Како ќе изледа шопингот: Облеката нема да се пробува во продавниците, туку дома

by fokus

Љупчо Маневски, генерален менаџер на „Фешн груп Македонија“ за порталот Факултети го презентираше нивниот предлог за функционирање на продавниците за облека по нивното отворање.

Дел од работната верзија на оваа групација за заштита од коронавирусот на персоналот и посетителите се:

Продавниците ќе работат со скратено работно време од 10:00 до 18:00, а во недела и за празници ќе бидат затворени. Задолжително носење заштитни маски и ракавици на вработените и користење хидроалкохолни гелови. Одржување физичко растојание меѓу купувачите, и меѓу купувачите и продавачите од 1,5 метар до 2. Одредено лице од фирмата пред влезот на продавницата ќе го организира редот и бројот на купувачи. Бројот на купувачи ќе се регулира според квадратурата на продавницата, на 10m² – 15m² продажен простор по еден купувач. На касите за плаќање ќе се обезбеди и регулира растојание од 1,5 – метар помеѓу касиерот и купувачите.
На видливи места ќе бидат поставени едукативно-информативни материјали за почитување на заштитните превентивни мерки: носење заштитни маски, одржување физичка дистанца, редовно дезинфицирање на рацете, правилна респираторна хигиена. Дополнително, преку разглас, на секои 30 минути информирање на купувачите за почитување на овие превентивни мерки. Ограничување за лицата над 65 години, со можност за пазарување до 12 часот. Ад хок протокол во случај на инфекција со Ковид-19 (потврдено или потенцијално) во трговските продажни салони.

– Ќe претпочитаме да не се пробува облеката во гардероба, туку дома. Но, ќе бидеме пофлексибилни и ќе овозможиме толерантен однос околу замената – објаснува Маневски.

Тој додава дека вратената стока ќе биде подложена на дезинфекција со вапо-уред и ќе остане во 48-часовен карантин во магацинските простории пред повторно да се пушти во продажба и овие нивни мерки секако ќе се усогласат со мерките што ќе ги наложи Владата по препораките на Комисијата за заразни болести.

Поврзани новости