Како консултанти од Израел и Австрија, кои терале партиска и владина кампања, се „вдомиле“ во профитабилно казино во Визбегово?

Станува збор за казиното „Плеј 4 Вин“, лоцирано на главниот пат во скопско Визбегово, каде се регистрирани неколку компании што се поврзувале или поврзуваат со Израелците Тал Силберстеин и Зив Ерез, како и со Австриецот Петер Пулер, кои работеле на политички кампањи во земјава, пишува „Фокус“.

by Фокус

На иста адреса во скопско Визбегово, каде е лоцирано казино што бележи вртоглав раст во работата, регистрирани се неколку компании во сопственост на израелски државјани кои работеле на партиски и владини кампањи во земјава, при што една од овие компании е основана од австриски државјанин, а во друга како партнер се јавува лице од Косово вклучено во бизнисот со игри на среќа, пишува најновиот број на неделникот „Фокус“.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Се работи за казиното „Плеј 4 Вин“ (Play 4 Win), кое е основано во 2020 година. Во рамки на истата групација, функционира и „Стар“ казиното во Тетово. Двете локации се промовираат како „луксузно, приватно, врвно место“, кадешто клиентите можат да уживаат во добра храна, квалитетни пијалаци, но и да ги играат најдобрите игри на среќа.

Казиното „Плеј 4 Вин“ во Визбегово

Oфицијално, тие се во сопственост на „Гаминг Професионал“, основана на почетокот на 2015 година со седиште во Тетово од страна на Владимир Пауновски. Само 3 месеци по основањето, оваа компанија добива лиценца за игри на среќа во автомат клуб за период од 6 години. Пет години подоцна, пак, односно во март 2020 година, компанијата поднела барање и добила нова лиценца.

Лиценцата на “Гаминг Професионал“

Токму во период кога друштвото ја добива втората лиценца, тоа бележи драстичен раст. Според финансиските извештаи, ако во 2019 година фирмата направила обрт од нецели 67 милиони денари, веќе во следната 2020, приходите пораснале на 134 милиони денари. Во двете години, компанијата работи во позитива, но бил остварен незначителен, симболичен профит од 4-5 илјади евра.

Податоци за финансиското работење

Арно ама, нагорниот тренд во остварениот обрт продолжува со иста динамика, така што во 2021 година приходите скокнале на 323 милиони денари, а ланската 2022 година веќе стигнале до 526 милиони денари. Добивката, пак, изнесувала 4,7 милиони денари. Истовремено, скокнал и бројот на вработени од 69 на 144.

Казиното е лоцирано на адреса каде се регистрирани повеќе фирми

Податоците што ги обезбедивме покажуваат дека на иста адреса каде што е лоцирано ова казино се регистрирани повеќе фирми, а една од нив е „ТЦ Тецхнологиес“. Нејзин сопственик е Тал Силберстеин, познат политички консултант од Израел, кој беше обвинет дека е креатор на црна и валкана кампања во Австрија, а во матичната држава беше гонет за перење пари. За потсетување, во јавноста осамна фотографија од него и од поранешниот македонски премиер Зоран Заев во време кога актуелен беше референдумот за Преспанскиот договор.

Тал Силберстеин, политички консултант и претприемач од Израел

Во меѓувреме, регионална „ѕвезда“ стана неговиот „ученик“ Асаф Еисин, кој долги години го советува српскиот претседател Александар Вучиќ. Нашите сознанија говорат дека Еисин неформално работел за ВМРО-ДПМНЕ во 2015 година, кога на чело на партијата уште е Никола Груевски, а потоа давал услуги и за новата власт на СДСМ и ДУИ.

Асаф Еисин, ученик на Силверстеин и ПР-советник на Вучиќ

Сепак, неговото присуство во земјава не може официјално да се потврди, што не е случај со еден друг израелски експерт – Зив Ерез. Тој самиот открива дека работел во земјава на парламентарните избори во 2020 и на локалните избори во 2021 година, но не го обелоденува клиентот, иако неофицијално станува збор за ДУИ на Али Ахмети.

Зив Ерез, работел во земјава за време на изборите во 2020 и 2021

Информациите до кои дојдовме покажуваат дека тој, заедно со партнер од Израел (Јаков Сиван), во земјава ја поседува компанијата „Вју Тек“, исто така лоцирана кај „Плеј 4 Вин“. Првично, основач на компанијата бил Австриецот Петер Пулер, кој соработувал со Силберстеин во Австрија, а давал услуги и во земјава.

Петер Пулер, дел од тимот на Силберстеин обвинет за валкана кампања во Австрија

Според Централниот регистар, „Вју Тек“ е основана на самиот почеток на 2021 година, со основна дејност за „издавање на останата програмска опрема“. И оваа компанија има голем финансиски раст, имајќи во предвид дека во 2021 година остварува приходи од скоро 18 милиони денари, додека во следната 2022 година бележи раст на приходите за цели 520 проценти, со оглед дека тие достигнуваат 110,5 милиони денари.

Растот на „Вју Тек“, сместена кај „Плеј 4 Вин“ во Визбегово

Инаку, вториот партнер во оваа компанија, Јаков Сиван, поседува уште една фирма регистрирана на иста адреса во Визбегово. Тоа е „КСНМ Тецхнологиес“, основана на самиот крај на 2019 година за „управување со недвижен имот со хонорар или врз база на договор“. Втор содружник на оваа компанија е Астрит Красниќи, косовски државјанин кој бил дел од бизнисот со игри на среќа во родната земја.

Партнерот на Ерез во „Вју Тек“ поседува уште една компанија со ортак од Косово

Ова истражување на „Фокус“ следува по честите изјави на опозициски функционери дека странски консулталти, додека работат ПР за ДУИ како параван, всушност 90 отсто од времето го трошат на, како што велат, развој на казино-бизнисот во државава, откако законската регулатива им го оневозможила тоа во Албанија и Косово.

Меџити за „Фокус“: Австриец и Израелец тераат ПР на ДУИ како параван, а всушност го развиваат казино-бизнисот!

За жал, главната задача и цел на ПР агенцијата што работи за ДУИ е казино-бизнисот. Го изгубија тој бизнис во Албанија и Косово. Зборувам за Австриецот Питер и еден Израелец. Ним не им е грижа многу за идеологијата  – рече поранешниот висок функционер на ДУИ Изет Меџити во интервју за „Фокус“.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости