Неделникот „Фокус“ го истражуваше спорниот закуп на дел од спортско-рекреативниот центар „Кале“ од страна на поранешниот советник за спорт на експремиерот Зоран Заев, Даниел Димевски, кој деновиве успеа да се избори за втор мандат на чело на Македонскиот олимписки комитет (МОК), откако спортски федерации и работници побараа негова смена. Врз основа на документацијата со која располагаме и податоците што ги обезбедивме, утврдивме шема од поврзани компании, за кои соодветни постапки повеле надлежни институции.
Влатко СТОЈАНОВСКИ
Додека Даниел Димевски е советник за спорт на Зоран Заев, негова фирма добива под закуп делови од „Кале“. Станува збор за друштвото „ТУРД Олимпик“, каде што Димевски бил управител и содружник. Официјално, ова друштво основано во 2000 година со дејност „објекти за фитнес“, е избришано ланската година на 16 јуни поради статус на неактивен субјект во период од 3 години.
Тековната состојба на веќе непостоечкиот субјект открива дека Управата за јавни приходи утврдила дека друштвото немало никаква активност во 2016, 2017 и 2018 година. Сепак, компанијата во следната 2019 година, односно на 16 јули склучила договор со Јавното претпријатие за стопанисување со објекти од спортот во сопственост на државата, тогаш управувано од директорот Шпенди Хајредин, за закуп делови од „Кале“ во период од 30 години (2019-2049), за сума од 600 евра месечно.
Конкретно, во Членот 1 од договорот стои дека се работи за парцелите со број 5514, 5515, 5516, 5517 и 5518, дуќан (деловен простор) во СРЦ Кале од 85 квадратни метри и паркинг-простор што се наоѓа на парцелата 5530/1, сите во КО Центар 1. Во Членот 2, пак, стои дека на локацијата се наоѓа „запуштен и руиниран отворен базен, со придружни мали базени, скокалница, соблекувални и други помошни простории, сите вон функција и неупотребливи…“
Понатаму, според овој договор, закуподавачот, односно Јавното претпријатие, се обврзал да го предаде во владение предвидениот државен имот. Но, многу побитно, претпријатието со договорот изразило согласност „сите запуштени и руинирани содржини да се пренаменат во други содржини кои се во согласност во Деталниот урбанистички план“.
Во овој контекст, особено важен е и Членот 7, кој предвидува дека закупувачот е согласен да ја користи локацијата за намената определена во ДУП-от, но доколку настанат какви било промени на планот, тогаш овој договор претставува согласност на закуподавачот за пренамена на дејноста. Патем, договорот му дава согласност на закупувачот да врши и инвестициони вложувања и да ангажира коинвеститори по сопствен избор.
„Евентуално изградени објекти од траен карактер по истек на овој договор (2049) ќе бидат проценети од страна на овластен проценител и ќе бидат поделени на двете договорни страни во сооднос 25 отсто на ЈПСОС и 75 отсто на ТУРД Олимпик. Во случај на продажба на предметната локација, закуподавачот му признава предимствено право на купување на закупувачот согласно официјален ценовник“, стои во договорот.
Оттука произлегува дека договорот го фаворизира закупувачот „ТУРД Олимпик“ на Димевски да го купи имотот во случај на продажба, му дава право врз 3 четвртини од евентуално изградени објекти по истек на договорот и му овозможува автоматска согласност за пренамена на содржините согласно урбанистичкиот план. Затоа, логично се поставува прашањето што предвидува ДУП-от за овој простор?
Според информациите што ги добивме од Општина Центар, закупениот простор од страна на „ТУРД Олимпик“ е опфатен со два урбанистички плана кои моментално се во сила. Паркингот со кој Димевски добил право да стопанисува е регулиран со „Кале“ Градска Четврт ЦС 14 и тука нема ништо специфично и интригантно, од причина што планот предвидува паркинг, идентично каква што е фактичка состојба на терен.
