Гитарската легенда Влатко Стефановски (65), познат во јавноста по својата богата децениска кариера, познат е и по и тоа што не зборува често за својата приватност. Ретко откривал детали за неговото семејство, па како изненадување за јавноста дојде неговиот настап на ,,Златна бубамара на популарноста” во 2019 година, кога заедно со него на сцената се појави и неговиот син Јан, во чија придружба на тапани ја изведоа „Учи ме мајко, карај ме“.
За емотивниот настап кој ја допре пубиката се зборуваше и пишуваше долго по манифестацијата, а тогаш 19-годишниот Јан, се уште младо момче, покажа дека сериозно навлегува во светот на музиката.
Неговиот татко на манифестацијата доби две награди, една за најдобар концерт и една за најдобар албум „Мајчин јазик“, кои ги посвети на починатата сопруга и мајка на Јан, Гордана, и на починатиот брат Горан. Тоа беше тежок период за семејството Стефановски, бидејќи Гордана почина кон крајот на 2017 година, а пак Горан почина во ноември 2018 година. Таткото и синот ја најдоа утехата во музиката.
Денес, повеќе од четири години откако пошироката јавност го запозна, Јан веќе со сигурни чекори го оди музичкиот пат и има доста настапи зад себе. Најавен е негов перформанс на Skopje Drum Festival 2023 кој ќе се одржи во кино Фросина на 31-ви октомври, а на страницата на Skopje Drum Talks е објавена и неговата биографија, каде е наведено дека уште од тинејџерски денови го привлекувале тапаните.
Јан сега е студент на Универзитетот Гоце Делчев во Штип, смер- џез музика, отсек-џез тапани. Уште пред да заврши гимназија во 2019 година, заедно со басистот Иван Кукиќ, син на музичарите Ленче и Горан Кукиќ од Струмица, и со неговиот татко започнаа со настапи како Влатко Стефановски Трио.
Со таа постава веќе имал над 100 отсвирени концерти во регионот и пошироко, а исто така стана препознатлив и по настапите со бендот „Ју фор ју“ основан од Иван Кукиќ, и свират екс Ју музика.
Настапите со триото поминуваат во еуфорична атмосфера, а подмладокот на нашиот виртуоз на гитара со секој перформанс покажува дека Македонија има надежен и амбициозен музичар чие време веќе е дојдено.
Вики Клинчарова