Како на Мијалков од шест предмети му останаа уште два од кои еден застарува?

by fokus

Богатиот осуденик за кого поранешното Специјално јавно обвинителство пред околу 7 години само редеше обвиненија и отвораше нови и нови случаи, а медиумите правеа анализи за „подемот и падот“ на поранешниот шеф на УБК, сега брои наназад.

Ако по падот на ВМРО-ДПМНЕ се броеше колку обвиненија и колку пресуди има донесено против Сашо Мијалков, сега се брои од колку предмети ќе се спаси.

Од 6 предмети кои беа отворени против  Мијалков, со вчерашното застарувањето на делото за „Титаник 2”, четири случаи се решени, и тоа во корист на Мијалков. Сега во тек се повторените судења за „Таргет-тврдина“ и „Трезор“. Првиот предмет има големи шанси да застари, единство не застарува случајот „Трезор”.

„ТИТАНИК 2“

По десет години од денот кога наводно го сторил кривичното дело за коешто се гони, вчера застаре делото за Мијалков од предметот „Титаник 2“ .

Според неговите адвокати делото му застарело уште на крајот на март, а според обвинителството делото застарува вчера, откако Апелација ја одложи јавната седница којашто беше закажана за на 30 март, една недела пред да му застари делото.

Седницата се одложи оти на неа не дојдоа дел од обвинетите, лидерот на ДПА, Мендух Тачи и поранешните члeнови на ДИК Влатко Сајковски, Анета Стефанова и Сашо Срцев.

Тогаш, претседателот на советот,судијата Ѓоко Ристов констатираше дека обвинетите не биле уредно поканети.

Мијалков се гонеше за кривично дело примање награда за противзаконско влијание.

За овој случај пет години не беше донесена правосилна пресуда. Судењето започна во април 2018 година, осудителна пресуда од Кривичен беше донесена во март 2019 година, но Апелација во декември 2019 ја укина и го врати предметот на повторно судење.

Втората првостепената пресуда за „Титаник 2″ беше донесена на 23 јануари оваа година, непосредно пред застарувањето на делото за Мијалков. Кривичен побрза да го испрати предметот во Апелација, но оттаму им го вратија со образложение дека не бил испочитуван рокот за жалба од 15 дена.

Кривичен,по рокот повторно го испрати предметот до Апелација. По мислењето од Вишото обвинителство, Апелација закажа јавна седница, непосредно пред застарувањето, па ја одложи.

„ПЛАЦОВИ НА ВОДНО“

Апелација му ја преиначи затворската казна за случајот „Плацовите на Водно“, во условна осуда. Предметот не го врати на повторно одлучување, како што беше пракса досега, туку донесе одлука што е мериторна, односно правосилна.

Ова е прв предмет за Мијалков, за кој Апелација одлучил мериторно, додека другите предмети ги враќаше на повторно судење, иако застаруваа.

Со првостепената пресуда, тој беше осуден на 1 година и 3 месеци затвор за помагање во кривичното дело перење пари. Но, второстепениот суд објаснува дека бил само помагач и неговите дејствија не биле реални, туку вербални.

Условната казна за поранешниот директор на УБК значи дека затворот од 1 година и 3 месеци нема да се изврши ако тој во следните 4 години не стори ново кривично дело.

ПОТВРДЕНА СЛОБОДА ЗА „ТОРТУРА“

Еден ден претходно, пред одлуката за „Плацовите на Водно“, истиот суд ја потврди ослободителната пресуда за случајот „Тортура“. Судот објави дека ја потврдува ослободителната пресуда што ја донесе Основниот кривичен суд за Мијалков и припадниците на поранешната полициска единица „алфи“ во случајот „Тортура“.

Првостепената пресуда беше донесена на 23 јули 2021 година. Предметот „Тортура“ се однесува на начинот на апсење на лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, на 6 јуни 2011 година, ден по тогашните парламентарни избори.

При изрекувањето на првостепената пресуда, судијката Александра Ристеска рече дека обвинителството не докажало надвор од основано сомнение дека тие се виновни за делот мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување.

ЗАСТАРУВАЊЕ ЗА „ТАРГЕТ-ТВРДИНА“

И додека за „Плацовите на Водно“, Апелација ниту еднаш не го врати случајот на повторно судење, а за „Тортура“ пресудата беше јасна, разбирлива и без суштествени повреди,  за најбитниот случај, за кој и се формираше Специјалното јавно обвинителство, односно за масовното прислушување, Апелација се мислеше и го врати случајот пред да застари.

Со оваа одлука на Апелација, големи се шансите Мијалков да се „извлече“ од случајот, бидејќи неговото дело застарува за 2 години.

Поточно, на почетокот на 2025 година застаруваат делата на обвинетите за масовното прислушување, што би значело дека во рок од 2 години од сега, при повторување на постапката, ќе треба да се донесе нова првостепена пресуда и таа да стане правосилна.

За да се добие целосна слика, првиот пат, пак, само за носење на првостепената пресуда беа потребни повеќе од 3 години. Ваквото сценарио најмногу му одговара на Мијалков, кој Кривичниот суд го осуди на 12 години затвор.

Тој се гонеше за три кривични дела, односно за „Злоупотреба на службената положба и овластување“ за што е осуден на казна затвор од 5 години, за „Злосторничко здружување“ на казна затвор од 5 години, и за „Примање награда за противзаконито дејствување“ на казна затвор од 3 години.

ТРЕЗОР“ НЕ ЗАСТАРУВА

Претходно, Апелација ја укина првостепената пресуда и за случајот „Трезор“ за начинот на набавката на британска опрема за следење на комуникациите, за што поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, и ексфункционерите на Управата и на МВР, Горан Грујевски, Небојша Стајковиќ и Тони Јакимовски добија повеќегодишни затворски казни од страна на Кривичниот суд во Скопје.

И во овој случај каде што Мијалков беше осуден на 8 години затвор, Апелација констатирала дека првостепениот суд сторил суштествени повреди на одредбите од Законот за кривична постапка.

Сепак, ова дело не застарува скоро.

-Имајќи го предвид член 107 и 108 од Кривичниот законик, а воедно и казната предвидена за кривичните дела што му се ставаат на товар (член 353 став 5 вв став 3) и по направените пресметки согласно овие одредби, произлегува дека делата застаруваат заклучно со декември 2052 и јули 2054 година, објаснуваат за „Фокус“ од Коалицијата „Сите за правично судење“.

И за двата случаи по огромните реакции во јавноста, Судскиот совет констатираше дека неоправдано долго се чувале во фиока.

„ИМПЕРИЈА“

Мијалков сега се наоѓа во затворот во Струга, каде што ја издржува тригодишната затворска казна за случајот „Империја“. За овој случај се спогоди со Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Поточно Мијалков призна вина, и со обвинителството се спогоди да лежи 3 години в затвор и да плати 6 милиони евра во кеш и 30-тина милиони евра во имот, од кои 25 станови.

Истрагата беше отворена во ноември 2018 година. Осомничени, освен Камчев и Мијалков беа уште 11 лица, а само тројца седнаа на обвинителна клупа.

Па така, од 6 предмети за кои бил осуден Мијалков, 5 предмети „висат“, единствено „Трезор“ не може да застари. Сега во тек се повторените судења за „Таргет-тврдина“ и „Трезор“.

Со оглед на тоа дека на почетокот кога му се поднесуваа обвиненија и му се изрекуваа пресуди, на Мијалков му се собираа десетици години затвор, за некоја година може да „ја добие“ војната и да биде слободен.

Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Поврзани новости