Како Милошевиќ и Самарас сакаа да ја делат Македонија, ама Американците ги спречија!

by Фокус 12:11
12:11

Текстот е објавен на 12-ти септември 2008-та во неделникот „Фокус“ во бројот 689

Пишувал
Стојан АНДОВ

- Advertising -

Во 1949 г. се случија три крупни настани од светско историско значење. Прво, Советскиот сојуз ја изврши првата проба на својата атомска бомба, со што беше дадено на знаење дека американскиот монопол врз нуклеарното оружје веќе не постои. Со тоа почна ерата на меѓусебно нуклеарно застрашување, што беше гаранција дека до директен оружен судир меѓу двете супер-сили нема да дојде.

Второ, во Кина победија комунистите на Мао Це Тунг. Прва земја во светот што ја посети Мао беше Советскиот сојуз. Со тоа се истакна дека тие две земји ќе имаат стратегиска соработка и дека во светот комунизмот направил нов крупен чекор.

Трето, најризичната точка во студената војна, војната во Грција, заврши кон средината на таа година со разгром на комунистичките сили, со употреба на најсовремените средства од класичното оружје (напалм) и со панично бегство од Грција на остатокот од победените, како и многубројно цивилно население од краиштата каде се водеа борбите. Тие околности го наведоа Сталин да го премести тежиштето на ширењето на светската револуција.

Година дена по сите овие настани започна Корејската војна. Сталин немаше намера да го остави на мир западот кој се раководеше од Трумановата доктрина, а истовремено на своеглавиот Мао, кој при посетата на Москва очигледно демонстрираше желба за комплетна рамноправност во односите со СССР – со Корејската војна да му ги врзе рацете за подолго време.

Американците успеаја на северно-корејската инвазија да ѝ ги спротивстават Обединетите нации, а на одлуката на Советот за безбедност за таква интервенција Советскиот сојуз не стави вето, туку амбасадорот на таа земја пред гласањето едноставно излезе од седницата. Сталин, кој го обвини Тито за претерани амбиции на Балканот и за ризикување Советскиот сојуз да го доведе во директен судир со Соединетите држави, во новата ситуација оцени дека Американците се презафатени во Азија и тој може дополнително да го притисне Тито и да му се закани со воена интервенција од страна на своите сателити.

МАКЕДОНЦИТЕ БИЛЕ РИЗИК И ОПАСНОСТ

Заканите очигледно станаа многу препознатливи во 1951 и 1952 г. Тито, кој на времето со задоволство ги прифати Сталиновите идеи за комунистичко освојување на власта во Грција, сосема се сврте и, откако го „опипа“ расположението во Британија и во Америка, ја почна иницијативата за балканска соработка што заврши со т.н. Балкански пакт. Веќе во 1952 г. беа во тек интензивни контакти и подготовки за склучување одбранбен сојуз на Југославија, Грција и Турција, кој тие земји требаше да ги заштити од евентуалната инвазија од источниот блок.

Како Сталин 1948-та, нешто подоцна и Тито „испра раце“ од воената авантура во Грција, па за време на завршните воени операции во граѓанската војна во Грција, ги затвори границите дури и за цивилното население. Во интензивните активности за создавање на Балканскиот пакт, што требаше да биде нешто како своевиден додаток на НАТО, и Грците и Тито кон Македонците се однесуваа како пречка за нивната соработка.

Во 2005 г., од Воено-историскиот институт во Белград е објавен зборник на документи од активностите и склучените спогодби за периодот на т.н. Балкански пакт. Во тие документи се гледа дека од југословенска страна учествуваат стотици дипломати, воени лица и политичари, но не можете да најдете Македонец. Само на една протоколарна средба на воени делегации на генералштабовите на Грција и Југославија, во тричлената делегација, како трето стои името на генералот Тихомир Милошевски, а една до две депеши од неколкуте стотици ќе најдете дека се потпишани од политичкиот советник на југословенската амбасада во Анкара, Киро Хаџивасилев. Тоа е сѐ.

Со оглед на старите сталинови планови и барања за пристап на Средоземното море, воените експерти на трите балкански земји оценувале дека евентуалната агресија од сателитските земји на СССР врз земјите на Балканскиот пакт би имала тежиште во нападот врз југословенска и грчка Македонија и грчка и турска Тракија.

Најчесто средбите на претставниците на генералштабовите во разработка на одбранбената концепција на трите земји се одвивале во Струмица. Но, Македонците не само што не биле присутни, туку претставувале и извор на ризик и опасност. Особено кога некој повисок државен раководител од Грција или Југославија со воз патувал низ Македонија, за време на тие меѓусебни посети нашите Егејци беа – притворани. Така, од една ноторна авантура на Сталин, дошло до едно комплетно неодговорно поигрување со судбината на Македонците и тие, за цело време потоа, останале како една од најкомплицираните и најчувствителни точки во студената војна.

