Левоцентристичките демократи обезбедија контрола врз Долниот дом на Конгресот на САД, Претставничкиот дом, а републиканците на претседателот Доналд Трамп го задржаа мнозинството во Горниот дом, Сенатот.
Што значи тој резултат? Ќе успее ли Администрацијата да носи закони или ќе се засилат блокадите и политичката пристрасност? Дали ќе бидат објавени даночните пријави на Трамп? Дали импичментот станува поверојатен? Дали е тоа добро за економијата или не?
Истраги и импичмент
Со американскиот Устав надлежностите на двата Дома на Конгресот се поделени. Претставничкиот дом може да иницира импичмент, но тоа е само почетокот на постапката. Суштинскиот процес се води во Сенатот.
Некои демократи сметаат дека итно треба да започне постапка за импичмент на Трамп, но партиските лидери се повнимателни. Преземањето на контролата врз комисиите во Долниот дом ќе им овозможат на демократите да водат истраги, да сослушуваат сведоци и да бараат да им бидат доставувани документи.
Тоа може да ги вклучи и деликатните прашања како што се даночните пријави на Трамп, прашања поврзани со финансирањето со неговата предизборна кампања и со тврдењата за корупција во владините служби и за руското мешање во изборите во 2016 година.
Лидерката на демократите во Претставничкиот дом, Ненси Пелоси вети дека ќе го возобнови системот на контрола и баланс на Белата куќа.
Демократите исто така доставија до знаење дека ќе почекаат да видат што ќе стори специјалниот обвинител Роберт Малер во врска со истрагата за руското мешање и дали ќе го поткопа Трамп.
Соработка
Во Вашингтон често се слуша изразот „соработка меѓу партиите“. Тоа би требало да значи дека двете главни партии се способни да најдат прагматичен начин за да работат заедно. Во последниве години тој израз се претвори во клише, користено од експерти и политичари кои жалеа за периодот на соработка меѓу партиите, тврдејќи дека конгресмените престанале да си подаваат рака.
Партиската поделба во Конгресот во идеален случај може да им пружи шанса на партиите да соработуваат и да постигнуваат компромиси. На пример, има приближување меѓу Трамп и демократите за прашања како што се намалувањето на цените на лекарствата или инвестирањето во инфраструктурата, нешто што американскиот претседател не го направи во првите две години од мандатот. иако тоа беа едни од неговите главни ветувања во изборната кампања.
По изборните резултати од вторникот високи претставници на демократите и републиканците изјавија дека ќе се трудат да соработуваат. Но. поделбите во САД и поларизирачката личност на самиот Трамп можат да претставуваат пречка за нешто такво.
Блокирање
Наједноставно демократите во Долниот дом можат да ги блокираат законите преку процедурални постапки. Но, работите се посложени.
Ако демократите навистина сакаат да го блокираат претседателот, Трамп може да го искористи тоа како оружје против нивната партија, обвинувајќи ги за секој неуспех да протурка некој закон за клучните прашања и така да се одвиваат работите се до претседтелските избори во 2020 година.
Дали тоа ќе биде користено како предизборна стратегија е сосема друго пашање. Гласачите во принцип не сакаат политички блокади и бараат резултати од Конгресот за прашања што се однесуваат на нивниот секојдневен живот.
На следните избори гласачите би можеле да ги казнат оние за кои ќе сметаат дека се одговорни за конфронтациите во Капитол Хил.
Демократите би требало да бидат едногласни во Долниот дом, но тоа би можело да се покаже како проблем за одредени прашања, имајќи ги предвид разликите на претставниците на руралните реони и поконзервативните членови на партијата со либаралното крило од големите градови.
Заобиколни методи
Трамп веќе покажа дека сака да управува со декрети. Републиканците остро го критикуваа поранешниот претседател Барак Обама за користењето на декретите, но во политиката работите се менуваат согласно моментната состојба.
Декретите имаат свои ограничувања и постои ризик тие да бидат укинати од следниот претседател.
Во основа постои спор дали е уставно извршната власт да ја презема улогата на законодавната, па така декретите би можеле да бидат оспорени пред суд.
Економија
Берзите во голема мерка беа подготвени за победата на демократите во Претставничкиот дом и не реагираа на изборните резултати, иако во догледно време тие можат да се одразат на довербата и растот.
Клучно прашање е дали двете партии ќе најдат начини да соработуваат за прашање како што се инфраструктурата и даночната реформа.
Трамп започна трговска војна со трговските партнери на САД што им нанесе штети и на земјоделците и на индустријалците. Иако реториката на Трамп за трговијата, со која бара останатите земји да се однесуваат поправедно кон САД предизвикува извесни симпатии, сепак профитот се намалува, а трпението се губи.