СДСМ денеска повторно го обвини премиерот Мицкоски дека ја турка државата во изолација и „во скутот“ на унгарскиот премиер Виктор Орбан, рече денеска на прес-конференција Андреј Жерновски од СДСМ, кој на вчерашната седница на партијата беше избран за секретар за меѓународна соработка на партијата.
Тој наведе дека она што ги поврзува двајцата премиери се нивните бизнис-интереси, а „политичкиот проект на Мицкоски“ овозможува преку Орбан да има директно странско мешање, да има дезинформации, нетранспарентни и крајно сомнителни финансиски текови и рушење на стратешката позиција на државата.
„Орбан е пријател на Путин и на Русија, а пријателот на пријателот на Русија, со име Христијан и презиме Мицкоски, е прокси играчот на Русија во овој регион. Ете зошто и на кого мислеше еврокомесарката за проширување кога зборуваше за тројански коњи и дека нема да дозволи такво влијание да влезе преку некоја земја кандидат. Сега јасно е на кого мислеше“ – рече Жерновски.
Според него, во случајот не станува збор само за стратешко, туку и за безбедносно прашање на државата, како и за прашање за борбата против криминалот и корупцијата.
„Една милијарда евра од Унгарија. Во исто време кога Унгарија дава кредитна линија за нашата држава, таа се задолжува од Кина за истата сума – една милијарда евра. Јасно ли е сега од каде е потеклото на парите? Потоа, унгарскиот ‘Фор-ај-џи’, кој го води човек близок до Орбан. Потоа, 40% од медиумите кои се под контрола на мрежата на Орбан. Да не заборавиме и на влезот во енергетиката во Македонија преку ќерка-фирма на унгарската ‘Статус енерџи КФТ’“ – кажа Жерновски.
Дополнувајќи се во тврдењата, тој изјави дека, за жал, во земјава имаме состојба во која Брисел повеќе сака да ја види Македонија во Европската Унија отколку актуелната влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ.