Како Гоце Делчев стана голема народна легенда!

by Fokus

Текстот е објавен на 24 август, 2022 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1403

За постигнувањето на сите успеси, не малку му помагаше и неговиот личен шарм како патриот, хуманист и револуционерен учител и водач. Гоце беше една навистина шармантна личност… Јаворов, во својата биографија, со право го нарекува Гоце: „ајдучко божество“

Пишува: Стојан АНДОВ

По Втората светска војна, во време на Георги Димитров, Бугарија официјално го признаваше постоењето на македонската нација и македонскиот јазик. Во декември 1946 година е спроведен попис во Пиринска Македонија и на пописот, од 252.908 жители на Пиринска Македонија, 160.541 лице се изјасниле за етнички Македонци.

Со наредба на бугарското Министерство за образование, одделно се изучувала македонската од бугарската историја во Пиринска Македонија, отворен бил Македонски народен театар во Горна Џумаја и остварен заветот на илинденската организација Гоце Делчев да почива во главниот град на слободна Македонија.

Во претходниот број на „Фокус“ стана збор за говорот на Тодор Павлов на свеченото собрание по повод пренесувањето на коските на Гоце Делчев во Скопје на 7 октомври 1946 година во Народниот театар во Софија. Поради реалниот пристап на Тодор Павлов на ликот и делото на Гоце Делчев ќе цитираме и прокоментираме уште некои делови од говорот.

ВРХОВИСТИЧКО ПРЕДАВСТВО

Откако Гоце Делчев ја постави големата стратешка, национална и социјална задача, како тактичар и организатор, тој се покажа како реалист од прв ред. Познато е дека Гоце, заедно со него и Никола Карев и други, се спротивставија на одлуката на внатрешните и надворешните врховисти, на чело со Гарванов и Борис Сарафов, за востание.

Тој и некои други членови на Централниот комитет на ВМРО свикаа специјално заседание во Софија, на кое солунското решение од јануари 1903 година беше поништено, зашто, според нив, востанието, и политички и воено, сè уште не беше доволно подготвено.

Арно ама, врховистите, поради непростливата „попустливост“ на Даме Груев, го решија на конгресот во Смилево прашањето за подигањето и датумот на Илинденското востание, кое, како што е познато денес, и покрај прочуеното херојство на револуционерните македонски маси, на чело на кои застанаа и другарите на Гоце, како што се Никола Карев и други претрпеа тежок пораз.

Бугарскиот монархизам и врховизам се обидоа да го искористат токму овој пораз за да ја сплетат нивната реакционо-монархиско-врховистичка кошница… Секако, има голем број сериозни причини да веруваме дека неговата смрт не била случајна, туку била дело на гнасно врховистичко предавство… – истакнал Павлов.

Според Тодор Павлов, Гоце Делчев се одликуваше и со сериозниот став кон прашањето, не само за вооружената, туку и за идеолошко психолошката подготовка на народните маси, кој не еднаш, не по еден повод, изјавувал и нагласувал дека за да биде востанието успешно, народните маси треба да бидат доволно идејно и психолошки подготвени, за да знаат за што се борат и да може да ја издржат тешката и судбоносна борба до крај.

Како што нагласил Тодор Павлов, Гоце никогаш не западнал во просветителско опортунистичко разбирање на револуционерната просвета и не ја сфаќал просветно револуционерната работа како нешто одвоено од општата положба и задачи на земјата и на револуционерното движење.

„АЈДУЧКО БОЖЕСТВО“

За да се подготви сеопфатно народната револуција и да ги обезбеди воено-техничките, политички и просветно-идејни предуслови, Гоце спроведе една титанска организациска дејност, која може да се рамни само со онаа на Левски. Тој постојано ги обиколуваше сите револуционерни окрузи и комитети, учејќи, давајќи ги потребните директиви, судејќи, внесувајќи ентузијазам, инспирирајќи создаваше револуционерен кадар, учествуваше дури и во техничко производство на бомби и во пренесувањето оружје и др.

Со таа организациска дејност, тој будеше љубов, ентузијазам и подготвеност за борба и жртви кај револуционерните народни маси, а кај противниците се всадуваше вистински страв и трепет, поради што тие од дното на душата го мразеа и не еднаш се обидоа физички да го уништат.

А за постигнувањето на сите тие успеси, не малку му помагаше и неговиот личен шарм како патриот, хуманист и револуционерен учител и водач. Гоце беше една навистина шармантна личност… Јаворов, во својата биографија, со право го нарекува Гоце: „ајдучко божество“. Имаше нешто навистина неодоливо шармантно кај тој македонски „ајдутин револуционер“, и тоа не само во неговиот морален и идеен, туку и во неговиот физички изглед.

Прекрасно граден, со чудесно убави црни очи, виток, снаодлив, со неисцрпна физичка и духовна енергија, со чудесно срце, што се одѕива на секое народно страдање и болка – тој беше навистина личност што ретко се среќава во историјата на народите.