Грчките власти, без оглед дали потекнуваат од левицата или десницата, дали биле монархистички или републикански, демократски избрани или дошле со помош на воен удар, во основа имаа ист приод кон решавањето на последиците од граѓанската војна и односот кон македонското малцинство во Грција.

Историскиот пат на современата грчка држава ја доведе таа земја до развој на специфичен тип на практикување национална интеграција. Од една страна, грчките државници и политичари од воспоставувањето на современата грчка држава во триесетите години од XIX век се определија за концепцијата за политичка нација што произлезе од француската револуција.

Од друга страна, во ХХ век, особено по катастрофалниот грчки пораз 1921 г. во Мала Азија, по Лозанската спогодба и Спогодбата за размена на население со Турција, во Грција дојдоа доселеници што себеси се сметаа за Грци, но со многу различни традиции од домашните Грци. Голем број од тие што дојдоа и не го зборуваа грчкиот јазик, но само беа припадници на грчката црква. Грција беше исправена пред задачата национално да ја интегрира таа маса дојденци. И кон тие луѓе грчките власти никогаш не се однесувале насилно, туку во согласност со нивните барања.

ИНИЦИЈАТИВА НА „ЛУДИОТ“ САМАРАС!

Меѓутоа, истите мерки Грција и по балканските војни и по Првата Светска војна ги има спроведувано и кон етничките Македонци од словенско потекло во Егејска Македонија. Кон нив, пак, е употребувана груба сила и терор и под форма на национална интеграција, вршена е бескрупулозна асимилација, со уништување на нивната материјална култура, јазик итн.

Токму таа политика на грчките власти и ги втурна масите македонско население во Северна Грција да ја поддржи масовно и да учествува во сталиновата авантура што заврши со пораз на ДАГ во граѓанската војна. Грчките власти едноставно никогаш не го признавале македонското национално малцинство во Грција, без оглед на меѓународниот притисок и преземените меѓународни обврски.

Поразот на Македонците во Граѓанската војна ги изложи на уште погруб притисок за нивна асимилација и на поригорозен режим отколку на Грците по род што биле припадници на поразената страна. Веќе во тоа време угледни западни интелектуалци, публицисти, но и политичари предупредувале на пристрасната и насилна политика на асимилација на Македонците во Грција, но властите на таа земја и нејзините политичари тоа го правдале со опасноста од иредентизам, со „словенска опасност од северот“ и го претставувале како нужна мерка во борбата за стабилност, безбедност и нужна препрека на комунизмот во периодот на Студената војна.

Со распадот на СФРЈ, особено со Референдумот во Македонија, Грција неподготвена се најде пред нов предизвик. Нивната дотогашна политика ги присилуваше да размислуваат за можноста да се спречи независноста на Македонија и крајот на септември 1991 беше навестено одржување средба на врвот на земјите-потписници на Букурешкиот договор со кој 1913 е одредена судбината и поделбата на Македонија.

Тогаш бев претседател на Собранието и на една средба кај претседателот на Републиката, Киро Глигоров, се договоривме премиерот Кљусев да отпатува во Бугарија, а јас да отпатувам во Франција и Германија. Тогаш од никого не бевме признати, впрочем и не бевме се прогласиле за независна држава што го сторивме дури на 17 ноември со донесувањето на Уставот, никаде во светот немавме дипломатски претставници, а немаше ниту претставници на другите земји овде, во Македонија. Со голема неизвесност се подготвував за пат во Париз, а потоа во Бон.

Еден ден пред да појдам на пат, Глигоров ме замоли, ако прифатам, одејќи за Париз, да слетам во Белград со владиниот авион и да се сретнам со Слободан Милошевиќ, за да го предупредам и него за оваа активност што го загрозува опстанокот и мирот и на Македонија и на целиот регион. Утредента се сретнав со Милошевиќ.

На средбата замолив да биде присутен и шефот на мојот кабинет, г-дин Димитар Трајковски. Во разговорите со Милошевиќ го изложив нашиот протест за неговата улога да се организира таква средба во Софија. Му реков дека тој, прифаќајќи ја таа игра, удира по најсветлите точки во историјата на односите меѓу македонскиот и српскиот народ, дека ги погазува одлуките на српскиот народ донесени на нивното анти-фашистичко собрание и ризикува поширока војна овде на Балканот, која нема да се задржи само во границите на СФРЈ.

Тој неубедливо ми се правдаше и во еден момент ми се обрати: „Стојане, дајем ти часну реч да ја са тим немам ништа, да је то покренуо онај луди Самарас. И сам Мицотакис се много колеба око тога“. Јас го убедував јасно да даде на знаење дека тој не би учествувал на таков собир и дека тоа нема да му го одобри ниту српскиот народ.

Во Париз стигнав вечерта. Утредента некако организиравме да бидам примен во парламентот, но претседателот на парламентот беше на пат. Имав доста опширен разговор со потпретседателот на парламентот и претседателот на надворешно-политичкиот комитет.

