По политичките промени, главно исти компании продолжија да ги добиваат милионските тендери од АД ЕСМ за работа во рудниците на РЕК Битола. Но, на оваа сцена влезе и еден нов играч – „СВ-Инвест“ на Стојан Чифлигароски, кој јавно изјави дека е пријател со бизнисменот Вице Заев, брат на поранешниот премиер Зоран Заев. За период од само 3 години, неговата фирма доби тендери вредни 6 милиони евра, пред во 2021 година изненадувачки да падне во стечај.
Влатко СТОЈАНОВСКИ
Сепак, истовремено никна „Новоматрикс“ во формална сопственост на поранешниот управител на „СВ-Инвест“ – Александар Наумов. Како што пишува најновиот број на неделникот „Фокус“, „Новоматрикс“ склучи два договори за технолошко чистење во РЕК Битола вредни над 3 милиони евра. Притоа, вториот договор лани го доби во постапка со директни преговори, откако пропаднале неколку обиди да се спроведе отворена тендерска постапка.
Според податоците што ги обезбедивме, „Новоматрикс“ има исклучително „богата“ и „шарена“ историја. Од една страна, оваа компанија денес се поврзува со декларираниот пријател на Заеви – Чифлигароски. Но, пред да ја преземе неговиот близок соработник Наумов, кој му беше управител во „СВ-Инвест“, таа имала друг сопственик, во чија сопственичка структура поминале главните бизнис-фактори од времето на „преродбата“.
Историјатот на „Новоматрикс“ покажува дека фирмата е основана во 2013 година од страна на Оливер Димитровски со седиште во Тетово како друштво за трговија со облека под назив „Фешн Индустри“. Веќе во следната 2014 година, го менува називот во „Новоматрикс“ и го сели седиштето во Скопје. Во 2016 година, пак, нов сопственик станува „Архи“ или денешна „Панорама Резиденс“, низ која минале многу содружници, така што денес е во целосна сопственик на „Орка“.
Паралелно со преземањето на „Новоматрикс“ од страна на „Архи“, нов управител станува Лилјана Гајдоска, која била дел од повеќе субјекти во групацијата на Камчеви. И Камчев и Гајдоска беа опфатени со обвинението во случајот „Империја“, кое се однесуваше на перење пари. На крајот, и двајцата склучија спогодби со обвинителството за признание на вина, врз основа на која Камчев „одлежа“ една година во затвор и плати над 5 милиони во државната каса заради пресметан неплатен данок.
Што се однесува до „Новоматрикс“, таа е во сопственост на „Архи/Панорама Резиденс“ до крајот на 2017 година, кога нејзин нов газда станува извесен Гоце Милески од Охрид, кој, според нашите сознанија, е роднина на Зоран Милески – Кичеец, осуден во случајот „Рекет“, во чии рамки, по пријава на Камчев, беа осудени и Катица Јанева и Бојан Јовановски. Освен тоа, Кичеец периодов се „прослави “ како посредник во случајот црногорскиот бизнисмен Миодраг Дадиводиќ – Дака, а предизвика и сообраќајка додека одлежуваше затворска казна.
Инаку, помалку познатиот Милески ја презел компанијата со паричен влог од половина милион евра, кој практично е набилдан за време на претходниот содружник „Архи“, кој всушност го презема друштвото со главнина од над 6 илјади евра. Кон средината на 2018 година, компанијата го сели седиштето во Битола, но го менува сопственикот, па единствен содружник станува Наумов. Денес, ова друштво за подготвителни работи на градилиште, пак, е лоцирано во Струмица.
Историјатот на „Архи“ или „Панорама Резиденс“ покажува дека таа е основана во 2005 година и првично била во сопственост на турска компанија, а подоцна „на хартија“ се појавува и бизнисменот Ајдован Адемовски. Така е до 2010 година, кога компанијата ја презема веќе непостоечката „Архи Инвестмент“, која, според проверките што ги извршивме, била во сопственост на „Орка“ на Камчеви и на офшор-компанијата „Ексико“, која, како последица на соработката на Камчев со органите на правдата, се испостави дека е на сопругата на Сашо Мијалков – Александра Мијалкова.
Во меѓувреме, на управителската позиција се менуваат споменатата Гајдоска и уште еден бизнис-играч на Камчев – Горан Манов, кој бил управител на „Телеграф“, „Ибис“, а во еден период бил газда и на „Архи“. Во однос на сопственоста, нема промени сѐ до 2014 година, кога „Архи Инвестмент“ излегува од сопственичката структура, што не менува ништо суштински бидејќи нејзините основачи „Орка“ и „Ексико“ потоа стануваат директни сопственици.
Во следните години се регистрираат голем број промени во сопственоста. Па, во еден период влегла компанијата „Си Фи Кар“, која веќе е правно неактивна, а како нејзин последен сопственик фигурира Кристина Камчева, сестра на Камчев. Исто така, содружник станала и „ССИ Инвестмент“, која стана актуелна за време на судскиот процес „Плацови на Водно“, кога Камчев и неговиот зет Мето Стојчевски тврдеа дека оваа компанија била покритие за апартмани на Никола Груевски во комплексот „Панорама“ на Водно.
Откако кон „Архи“ се присоединува „Сити Груп“, во сопственичката структура во 2019 година се враќа „Орка“ на местото на Манов. Тој останува управител, но за кратко време е заменет од Роберт Џоноски, кој, пак, подоцна е заменет со сегашниот управител Оливер Алексовски. Една година подоцна, „Орка“ останува единствен содружник во „Архи“, веќе преименувана во „Панорама Резиденс“, откако излегува фамозната „ССИ Инвестмент“.
Оттука, Камчев и негови блиски компании и соработници прават постојано влез-излез од сопственоста на „Архи“ или „Панорама Резиденс“, така што по многу трансфери неговата „Орка“ денеска е единствен сопственик на фирмата, која во еден период во 2016-2017 година ја поседувала и „Новоматрикс“, друштво што подоцна преминува во сопственост на близок човек на Чифлигароски, кој ем се декларира како пријател на Заеви, ем бил познаник и соработник и со Камчев.
Според информациите до кои дојдовме, „Новоматрикс“ работи во РЕК Битола и како подизведувач на „Марковски Компани“ и други компании што ги добиваат најголемите тендери. Воедно, компанијата се уште го поседува атрактивниот објект на скопско Водно познат како некогашно поштенско одморалиште. За потребите на оваа сторија, се обративме до сите засегнати страни, но не добивме ниту еден одговор.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.