Како и зошто К-15 беа тргнати од телевизија?

by Фокус

arhivaТекстот е објавен на први февруари 2013-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 918

Љупчо Бубо Каров, кого на улица или во кафеана го пречекуваат пријателски, поистоветувајќи го со ликот што го игра – Цацко Конопишки, открива дека финансиските проблеми со кои се соочува продукцијата К-15 се големи и во прашање е доведен дури и опстанокот на шоуто што ги засмева сите генерации. Последните три месеци никој не пројавил желба да се рекламира во К-15, а причината, како што е уверен Каров, не лежи во неуспехот на емисијата, туку на друго место. За првпат во осумнаесетгодишната историја на шоуто се случува да нема ниедна реклама, туку се вртат рекламите договорени од лани. Се разбира, и владата го следи „трендот”, па во шестгодишната историја на „маркетинг револуцијата” во Македонија, ниту една владина кампања не влегла во К-15!

Разговарала
Мирослава СИМОНОВСКА

ФОКУС Во последниот серијал емисии од К-15, темите се однесуваат на буџетот, случувањата од 24 декември, некои контактни емисии на провладини медиуми. Какви реакции добивте по нивното емитување?

КАРОВ Ако е прашањето, дали буџетот го третиравме затоа што нѐ нема како ставка во него, одговорот е – не. Никогаш не сме биле ставка во буџетот. За К-15 е нормално во делот на сатирата да ги третира актуелните моменти и случувања во државата. Би било некоректно од нас да не го „обработиме” тој можеби најдрастичен пример на кршење на демократијата од постоењето на плурална Македонија до денес.

Кај нас има едно правило, ние никогаш не мериме на кантар, даваме акцент на сѐ што е актуелно. А тоа што велите дека третираме провладини емисии или медиуми, искрено да ви кажам станува многу тешко да се даде таква квалификација – дали се провладини или не, бидејќи денеска тукуречи само такви има.

Така што јас воопшто не би размислувал дали се провладини или не. Сега вистинското прашање е зошто се тие такви. Или зошто одредени новинари или водители се провладино ориентирани. Или конечно, зошто новинари кои не држеле никаква страна, во последниве години „се закачиле” на некоја фреквенција.

Претпоставувам дека дел од тие луѓе, најчесто доброволци, сакаат на полесен начин да дојдат до заработувачка, а втората  категорија се оние што се уценети. Третите, пак, едноставно бараат спас за сопствениот опстанок во тоа што ќе се приклонат кон некоја политика.

Со оглед на тоа што денеска медиумите се тотално узурпирани од актуелната власт, како што е сѐ друго узурпирано во државата, нормално е, барајќи сопствена егзистенција, луѓето да се приклонат кон таа опција.

Има и храбри што не го прават тоа, меѓутоа тоа ќе им се одрази на професионален план , што, пак, ќе им генерира егзистенцијални проблеми. Прашање е кој колку може да издржи. Она што го рекле, дека секој човек има цена, за жал се покажува како точно. Само сега, прашањето не е само да се погоди вистинската цена, туку да се најде вистинската уцена!

СОСТОЈБАТА Е АЛАРМАНТНА

ФОКУС По последната серија во која беа третирани токму тие настани, пристигнаа ли некакви реакции до вас, било да се директни или суптилни?

КАРОВ Не. Нѐ предупредуваат пријатели.  Велат, „вие нормални ли сте, знаете ли во кое време живеете и дека ова што го правите ќе ви се одрази”. Ние знаеме во кое време живееме и дека тоа ќе ни се одрази. Всушност, веќе ни се одрази. Знаеме дека може само степенот на одразување да се зголеми, односно потенциометарот од шестка да оди на осмица. Но, како и да е, ние ќе останеме достојни на тоа да си ја тераме нашата политика.

За наша среќа луѓето многу нѐ поддржуваат, значи ништо не е сменето осумнаесет години. Има моменти и ситуации кои редовно се повторуваат во секој циклус, во сите осумнаесет години од кога постои К-15. Зависно од тоа на која телевизија ќе се емитува емисијата и дали таа телевизија е некако ориентирана, веднаш ти закачуваат етикета, дека сега припаѓаш на таа и таа опција.

Таков беше случајот и кога отидовме во МРТВ со намера да помогнеме таа да си го поврати стариот сјај, бидејќи врв во новинарството и престиж секаде во светот е да се работи во национален медиум. Кога го направивме тој потег, прво едната страна нѐ прогласи за предавници, а другата за јунаци. Потоа, кога МРТВ не си ги исполни финансиските обврски кон нас, и едните и другите нѐ прогласија за пљачкаши. Невидена дволичност. Тоа доаѓа од менталитетот.