Ги објаснив причините зошто сум дојден, ги известив за легалноста на одлуката на Собранието да распише референдум, за одржаниот референдум, како и за одлуката на Собранието од 19 септември 1991 г. со која е утврдено дека Референдумот е одржан согласно Уставот на РМ и важечките закони и дека успешно завршил.

Ги известив и за разговорот со Милошевиќ и неговото тврдење дека тоа не е негова иницијатива, но исто така им кажав дека не сум убеден дека тој немал улога во тие разговори за кои јавноста беше информирана и им реков дека и на Македонија и на регионот им се заканува реална опасност од поширок воен пожар.

ДА НЕ ВЛЕЗЕМЕ ВО СТАПИЦАТА НА ГРЦИЈА

Од Париз отпатував во Бон. Барав да се сретнам со тогашниот министер за надворешни работи, Геншер, меѓутоа тој ден пред тоа заминал за Њујорк на Генералното собрание на ОН. Разговарав со претседателот на надворешно-политичкиот одбор на Бундестагот. И него го запознав со целта на мојата посета, а тој ме извести дека министерството за надворешни работи веќе добило информација за мојата посета во Париз од француските колеги и дека двете земји ќе направат своевиден демарш до српското и грчкото раководство.

Ми кажа дека претпладнето тој ден е разговарано со турското министерство и од таму добиле известување дека Демирел ја отфрлил идејата. Така, првиот аларм го премостивме со тоа што јавноста доби и некои информации за заканувачки средби на началниците на генералштабовите на грчката и југословенската армија, а потоа работите се стишаа.

По донесувањето на нашиот Устав (17 ноември 1991) и усвојувањето на Декларацијата за независност на 19 декември 1991, Република Македонија на повикот од Европската заедница (ЕЗ) изрази решеност да стане независна држава и побара меѓународно признавање.

На јавноста ѝ е позната историјата со Бадинтеровата комисија и со советите што Бадинтер ги даде во согласност со кои на 6 јануари 1992 се усвоени првите амандмани на Уставот и со нив се појаснуваше дека Македонија своите граници ги смета за непроменливи и дека нема да се меша во внатрешните работи на соседните земји под изговор на своја грижа за македонското малцинство во нив.

На Светскиот економски форум при крајот на јануари и почетокот на февруари 1992 г., откако ЕЗ и покрај извештајот на Бадинтеровата комисија не ја призна Македонија како независна држава, тајно ми беше организиран ручек во Давос со грчкиот премиер Мицотакис и поранешниот министер за надворешни работи на САД, општо познатиот славен дипломат Хенри Кисинџер. Пред тоа, за времетраењето на Форумот, барав средба со Мицотакис, но тој одбиваше.

Овој таен ручек за него претставуваше огромен ризик, а содржината на разговорите ја објавив 11 години подоцна во мојата книга „На мој начин“. Овде не би зборувал пошироко на таа тема, но од сите настани што ги изложив во овој текст, ми стана јасно дека грчката страна прашањето за односите со Македонија и нејзиниот однос кон Македонија уште го држи во рамките на Студената војна и дека за неа паѓањето на Берлинскиот ѕид, распаѓањето на СССР и СФРЈ не се доволни знаци да го промени својот став и своето однесување кон Македонија и Македонците. И, морам да признам, дека овој впечаток во тој период го делеа и другите високи државни раководители на Македонија.

Од друга страна, присуството на Кисинџер на ручекот и неговите интервенции во разговорот, ме убедија дека САД решиле и за ова прашање да престане третманот што произлегуваше од констелациите и рамките создадени за време на Студената војна. Тоа основно сознание дејствуваше одредувачки на однесувањето на македонското државно раководство по прашањето на односите со Грција.

Ние сфативме дека проблемот во односите со Грција може да се пренесе во сферата на цивилизирано уредување што настануваше во светот по распадот на социјализмот, само ако избегнеме било каков чекор од наша страна кој на грчките раководители ќе им дадеше можност и оправдание да се задржи тој проблем на уредување во рамките на односите за време Студената војна.

Затоа крајно се внимаваше од страна на РМ да не дадеме повод со наши активности и да влеземе во стапицата што на Грција ќе ѝ даде право и можност да ја претстави нашата земја како опасност за неа и регионот.

Денес мислам дека се наоѓаме на опасен терен новата Влада да упадне во таа стапица и да ги затвори перспективите на нашата држава во рамките на минатото. Доколку тоа се случи, за македонскиот народ – не само за македонското малцинство во Грција, туку и за основната македонска национална супстанца во нашата држава – ќе настанат ризици за разградување со последици слични на оние после Граѓанската војна за нашето малцинство во Грција, иако веројатно нема да дојде до оружени судири и крвопролевање.

Поврзани новости