националните чувства на нашиот народ – ни изјави градоначалникот Трајковски.
Во 2018 година пак, Врабевски финансираше одбележување на сто години од смртта на митрополитот Герасим Струмички во храмот ,,Свети Кирил и Методиј” во Струмица. Се објавија негови фотографии со струмичкиот митрополит Наум, како и со повеќе наши јавни личности. Од Струмица тогаш најави конкурс со парични награди за младите од Источна Македонија, на тема животот на митрополит Герасим.
Наредната година пак, тој заедно со својот рок бенд ,,Intelligent music project” одржа концерт во Струмица, за кој кажа дека е негов божиќен подарок за Струмица и Македонија. Концертот беше проследен од голем број на луѓе, а потоа позади сцената Врабевски делеше автограми на фановите од Струмица.
И фотографија на Врабевски со поранешниот премиер Зоран Заев од вчера се споделува на социјалните мрежи. Станува збор за фотографија од 2017 година, на која покрај нив двајцата се наоѓаат и европратеникот Андреј Ковачев и струмичкиот митрополит Наум, а истата е направена во Скопје.
Во врска со фотографијата со Врабевски, Заев за ,,Фокус,, вели дека тоа е нивна единствена заедничка фотографија која била направена за време на единствената средба која воопшто ја имале. Потврдува дека средбата се случила на иницијатива на бугарскиот бизнисмен, а темата биле добрососедските односи.
Уште тогаш Врабевски јавно раскажа за нивната средба која се случила на негово инсистирање во Скопје.
-Целта на средбата беше да се разговара за проблемите од двете страни на границата, како и предлози за продолжување на добрососедските односи помеѓу двете држави. Разговорот помина во другарска атмосфера, а темите покриваа конструктивни иницијативи за успешен двостран труд во рамки на евроинтеграциите – напиша тогаш Врабевски на социјалните мрежи.
Тој е финансиер и на настани на ученички фудбалски клубови од земјава, а при посетата во Битола пред неколку дена објави дека го финансира и Детското ликовно студио ,,Свети Кирил и Методиј”, односно колонијата ,,Мал битолски Монтмартр”. На здравствени институции во Струмица и Делчево им донираше заштитна опрема во екот на пандемијата, а пак во Мала Преспа, каде живеат Македонци, донираше противпожарно возило и автомобил за социјална патрола.
Дали и по отворањето на бугарските клубови со имиња на контроверзни личности кои се поврзуваат со фашизмот, а кои ја вознемирија македонската јавност, донациите на Врабевски ќе бидат дочекани со ширум раширени прегратки, или пак ќе прекине неговата соработка со институциите каде во минатото се нашол во улогата на донатор, е прашање на кое треба да одговорат засегнатите.
Дали поради повредени национални чувства, оние на кои им се нудат донации од страна на човекот кој предизвика јавни протести и вознемиреност во земјава, ќе имаат доблест да кажат – Не, благодарам, или пак ќе продолжат да ги примаат солидарните подароци од бугарскиот бизнисмен, ќе покаже времето, а и самиот Врабевски, како и досега, кога по секоја донација во Македонија ги споделува деталите на својата страница.
Во меѓувреме, додека не стивнуваат реакциите по повод отворањето на клубовите ,,Ванчо Михајлов” и ,,Цар Борис Трети”, неофицијално, Владата преку Министерството за правда разгледувала правење на закон со кој како антифашистичка држава, ќе ја забранела регистрацијата на називи кои на било каков начин се поврзани со фашисти, нацисти и нивни соработници и поддржувачи.
Вики Клинчарова