Она што е поинтересно, закупениот дел околу запуштениот базен, порано познат како „Плаја Виста“, е регулиран со „Француски гробишта“ ЦС 01. Овој план, кој сѐ уште е во сила, на таа локација предвидува изградба на објект во висина од 16,5 метри во еден дел и 6 метри во друг дел, со намена Д3 – спорт и рекреација, каде спаѓаат сите видови активности за спорт, рекреација или забава на отворено или затворено како спортско рекреативни сали и базени за пливање без трибини, рекреативни езера, забавни паркови, тематски паркови…
СУДСКА ПРЕСУДА
Меѓутоа, вo крајна фаза на носење е нов ДУП, според кој, на истата локација е предвиден објект со висина од 16,5 метри во целост, но со намален габарит, бидејќи, според објаснувањето што го добивме, претходно не било почитувано доволно растојание од цевка за фекална канализација што минува на таа линија. Има уште една разлика, а тоа е дека овој објект е со намена Б6 – простори за собири, каде влегуваат стадиони, повеќенаменски сали, саеми…
Па, освен што му дозволувал на „ТУРД Олимпик“ да стопанисува со паркинг, договорот за закуп му овозможил да полага право и врз катастарски парцели што влегуваат во една градежна парцела, со намена спорт и рекреација. Засега, од таквата намена не може да се отстапи, зашто тоа го налага повисокиот Генерален урбанистички план.
Што се случува во меѓувреме? На 10.4.2020 година, Антикорупциската комисија одлучи да оформи предмет во врска со наводи за сомневање на незаконско постапување на Димевски, кој во својство на надворешен соработник на Заев и управител на „ТУРД Олимпик“ стекнал својство на закупец на СРЦ „Кале, со што, според ДКСК, остварил приватни интереси и го оштетил Буџетот.
– Спортските сали Кале 1, Кале 2 и лизгалиштето, не се предмет на закуп. Објавениот јавен повик – Оглас за издавање е за земјиште, а не за објекти, коешто е дел од СРЦ Кале, на коишто парцели во моментов има запуштен паркинг и целосно руиниран и запуштен базен. Проблемот е што ДКСК воопшто не побара никаков доказ ниту мислење од нас, ниту од закуподавачот ЈП за спортски објекти – реагираше тогаш Димевски.
Претседателката на ДКСК во заминување, Билјана Ивановска, ни изјави дека оцениле оти Димевски не смеел да го склучи договорот за закуп, бидејќи како советник на премиерот имал можност да добие пристап до информација за огласениот имот, соодветно да се подготви и да се постави во привилегирана позиција во однос на другите потенцијални конкуренти.
Тогаш, се огласи и опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку претседателот на партиската комисија за спорт Влатко Неделковски, кој изјави дека желбата на Димевски да се прикаже дека објектите се руинирани ја потврдувале намерата за пренамена во „нешто друго“. Како што истакна тој, целиот договор зборува за противзаконски дејствија од типот на пренамена, трајна градба, ексклузивитет…
– Од месечината се гледа намерата на Димевски оваа атрактивна локација да ја претвори во градежна парцела со цел остварување огромни профити на грбот на граѓаните и државата преку еден куп прекршувања на многу закони – рече тој, додавајќи дека прекршен е Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост, Законот за спорт итн.
Меѓу другото, тој го спомена Членот 6 од договорот, кој предвидува дека „закуподавачот и закупувачот се согласни плаќањето да се врши со компензација на меѓусебни побарувања по основ на извршна судска пресуда бр.16 ТС-3613/07 од 15.7.2013 година, донесена од Основен суд Скопје 2“. Патем, Член 8 од договорот му гарантира на закупувачот дека единствено овластен да располага и да го издава под закуп предметниот простор на трети лица.
Во такви околности, кога опозицијата бара одговорност, а антикорупционерите постапуваат, ценејќи дека Димевски го оштетил буџетот, Јавното претпријатие управувано од Хајредин и приватната компанија управувана од Димевски го раскинуваат договорот за закуп. „Фокус“ располага со спогодбата за раскинување на договорот, која е склучена на 3.6.2020 година. Што се случува понатаму?
Само неколку дена подоцна, или на 10.6.2020 година, претпријатието на чело со истиот директор – Хајредин, склучува договор за закуп за истиот имот, плус дополнителни парцели, ама со друга компанија. Тоа е друштвото „Г3-Фуд“, регистрирано за трговија со метални и метални руди, основано во 2017 година. Компанијата е во сопственост на Мартин Глишиќ.
ДОГОВОР ЗА ЦЕСИЈА
За разлика од претходниот договор, кој беше склучен на период од 30 години за месечна закупнина од 600 евра, овој договор е склучен на период од 10 години, а месечната закупнина е 1.100 евра. Меѓутоа, со овој договор, покрај базенот и придружните објекти и паркингот, опфатен е и деловен простор во рамки на околните објекти.
