Тројца учесници во Шарената револуција од Кавадарци вчера биле повикани на информативен разговор во Полициската станица бидејќи за време на протестите фрлале боја врз собраниската зграда во градот.
Герасим Лазов од Кавадарци, редовен учесник на протестите на Шарената револуција, денес добил покана од Полициската станица од Кавадарци, да се јави на информативен разговор, поради нарушување на јавниот ред и мир.
Кога заминал во станицата, му било објаснето дека всушност е повикн поради тоа што фрлал боја врз зградата на собранието.
,,Јас и уште двајца мои сограѓани добивме прекршочни пријави поради фрлање на боја, односно уништување на државен имот и учество во толпа. Ни следува казна која што се движи од 100 до 500 евра, а за која ќе одлучува комисија. Но мојата порака до јавноста е дека додека нема правда, ќе нема и мир! Повлекување нема, ќе одиме до крај!,, – вели кавадарчанецот. Тој додава дека во полицијата за време на разговорот службениците се однесувале коректно кон него, бидејќи и дел од нив самите биле поддржувачи на Шарената револуција.
Во Кавадарци се одржаа девет протести на кои што присуствуваа и по неколу илјади граѓани. Наредниот протест е закажан за денес, петок, во 18.30 часот.