Архива: Како Фамилијата на Груевски ја градеше мрежата за прислушување

by fokus

fokusova-arhivaТекстот е објавен на 20-ти мај 2016 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1076

Пишува: Љубиша АРСИЌ

Со измените на Законот за електронски комуникации во 2010 година на МВР му се овозможи пристап до операторите, даватели на комуникациски услуги. Освен тоа, операторите беа задолжени да на ја набават опремата за прислушување и да им овозможат на државните органи слободен пристап до комуникациите на корисниците. Тогашните реакции на опозицијата и на јавноста немаа резултат оти власта како да подготвувала терен за масовното следење на комуникациите. За да си олесни, наместо да интервенира во Законот за следење на комуникациите за кој е неопходно двотретинско мнозинство, таа преку закон на Министерството за транспорт и врски ѝ отвори врата на полицијата да може во секое време, кого сака да слуша. Ако МВР можело на своја рака да прислушува, тогаш колку за тоа знаел Телеком? Кој од таму знаел и дали штител некого?

Ако се проанализираат сите братско-братучедски-кумовски релации на клучните луѓе во МВР, Телеком и компаниите преку кои се набавува софистицирана телекомуникациска опрема, тогаш е повеќе од јасно која е врската и улогата на овие лица, според многумина, предводени од експремиерот Никола Груевски во скандалот со масовното прислушување на повеќе од 20.000 граѓани на Македонија. Истрагата за инволвираноста на најголемата телекомуникациска фирма во Македонија е една од клучните за да се открие вистината како се спроведувало прислушувањето, дали компанијата знаела и дозволила власта да следи нејзини корисници, кој е инволвиран во криминалот и на каков начин?

Нејасно е зошто не се откриваат детали од интерната истрага отворена од Маѓар телеком. Беше објавено дека истрагата е отворена во мај, лани, три месеци по објавувањето на првите тонски снимки од прислушувањето. Дали во тој период телекомуникациската фирма имала начин и шанса да направи соодветни интервенции во системот за да се избришат трагите? Иако за познавачите веројатноста е голема, сепак, засега во јавноста остануваат единствено непотврдените информации дека, кога опозицискиот СДСМ почна со објавувањето на прислушуваните аудиоснимки, Телеком почнал со интервенции врз базните станици лоцирани во Скопје, но и во други градови. Останаа да лебдат претпоставките дали е нешто менувано во опремата и дали тоа е начин да се избришат некакви податоци? Уште повеќе, дали таквите активности на компанијата биле обид да се прикрие нешто околу незаконското прислушување.

Ако овие прашања останаа без точен одговор, тогаш потврден е одговорот дека Телеком ќе стори сѐ да го попречи излегувањето на вистината со масовното прислушување. Јавноста и натаму има право да се сомнева во резултатите од истрагата на Маѓар телеком од Унгарија, сопствениците на Телеком затоа што првите луѓе во компанијата имаат релации со оние кои стојат зад прислушувањето.

Опасноста е во тоа дека ако истрагата го потврди масовното снимање на граѓаните би се отворила уште една пандорина кутија за Маѓар телеком, покрај скандалот со поткупот каде што очекувано е да има судска завршница во САД, која ја засега и Македонија, особено преку сведокот, ексразузнавачот Слободан Богоевски.

slobodan-bogoevski-1-740x320

Зошто е важно ова поврзување на корупцискиот скандал со поткупот во Телеком, судскиот процес во САД и аферата со прислушувањето? Зошто е важна улогата на Маѓар телеком, и тогаш и сега? Дали е можна независна и професионална интерна истрага за прислушувањето од страна на Маѓар телеком? Каква е спрегата на клучните луѓе од Македонскиот телеком, Фамилијата и МВР? Дали поставувањето проверени играчи на власта на клучни позиции е одиграно за да се организира и прикрие прислушувањето? Зошто Агенцијата за електронски комуникации молчи за скандалот?

Сето ова е важно за да се открие вистината за прислушувањето. Дури, соговорниците на „Фокус“ отвораат и нови димензии во целиот скандал. Дали е случајно спојувањето на Т-мобиле и Т-хоум во една компанија? Како Гркот Димитрис Кондоминас извишува хотел на плоштадот во Скопје? Дали спојувањето на операторите ВИП и Оне е случајно и какво ќе биде влијанието на Иво Ивановски, ексминистерот за информатика и администрација од новата позиција, директор на Мтел од Бугарија? На крајот, дали е случајно згаснувањето на Албафон, промовиран како виртуелен мобилен оператор во Македонија?

На сите овие прашања мора да постојат одговори во правец на откривање на вистината за поврзувањето на двата скандала со поткупот во Телеком и со прислушувањето. Затоа е јасно зошто Специјалното јавно обвинителство (СЈО) инсистира да го преземе предметот Телеком од Основното јавно обвинителство, а уште појасни се гласните и груби потези на власта и на претседателот на Советот на јавните обвинители, Петар Аневски во обид да не го предадат предметот. Дури, станува очигледно дека се настојува делото „поткуп“ да застари.

lukovski-mijalkov

ЛУКОВСКИ ОД „ЕКСИКО“ ПРЕКУ „МОБИКО“ ДО ТЕЛЕКОМ

 

Еден од клучните актери во тимот кој има информации за прислушувањето е Жарко Луковски, главниот оперативен директор на Телеком. Тој заедно со уште еден човек во државата се зборува дека се единствените кои имаат сертификат од Дојче телеком под чија капа е Маѓар телеком, за користење на серверот за безбедносни потреби.