ФОКУС Рековте дека се чека потенциометарот да се помести од шестка на осмица. Каква е состојбата на сегашната „шестка” во К-15 продукција?

КАРОВ Алармантна. Состојбата со самото вклучување на потенциометарот станува алармантна. Тоа е потенциометарот со кој полека се гасне К-15. Ако претпоставиме дека потенциометарот максимум може да оди до десетка, сега ситуацијата е веќе на осмица.

ФОКУС Што значи тоа?

КАРОВ Тоа значи дека друг потенциометар во моментов нема и дека само со тој еден потенциометар се манипулира нагоре и надолу. Тоа значи дека, ако продолжиме вака, едноставно нема да има К-15 од наредната сезона. Прашање е дали ќе постои можност да го издржиме и ова што сега го имаме договорено за два последователни циклуса!

bubo cacko3СОФИСТИЦИРАНО ПРАЌАЊЕ ОПОМЕНИ

ФОКУС Зошто, во што е проблемот?

КАРОВ Проблем е што „нема проблем”. Значи, ние немаме притисоци, никој не ни се јавува по телефон да ни рече дека утре ќе нѐ убијат или дека ќе ни ја скршат ногата. Меѓутоа, постојат софистицирани начини како се прави тоа и како се дејствува за да ти испратат опомена, па да го кренат потенциометарот на „двојка”, па на „четворка” и да те проверуваат до колку можеш да издржиш. Ние до сега издржувавме, меѓутоа, знаете како вели народот – не  ја чепкај мечката…

Ако бидеш сојузник со неа, прашање на ден е кога ќе те изеде. Ако ја избркаш, прашање на ден е кога ќе се врати. И најважното: не смееш да ја убиеш, бидејќи е заштитена со закон. Несвојствено е да работиш против некого, барем за мене и за моите колеги. Мислам дека тоа треба да важи за секој човек. Ако Господ ни дал разум и говор, многу е глупаво тоа да го насочуваме во негативен контекст. Замислете, што живот ќе одживее некој човек, ако цел живот работи против нешто. А кај нас, ако сте забележале, откако постоиме, секогаш работиме против нешто. Ние дури и на гласање кога одиме, не гласаме за некого, туку против некого.

ФОКУС Како почнаа финансиските проблеми во продукцијата која е активна осумнаесет години, создава производ кој е уникатен на пазарот и по секоја економска логика треба да биде и платен, бидејќи кај нас е реткост?

КАРОВ Хуморот и сатирата во светот спаѓаат во многу платените категории, зашто се ретки и малку ги има. Нормално е да е така, нешто да е многу платено бидејќи  малку го има. Е, бидејќи кај нас сѐ е наопаку, и ова е наопаку. Прво, податокот што егзистираме осумнаесет години говори дека тука има некаков квалитет.

За мене најголемото признание е кога луѓето на улица ќе нѐ сопрат и ќе ни честитаат, а такви се многу. Тоа не само што годи, туку и на некој начин ти покажува каде си. Ние за десетгодишнината од постоењето на К-15, наместо да правиме прослава, направивме едно поголемо истражување за да видиме каде сме.

Искрено, мислевме дека нашиот рејтинг по десет години не може да биде ист каков што беше на почетокот. Меѓутоа, тоа истражување нѐ демантираше, и тоа дебело. Добивме податоци дека 83 проценти од испитаниците гледаат К-15. Од пасионираните гледачи на вести, односно од оние кои на телевизија гледаат само вести, дури 47 проценти го вртат каналот на К-15 во моментот кога почнува емисијата. Значи, се откажуваат од единствената емисија што ја гледаат на телевизија за да гледаат К-15.

ФОКУС Што покажува искуството на продукцијата, дали може да се живее од продажбата на производот кој очигледно наидува на почит и симпатии од гледачите?

КАРОВ Не може. Ние никогаш не сме живееле од производството на шоуто К-15, туку од продажбата на рекламниот простор во него. Ние нашиот примарен производ никогаш не сме го продале за пари . Јас би бил најсреќен кога не би морал да снимам реклами за да може К-15 да се емитува. Односно, кога би можела емисијата да се продаде на некоја телевизија, а тие потоа да одлучуваат дали ќе ставаат реклами внатре или не.

Ние, по сила на приликите, а не по наша желба, станавме маркетинг-менаџери. Моравме да нудиме рекламен простор. Тоа нѐ натера да отвориме маркетинг-агенција. Почнавме да пливаме во води кои не се наш фах, ниту, пак, предизвик. Еве процентуално ако направам некој сооднос, се случувало 30 отсто да се посветиме на емисијата, а 70 отсто на барање купувачи за рекламите и просторот за рекламирање!

САЛДОТО Е НУЛА, НОВИ РЕКЛАМИ – НЕМА!

