Како Филипче ќе ги „плаќа“ матичните лекари за граѓаните да се вакцинираат?

Најмногу бодови носат децата до 6 години и возрасните лица над 65 години.

by Fokus

На вчерашната владина седница беше донесена одлука со која матичните лекари ќе добијат еднократна парична награда и тоа 30 денари по пациент, ако успеат да ги убедат над 70 отсто од своите пациенти да се вакцинираат против ковид 19.

Оваа одлука доаѓа откако пред десетина дена министерот за здравство Венко Филипче истакна дека на тој начин ќе бидат мотивирани и матичните лекари, а од друга страна ќе им влијаат на граѓаните помасовно да се вакцинираат.

Имено, во последниот период вакцинацијата стагнира и само 39 отсто од целокупното население е вакцинирано.

Во моментот, во државата има 1.780 матични општи лекари. Според нашите информации, еден капитационен бод е 63 денари, а сите возрасни групи носат различни бодови.

Па, најмногу бодови носат децата до шест години – 3, 1 бод, со што Фондот за здравство за еден преглед на дете им плаќа по 190 денари, додека возрасните над 65 години носат 3,7 бодови по пациент, така што за еден преглед се добиваат 204 денари.

Нашите извори, исто така, тврдат дека најмалку бодови носи возрасната група од 18 до 35 години, поточно само 1 бод и од нив добиваат само 63 денари по пациент, со оглед дека тие најмалку имаат потреба од здравствени услуги.

Возрасните од 35 до 65 години по пациент, пак, имаат 1,6 бодови и матичните лекари од само еден преглед добиваат 90 денари.

Исто така, според нашите информации, еден матичен лекар во просек има 1.200 до 1.600 пациенти.

КАКО СЕ ПЛАЌААТ МАТИЧНИТЕ ЛЕКАРИ?

Во таков случај, според најавената мерка на министерот Филипче, матичните лекари нема да бидат многу финансиски мотивирани, бидејќи во моментот старите луѓе кои им носат најмногу бодови веќе се вакцинирани.

Исто така, децата до шест години кои се втори на бодовната скала воопшто не се вакцинираат, па така остануваат тие што им носат по 63 и 90 денари и на нив да се додаде уште 30 денари по пациент.

Сепак, досега никој од надлежните институции не излезе во јавност да објасни на кој начин ќе биде спроведена мерката, колку пари ќе бидат потрошени за таа намена и од која буџетска ставка ќе бидат потрошени?

Од Фондот за здравство за „Фокус“ ги потврдија информациите за капитацијата која ја добиваат матичните лекари, но околу начинот на кој и од каде ќе бидат плаќани не упатија во министерството за здравство.

Прашањето треба да го насочите кон министерството за здравство„ Плаќањето на обезбедените здравствени услуги на здравствената установа за избраниот лекар се врши според бројот на осигурените лица кои го избрале лекарот помножен со соодветниот број на поени по возрасни групи и вредноста на поенот за капитација.

 

Основната капитација за дејноста општа медицина за осигурено лице Фондот ја определува во зависност од возраста и полот, помножен со поени за секоја од категории осигурени лица. Со Одлука на Управниот Одбор на Фондот  во 2019 година е утврдено дека вредноста на  капитациониот бод е 63 денари“, се наведува во одговорот од ФЗОМ.

Во текот на вчерашниот ден се обративме и до Министерството за здравство, од каде експресно ни одговорија дека детали за оваа мерка ќе добиеме веднаш штом ќе помине на влада.

„Детали за оваа мерка ќе добиете доколку истата биде освоена од страна на Владата. Министерството за здравство предлага здравствени мерки за заштита од Ковид 19 и за заштита од ширење на вирусот, беше одговорот на ресорното министерство.

Со оглед на тоа што синоќа мерката доби зелено светло од Владата, денеска повторно се обративме за одговори во Министерството. Но, до објавувањето на текстот не добивме повратни одговори.

РЕВОЛТИРАНИ ЛЕКАРИ

Сепак, уште во моментот кога Филипче ја најави мерката, повеќето од матичните лекари револтирано коментираат дека здравствените власти користат многу ниски удари.

„Ова е најглупо што може некој да го предложи. Дојди ти министер за 30 денари да натераш некој да се вакцинира. Прво, нема шанси ние да ги мотивираме, кој ќе не слуша ако одлучил да не се вакцинира, а од друга страна се работи за еднкратна парична награда и за смешни пари“, вели матична лекарка, која сакаше да остане анонимна.

Доктор Лилјана Чолакова-Дервишова, претседател на Здружението на приватни матични лекари на својот фејбук профил уште веднаш реагираше и истакна никој не може да ја натера да ги убедува граѓаните да се вакцинираат.

Таа вели дека е важно здравјето на пациентите, но е против нивно присилување да се вакцинираат против ковид, бидејќи не сите пациенти можат да се вакцинираат поради одредени дијагнози или разни болести кои предизвикуваат реакции.

Во статистичките податоци на Фондот за здравство, освен 1.780 матични лекари по општа медицина, има и 1.324 матични стоматолози и само 165 матични гинеколози.

Ирена МУЛАЧКА

Поврзани новости