Откако минатата седмица Здружението на естрадни уметници информираше дека е поднесено официјално барање до Владата, во кое се апелира за помош на најзагрозените припадници на естрадната бранша, деновиве музичарите повторно се огласија, со јавна реакција до Владата.
Истата голем број на музичари ја споделија на своите профили, и бараат одговор на прашањето – Како да преживееме?
-Бидејќи на нас никој не помисли, да ве потсетиме дека постоиме. Сите ние, музичари кои своите приходи ги обезбедуваме од музички ангажмани на веселби, собири и разни други манифестации. Сите ние, секој на свој начин ги подмируваме обврските кон државата (придонеси, даноци, итн…) Но, сега сме во една незавидна ситуација, кога не можеме на своите семејства да им обезбедиме егзистенција и не ни е баш јасно зошто е тоа така. Веројатно сега многумина од вас ќе не нападнете и ќе речете како не ни е јасно? Пандемија владее, вирус со смртни последици !!! Почитувани, да ни објаснете како тоа вирусот е смртоносен за 200-300 гости на свадба, а не е опасен за 200-300 вработени во некоја фирма? Или селективно функционира вирусов, ако работите не ве напаѓа, а ако се веселите, е тоа е друга приказна, тогаш е многу многу опасен. Немојте со објаснување дека работниците во фирмите се заштитени со маски, работат на растојание од 2 метри. Немојте, затоа што добро знаеме сите дека не е така. Што со нас??? Како да преживееме???- пишува во отворената реакција од страна на уметниците кон Владата.
Кога минатата седмица од Здружението на естрадни уметници информираа дека е поднесено официјалното барање за помош до Владата, фолк пејачот Благоја Грујовски, кој е еден од челните луѓе во здружението, ни изјави дека барањето за помош се однесува за најзагрозените музичари, на кои настапите им се единствен приход.
– Да нема погрешни интерпретации, ова не се однесува на естрадните уметници кои се добро ситуирани, и оние кои имаат каква – таква поткрепа. Здружението на естрадни уметници на Македонија ЗЕУМ во актуелната состојба реши да застане зад многубројната естрадна бранша која во моментов веројатно нема друг легален претставник. Се обративме до Владата да најде начин да им се помогне на оние припадници на нашата естрадна заедница кои се во моментов егзистенцијално загрозени поради неможноста да работат. Секако дека со кризава се погодени сите кои се занимаваат со оваа работа, а ги има неколку илјади, но оваа иницијатива ја покренавме со цел да им се помогне само на оние кои се во најтешка ситуација. Доколку државата покаже волја да помогне, ќе ги евидентираме оние колеги на кои им е неопходна таа помош. Чекаме одговор – изјави за Грујовски за „Фокус”.
Вики Клинчарова