ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе одржи седници на Извршниот и на Централниот комитет, но од опозициската партија ни изјавија дека нема да носат одлука за кадровски прашања, што значи уште извесен период ќе виси составот на техничката влада која треба да ги спроведе изборите закажани во мај годинава.
Според Пржинскиот договор постигнат во 2016 година, се направија измени во Законот за влада, кои предвидуват Владата да добие технички премиер од власта, но опозицијата има право да именува министри за внатрешни работи и за труд и социјала, како и дополнителни заменици министри во ресорите финансии, земјоделство и администрација.
Врз основа на овие законски измени, своевремено Никола Груевски се повлече од премиерската функција и владата за спроведување на изборите на крајот на 2016 година ја предводеше Емил Димитров, додека Зоран Заев премиерското место му го отстапи на Оливер Спасовски, кој ја водеше владата за спроведување на изборите во 2020 година.
Што се однесува до претстојните избори, има малку поинаква ситуација, од причина што техничкиот премиер не доаѓа од водечката партија во власта, како што беше случајот со Димитриев (ВМРО) и Спасовски (СДСМ), туку доаѓа од вториот по големина коалициски партнер ДУИ, како резултат на договорот за формирање на владата постигнат меѓу Заев и Али Ахмети.
Па така, оваа техничка влада ќе ја предводи Талат Џафери, кој пак спикерското столче ќе му го отстапи на Јован Митрески од СДСМ. Оваа рокада е направена со цел да не дојде до концентрација на сите врвни државни позиции во една партиска структура, бидејќи спикерот станува привремен претседател во случај на неизбор на шеф на државата.
Уште кон крајот на минатиот месец, СДСМ ги утврди кандидатите за министри во техничката влада. Притоа, најбитната промена е во МВР, каде дополнителен заменик министер со врзан потпис ќе биде Митко Бојмацалиев, шеф на кабинет на Спасовски. Во труд и социјала, пак, актуелната министерка Јована Тренчевска ќе остане во ресорот како дополнителна заменичка со право на вето.
Потоа, Славица Грковска останува вицепремиерка за политики за добро владеење, Фатмир Битиќи за економија, а Бојан Маричиќ за евроинтеграции. Исто така, прв вицепремиер останува и Артан Груби, кој нема да му остапи место на кадар на СДСМ, иако негов сопартиец ќе биде премиер.
Нема промена ниту во останатите министерства, така што министри за култура, екологија, земјоделство, транспорт и одбрана остануваат Бисера Костадиновска Стојчевска, Каја Шукова, Љупчо Николовски, Благој Бочварски и Славјанка Петровска. Нема промени ниту во ресорите раководени од кадри на ДУИ.
Тоа значи дека Бујар Османи, Крешник Бектеши, Јетон Шаќири и Фатмир Бесими остануваат министри за дипломатија, економија, образование, финансии. И Фатмир Меџити, Кренар Лога и Азир Алиу од Алијанса за Албанците остануваат министри за здравство, правда и администрација, а Ристо Пенов од ЛДП за локална самоуправа.
Единствена енигма остануваат кадрите на ВМРО-ДПМНЕ, од каде велат дека немаат одлука кои луѓе ќе влезат во техничката влада. Според неофицијални информации, во партијата ќе разговараат за неколку потенцијални кандидати за министри и дополнителни заменици, од кои ќе го направат изборот.
Од сите позиции што ги добива опозицијата, најбитна функција која привлекува најголемо внимание и носи најголеми тензии е министерот за внатрешни работи. Во претходната влада, на предлог на ВМРО-ДПМНЕ за технички министер беше избран поранешниот директор на Агенцијата за разузнавање Наќе Чулев, иако првично имало други фаворити, како на пример Димитар Димовски.
Во изминативе години, тој не беше многу активен во јавноста, со исклучок на локалните избори, кога активно се вклучи во изборната кампања на Тимчо Муцунски за градоначалник на Аеродром. Сепак, случајно или не, во овој период се почесто го има во медиумите.
Патем, во еден настап изјави дека веднаш по формирањето на техничката влада во МВР ќе се спроведе интерна ревизија на преземените дејствија во врска со убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски и, како што најави, ќе се поднесат соодветни дисциплински постапки ако се утврди дека се направиле клучни пропусти во истрагата.
На овој начин, Чулев веќе настапува како иден министер за внатрешни работи и се чини дека околу тоа нема дилеми, без оглед што за оваа функција се споменуваа уште двајца потенцијални кандидати. Едниот од нив е пратеникот Игор Јанушев, кој беше генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на пратеничка листа во третата изборна единица.
Другиот е Бојан Христовски, кој 10 години работел во МВР, но во 2020 година не го мина „безбедносниот филтер“ во Агенцијата за национална безбедност, наследничка на некогашната Управа за безбедност и контраразузнавање. Тој потоа стана и директор на „Градски Паркинг“, меѓутоа се повлече по раскрстувањето на ВМРО со градоначалничката Данела Арсовска.
Во рамки на последната техничка влада, технички министер за труд и социјала беше Рашела Мизрахи, актуелна пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, која ја водеше анкетната комисија околу скандалот со Онкологија. Сега, во игра за оваа позиција е и пратеничката Дафина Стојановска, која на последните парламентарни избори беше носител на пратеничка листа во шестата изборна единица.
Во однос на дополнителните заменички министерски места, најмалку дилеми има околу земјоделство, каде Цветан Трипуновски речиси сигурно повторно ќе биде дополнителен заменик министер. Тој е задолжен за прашања и политики од сферата на земјоделието во ВМРО-ДПМНЕ и важи за најголем фаворит и за министер за земјоделство ако неговата партија формира влада.
За дополнителен заменик министер за финансии повторно конкурира партиската потпретседателка Гордана Димитриевска – Кочовска, која е блиска соработничка на партискиот лидер Христијан Мицкоски уште од времето кога директоруваше со АД ЕСМ/ЕЛЕМ. Освен неа, за оваа позиција се споменува и Маја Кадиевска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Се чини дека најголема неизвесност има за информатичко општество и администрација, бидејќи како можни дополнителни заменици министри се споменуваат повеќе лица од партиското раководство и пратеничката група. Во секој случај, се ќе стане јасно после Водици, кога ќе бидат официјално познати опозициските предлози за техничката влада која треба да се формира најдоцна на 28-ми јануари.
Како што е познато, формалната постапка за подготовка и формирање на техничката влада е најавена за 22-ри јануари, а треба да финишира со изборот на преодната влада на 28-ми јануари. Оваа Влада се формира сто дена пред изборите, а мандатот и истекува со формирањето на новата влада.
Ковачевски и Мицкоски ќе се судрат во „единицата“, кој ќе истрча во другите изборни единици?
Инаку, парламентарните избори ќе бидат закажани за 8-ми мај, а две недели претходно ќе се одржат претседателските избори. Партиите се уште ги немаат официјално соопштено претседателските кандидати, меѓутоа „Фокус“ пишуваше дека веќе се донесени одлуките на неформално ниво.
Влатко СТОЈАНОВСКИ