Не можам сега да се сетам кога и под какви околности го имам видено и дали тоа се случи во Македонија, или овде во Софија, но во моите детски спомени ми се врежал неговиот лик, кој, во споредба со овој портрет што го гледаме овде, навистина не ни дава ни приближна претстава за големиот, неискажлив шарм што извираше од тој прекрасен човек, кој стана една од најубавите легенди на македонскиот народ.

ОРЕОЛ НА ЛЕГЕНДАРНОСТ

За него шумат приквечер таинствено со неискажлива убавина брановите на Вардар и Егеј; за него простум се вишат со волшебната синевина во македонското небо снежните врвови на Шар и Пирин; за него замолкнуваат во тага темните македонски гори, како што тоа со големо поетско мајсторство го пренесе во една од неговите песни најголемиот современ поет на Македонија – Венко Марковски.(…)

А кој од нас не ја знае прекрасната народна песна за женидбата на Гоце и Македонија?

Каков се облак зададе од долу – од Македонија…

Не ми е било облаче, народната песна продолжува, туку е била четата на „Гоце Војвода“, кој падна во битка и со тоа симболично се „ожени“ со „таа пуста Македонија“.

Павлов констатира оти ваквите грандиозни поетски слики во народната и индивидуалната поезија се можни само за хероите, кои народите ги облекле во ореолот на легендарност, зашто се влезени длабоко во свеста и потсвеста на самите народни маси и додава дека Гоце стана голема народна легенда, каква што за бугарскиот народ се Караџата, Левски и Ботев.

Ако сакаме да бидеме негови вистински и достојни почитувачи и ученици, не можеме и не смееме да премолчиме, дури и во свечените чествувања во негова слава, како што е случајот денес, некои од неговите слабости и грешки, од кои македонските поколенија се должни да ги извлечат нужните поуки, за да може доследно да се спроведе, до самиот крај, сонот на Гоце за ослободување и сестран успех и величие на македонскиот херојски и во секој поглед прекрасен народ – истакнал Тодор Павлов.

Непосредно пред Илинденското востание, според Павлов, за кое Гоце и Ѓорче Петров сметаа дека не беше доволно политички и воено подготвено, тие двајцата, во целосна противречност со овој став за предвременото Илинденско востание, дале наредби за зачестување на атентатите и четничките акции во земјата, кога самиот Гоце го извршил со својот одред познатиот напад на мостот и тунелот кај Ангиста.

Тој, потенцира Павлов, бргу ја сфатил својата грешка, но веќе било доцна: тој, заедно со Ѓорче Петров, со тие нивни наредби налеале масло на огнот и го забрзале востанието, што било веќе испланирано од внатрешните и од надворешните врховисти.

ДВЕТЕ ГРЕШКИ

Втората грешка, многу поважна рекол Павлов, е тоа што Гоце, кој со целата своја револуционерна дејност и разбирање, неизмерно придонесе за формирањето и развојот на македонската национална (македонско-словенска, не бугарска и не српска) свест, не нашол можност да се справи со ова исклучително важно прашање и да му го даде решението што го подготви историјата.

Се разбира, на Гоце му беа познати, на пример, ставовите и дејноста на Теодосиј Скопски, на Партенија Зографски, на Петар П. Арсов и „лозарите“, на Ѓорче Петров, на Мисирков и др., но, сепак, тој за ова исклучително важно прашање не зазеде јасен став. Тоа не можеше да не се одрази врз целата негова политичка, тактичка и организациска национално-револуционерна дејност.

Како и да е, не смееме да бидеме неправедни кон сеќавањето на големиот македонски син, и затоа тука, сепак, сме должни да одбележиме дека Гоце во едно свое писмо напишал: „Така ли нема кој да напише барем една книга на македонски?“

Овој восклик на Гоце покажува дека ако тој беше жив, во никој случај немаше да остане рамнодушен на фактот дека денес во Македонија има маса книги, а не само поетски и публицистички, напишани токму на македонски јазик, кој веќе прилично се разви и сѐ повеќе и повеќе се дооформува и усовршува како нов литературен македонски јазик.

Лириката на Рацин, на Неделковски и особено на Венко Марковски и на цела редица други талентирани македонски поети, прекрасни списанија и многу други дела што излегуваат со зголемено темпо, прекрасни драмски дела, изведени со огромен успех од страна на Скопскиот народен театар, од чие мајсторство и ние овде во главниот град на братска Бугарија имавме неодамна можност да се восхитуваме, не само од изведбата на артистите, туку и од кршниот и звучен македонски јазик – сето тоа е непобитен доказ дека желбата на Гоце е веќе историски факт, кој со никакви извртувања и со никакви провокативни подметнувања и интриги на нашите великобугарски реакционери, кои сакаат да го вратат тркалото на историјата наназад, не може да биде ниту одречен, ниту омаловажен или потценет – поентира Павлов.

 

Поврзани новости