ФОКУС Какво е расположението кај фирмите, сакаат ли да се рекламираат кај вас?

КАРОВ Сакаат и до ден-денес, меѓутоа, некои од нив имаат лоши искуства, а пресудно мислам дека е нестабилната бизнис-клима: сите се повлечени, не се експонираат и чекаат подобри времиња. Или, пак, тоа е само изговор, бидејќи сега рекламниот простор е поевтин од кога било. А можеби и ние сме во заблуда, можеби шоуто е толку лошо, што никој не сака да се рекламира. Неблагодарно е јас да зборувам во име на огласувачите. Ако се охрабри некој од нив, си земам за обврска да ви организираме едно интервју со нив.

ФОКУС Ако претпоставиме дека секој следен месец приходите ќе ви бидат исти како и минатиот месец, уште колку долго ќе издржите да работите?

КАРОВ Салдото е нула. Мене не ми е срам да го кажам ова, бидејќи сум убеден дека тоа не е резултат на неквалитетот на К-15, туку е резултат на нарушените пазарни норми и резултат на стравот што владее во сите сегменти на деловниот и индивидуалниот живот на луѓето. Во овој циклус на К-15, еве работиме веќе три месеци, нема влезено ниту еден денар. Сите реклами што ги гледате се договори од претходниот циклус.

Во овој циклус првпат се случува да нема ниедна реклама, па дури ни владина реклама. И уште еден многу интересен податок. Откако се започнати сите владини кампањи на оваа влада, во последните шест години, ниту еднаш ниту една реклама не е влезена во К-15. Јас сум сто проценти убеден дека не постои медиум во Македонија каде не се емитувале барем десет реклами.

ФОКУС Не знам дали биле десет, но, ни во Фокус ги нема којзнаеколку

КАРОВ Добредојдовте во друштвото. Во една ситуација, разговарајќи на други теми, ова му го споменавме на премиерот. Да не грешам душа, потоа се појави некоја агенција од некаде и имавме владини реклами цел месец, не во емисијата К-15, туку во телевизијата. К-15 како фирма, како продукција, покрај тоа што го произведува шоуто, имаше две телевизии и две други фреквенции кои не беа активни. Ниту во тие медиуми никаде не е емитувана државна реклама. А, К-15 учествувал во првите кампањи „Купувајте македонски производи”, „Пица буџет”, „Фискални каси” и претпоставувам дека придонел за да бидат успешни.

ФОКУС Зошто сега нема пари од реклами? Во што се променивте?

КАРОВ Ние не сме се промениле, промената е на друга страна. Знаете ли што е најголемиот доказ дека не сме се промениле? Сѐ додека има луѓе кои ќе те сретнат на улица и ќе ти речат – А, вие фативте лева страна, па по 20 метра ќе те сретне друг и ќе ти рече – А, вие ја фативте десната линија, тоа е најдобар доказ дека не сме фатиле страна.

cackoВРВНО МАЈСТОРСТВО ВО ГЛУМЕЊЕ ДЕМОКРАТИЈА

ФОКУС Во една пригода рековте дека ВМРО-ДПМНЕ заслужува оскар за глума. Зошто?

КАРОВ Ако вие велите дека сум рекол, тогаш сигурно сум рекол. Реков дека заслужуваат оскар за глума, зашто ова што се случува сега не само што е глума, туку е врвно мајсторство за тоа како се глуми демократија. Ние сме сведоци дека секој ден пропаѓаат фирми, дека секој ден луѓе остануваат без работа, а од друга страна ни се пласира информација дека живееме многу убаво, дека доаѓаат странски инвестиции, дека се отвораат фирми.

Ова го зборувам како граѓанин на оваа држава, а не како човек од К-15. Моето животно и професионално искуство ми даваат можност полесно да ги согледам манипулациите што медиумски и политички се прават и сакам да зборувам јавно за тоа. Инаку, вие забележете, во кафеаните луѓето почнуваат да шепотат. Јас не знам како тоа не ги загрижува луѓето што се на власт.

За мене би било навреда, ако некој што сака да каже нешто за мене, макар и лошо, треба да шепоти. Значи, тој е исплашен. Ако мојата појава или мојата работа придонесуваат кај луѓето да се раѓа страв, тогаш, не постои веќе оправданост за тоа што јас го работам. Јас би се срамел ако кој било се плаши да каже нешто за мене.

Самата помисла дека живееме во држава во која треба да се определиш чиј си, во која не е доволно само да си човек, туку треба да имаш и четири поднаслови под тоа „човек” е многу загрижувачка. Луѓето се веќе толку изморени од тоа, но не можат ништо да сменат, оти кај нив владее огромен страв. Навистина е голем грев да практикуваш власт и да менаџираш една држава со заплашување и стравот да ти биде инструмент што ќе те одржува на власт.