Врз основа на овој договор, „Г3-Фуд“ закупува деловен простор од 483, 23 и 57 квадрати во објект на КП 5520 – соседната парцела каде имаше угостителски објекти, а денес под закуп работат разни работилници. Дополнително, „Г3-Фуд“ закупила уште 2 деловни простории, од кои една од 76 квадрати на КП 5526, која ја опфаќа спортската сала „Кале“, дадена на користење на КФМ.
Каде е тука проблемот? Новиот закупувач „Г3-Фуд“ никогаш не платил закупнина, бидејќи во игра пак влегла судската пресуда спомената во претходниот договор. Тоа е пресуда со која „ТУРД Олимпик“ судски го добива Јавното претпријатие поради стопанисување со простор во Олимписки базен. Врз основа на оваа пресуда, „ТУРД Олимпик“ има потврдено побарување кон ЈП во износ од 123 илјади евра, плус казнена камата.
Па така, кога Јавното претпријатие склучува нов договор со „Г3-Фуд“, трите страни склучуваат т.н. договор за цесија. На тој начин, повторно се заобиколува обврската за реална исплата, бидејќи обврските на новиот закупец „Г3-Фуд“ кон ЈП ги покрива стариот закупец „ТУРД Олимпик“ преку пребивање на судски потврдениот долг што го има јавното претпријатие кон „ТУРД Олимпик“.
Односно, ЈП му издава фактура на закупецот „Г3-Фуд“ од околу 9 милиони денари, колку што чини закупот за договорените 10 години. А, „ТУРД Олимпик“ има побарување од ЈП врз основа на судска пресуда за долг од 2003 година. Преку побарувањето на „ТУРД Олимпик“ се плаќа договорениот закуп, бидејќи „Г3-Фуд“, од друга страна, има побарување од „ТУРД Олимпик“, а долг кон ЈПСОС.
Тука клучна е фактурата меѓу „Г3-Фуд“ и „ТУРД Олимпик“ за овие 9 милиони денари. Едноставно, кога нов директор на Јавното претпријатие по починатиот Хајредин станува Зоран Исајловски, оваа фактура ја немало во архива. Единствено, според нашите сознанија, закупецот доставил фотокопија од фактурата меѓу претпријатието и компанијата, но не и фактура меѓу двете компании.
На крајот, поради неплаќање на закупнина, ЈП на 10.11.2022 година носи одлука за раскинување и поништување на договорот со „Г3-Фуд“ за закуп на делови од „Кале“, а истиот ден носи одлука и за ништовност на договорот со „ТУРД Олимпик“, иако тој веќе бил спогодбено раскинат?! Но, претпријатието добило одговор од другата страна дека не можат да поништуваат склучен договор, туку тоа може да го направи само судот.
Набргу потоа, „ТУРД Олимпик“ згаснува, па се поставува прашањето што се случи со нивното побарување кон ЈП за спортски објекти? Податоците што ги обезбедивме покажуваат дека денес „Македонска куќа“, уште една компанија на Димевски, е меѓу доверителите на Јавното претпријатие, имајќи во предвид дека има 2 извршни решенија со вкупен износ од 43.160.897 денари, плус казнена камата.
Конечно, со двата договори за закуп и договорот за цесија, со што практично (делумно) се наплаќа побарување преку неплаќање на закупнина, се изигруваат останатите доверители со побарувања кон јавното претпријатие, бидејќи еден доверител наоѓа начин да наплати дел од побарувањето на страничен и посреден начин, додека другите чекаат ред и веројатно никогаш немаат да го дочекаат, ако се знае дека претпријатието е со години со блокирана сметка.
Во врска со ова, контрола била извршена од УЈП, а документација прибирала и Финансиската полиција, која потоа иницирала постапка и во Јавното обвинителство, кое веќе испитувало повеќе сведоци. За потребите на сторијата, го посетивме јавното претпријатие, од каде само ни посочија дека постапуваат согласно закон и пропис. Се обративме и до МОК и претседателот Димевски, кој изјави дека „иницијативата на ДКСК била отфрлена поради непостоење на штета, а посочениот простор и ден денеска не е во функција“.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.