Ако луѓето што се на власт, почнувајќи од премиерот па натаму, не го знаат тоа, оти и тоа е можно, еве јас им го кажувам најпријателски, најдобронамерно и јавно. И знам дека и многу други луѓе го мислат и чувствуваат тоа.  Мислам дека е време да застанат пред огледало и да се замислат, што ни се случува, односно – што ним им се случува!

ФОКУС Некои ќе речат, Македонија е една од ретките земји во Европа во кои новинарите не одат во затвор за клевета, дека има плурализам, па и критички настроени медиуми. Како аргумент ќе го земат и тоа што во Македонија има многу медиуми.

КАРОВ Ситуацијата во медиумите не е производ на оваа власт, туку е наследена. Се направи огромна грешка, се овозможи да се отворат голем број медиуми на мал простор. Во времето кога се правеа медиумите, сигнализирав, па дури и индиректно учествував во програмското профилирање на некои медиуми, посебно на А1. И кога ќе споредам како ние ја градевме радио НОМА каде што бев еден од основачите, во таа „комуњарска” куќа Нова Македонија…

Ќе ви кажам дека тогаш 200 пати подемократски функционираа работите, отколку што сега функционираат во било која медиумска куќа. Претпоставувам дека Фондацијата Сорос со најдобра намера тргна во масовна поддршка на медиумите, но никако не ми влегува во глава, не можам да сфатам, зошто, кога веќе поддржуваа медиуми, не најдоа луѓе кои веќе се во професијата, да им овозможат ним  да направат медиуми.

Многу ретко поддржаа луѓе кои се од професијата. И, ако веќе мораше да биде така, тогаш требаше да направат тренинг центри, да може луѓето да се едуцираат. Па ние и денес имаме сопственици на медиуми кои немаат никаква допирна точка со медиумите.

ФОКУС Кои вести ги гледате Вие за да бидете информиран?

КАРОВ Најчесто не гледам вести. А, кога гледам – шарам по каналите. Од ниеден медиум не може да се информирате за вистината. Најмногу ѝ верувам на една телевизија и на два весника, но сега сакам да зборуваме за глобалната слика. Ова што го правиме со одредени емисии, или одредени ситуации, тоа што ги коментираме во К-15, тоа не е поради медиумот, туку е заради соговорникот или за темата која му е наметната на новинарот да ја работи.

Ги разбирам тие луѓе. Јас не знам како би се однесувал во таква ситуација. Да имам две малолетни деца што не можат сами да обезбедат своја егзистенција и кога би бил уценет да морам да работам една работа, од која ќе зависи егзистенцијата на фамилијата и да спроведувам нечија политика, претпоставувам дека и јас би потклекнал и барем на одредено време би си ја свиткал опашката. Меѓутоа, за тоа треба да се срами власта што креирала таков амбиент во медиумите и мислам дека ќе се срамат еден ден пред судот на јавноста!

bubo cacko6СЕ БЛИЖИ ДЕНОТ КОГА НИЕДНА ТЕЛЕВИЗИЈА НЕМА ДА НЕ ЕМИТУВА

ФОКУС Кога бевте на Сител, Канал 5, А1 и кога ги споменувавте сопствениците на медиумите, ви реагираа ли?

КАРОВ Никогаш не сме имале реакции од тој тип. Кога одевме на А1, кога ја направивме песната „Дедо Мраз од Коњари” не ни знаевме дека сопственикот потекнува од некое слично село. И некој му рекол дека песната е направена за него. Единствено ни рече – А бе и мене ме чешлате таму. Немало никаква  реакции. И Ѕинго сме го ставале во скечови кога одевме на „Сител”, но директни реакции до нас немало никогаш. Нам секогаш некои други луѓе ќе ни дојават дека некој е лут.

ФОКУС Сменивте десетина телевизии на кои се емитуваше К-15. Каде ќе се емитувате ако некому му текне да ве симне од малите екрани како што се случуваше и со други емисии?

КАРОВ В година веќе ќе нема каде да одиме. Ова го размислувам последните пет-шест години. Јас лично, чувствував дека до вакво нешто може да дојде. И досегашното искуство за тоа како си одевме од телевизиите, ми даваше право да размислувам дека еден ден ќе нема телевизија кај што ќе може да се емитуваме. И еве тоа се реализира полека полека.

Ние конкретно никаде не сме имале расправија од идеолошки или од програмски карактер. Секогаш „раскинувањето” е под изговор дека сме паралелен маркетинг на телевизиите, дека тоа е причината што мора да се разделиме, дека им земаме дел од маркетиншкиот  колач!

Поврзани новости