Луковски ја почнува својата кариера во ноември 2006 година, само неколку месеци по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт. Тој важи за еден од главните соработници на Сашо Мијалков со кого се во кумовска врска. Кус преглед на биографијата на Луковски открива голема, и не така случајна поврзаност со компании вмешани во сомнителни бизниси со офшор-компании, тендери за владини проекти, медиуми и бизнис со телекомуникациска опрема и услуги.

Така, на пример, Луковски од 1996-2000 е генерален директор на „МОБИКО Скопје“, а од 2003-2006 година е претседател на Управниот одбор. Актуелен директор на „Мобико“ е Владислав Стајковиќ, основач и сопственик на фирмата НВСП, која е сопственик на Агенцијата за обезбедување на имоти и лица СГС, која се поврзува со Мијалков, но се споменува и како фирма која се користела за наплата на провизии, особено при набавка на опрема за прислушување. Стајковиќ се јавува и како прв сопственик на компанијата ФИНЗИ, сопственик на провладиниот портал Нетпрес. Агенцијата СГС  го доби милионскиот тендер од Луковски за обезбедување на објектите на Телеком.

„МОБИКО“, пак, на Стајковиќ, е овластен сервисер на мобилни телефони на Т-мобиле управуван од Луковски. Во годишните сметки на Телеком стои дека преку „МОБИКО“ купуваат стоки и средства во износ од над два милиони евра.

Името на Небојша Стајковиќ, брат на Владислав Стајковиќ, кое многу малку, или речиси воопшто не се спомнува во јавноста е можеби главната оперативна врска меѓу Т-мобиле на Луковски и бизнисите на неговиот брат Владислав со Мијалков. Но, ако постои злоупотреба на Т-мобиле во аферата со неовластеното прислушкување, познавачите толкуваат дека тој би морало да има информации, со оглед на неговата двојна позиција.

Небојша Стајковиќ, кој од декември 2009 година (времето од кога неговиот брат раководи со „МОБИКО“, СГС и со други фирми блиски со Мијалков и Луковски) е избран за неизвршен член на Одборот на директори на Т-мобиле. Истовремено и во континуитет од 2006 година, тој ја извршува и функцијата помошник на министерот за внатрешни работи за информатика и телекомуникации – началник на Одделот за информатика и телекомуникации. Оваа функција и членувањето во одборот директори на доминантниот телекомуникациски оператор е класичен пример на судир на интереси, кој од аспект на аферата со прислушувањето треба и да подлежи на кривична одговорност.

Но, братската врска на Стајковиќ, како и врските со Луковски и со Мијалков не застанува тука. Исто како и неговиот брат Владислав, така и Небојша од 1998 -1999 година работи како систем администратор во фирмата на Луковски „МОБИКО“. Луковски во својата биографија наведува дека од 2002-2003 година е генерален директор на фирмата Комтрејд, Скопје, за која постојат основани сомневања дека тоа е фирмата „Комтрејд груп“ на српскиот бизнисмен Веселин Јевросимовиќ, која во 2009 година го доби тендерот за набавка на 55.000 компјутери за децата до трето одделение и наставниот кадар во основните училишта на Министерството за информатичко општество, вреден 11,7 милиони евра. Овој проект познат како „Компјутер за секое дете“ никогаш не заживеа, и покрај потрошените пари за реализација на приватните бизнис-интереси на луѓе блиски до власта. Јевросимовиќ, пак, преку својата групација за информациски технологии „Kомтрејд“, купи 56 отсто од акциите на „Фершпед“ во ТВ Алфа, за што платил 2,5 милиона евра.

Она што ги поврзува Жарко Луковски, Небојша Стајковиќ, Владислав Стајковиќ, Сашо Мијалков, Орце Камчев и Никола Груевски е секако офшор-фирмата „Ексико“, една од најуспешните офшор-компании. Истражувачкиот центар БИРН пред неколку дена објави дека токму Луковски е еден од сопствениците на „Ексико“. Според документацијата од Централниот регистар, во сопственичката структура на оваа фирма, која со години наназад имаше сопственици кои за јавноста беа енигма, бидејќи се криеја во офшор-компании лоцирани во Белизе, САД и во Лугано, освен Луковски и Стајковиќ, се провлекуваат лица од Чешка, индиректно поврзани со поранешниот шеф на тајната полиција Мијалков, потоа фирми поврзани со бизнисменот Камчев, како и посредници од Лугано (Швајцарија) и Никозија (Кипар). Иако сопствеништвото на фирмата со офшор-капитал „Ексико“ беше непознато, оваа компанија во 2012 и во 2013 година се наоѓаше на листата најуспешни компании, според „Еуробизнис центар“, со нето-добивка, која достигнува до речиси 9 милиони евра годишно.

„Ексико“ се јавува како еден од сопствениците на вредно земјиште на Водно, кое од спортски терени премина во станбени објекти заедно со „Кара“ АД, која се поврзува со Камчев, а поседува и акции во големи компании како „Бетон Штип“ и Земјоделскиот комбинат „Пелагонија“.

kontominas_1

ВЕЧНАТА ЕНИГМА КОНДОМИНАС

По веста дека судот во Њујорк го објавил сведочењето на поранешниот шеф на македонската тајна полиција, Слободан Богоевски – во кое тој како клучен сведок во судскиот процес против директорите на Маѓар телеком се јавува во улога на посредник во корумпирањето политичари во Македонија – се отвораат неколку прашања во оваа телекомуникациска приказна на која и надлежните институции и специјалниот јавен обвинител ќе треба да дадат одговори.

Кога го анализираат криминалот во Телеком, нашите извори не може да не го споменат името на Димитрис Кондоминас, Гркот кој е главен партнер на функционерите од власта кога треба да се одбрани неговиот интерес. На македонската јавност тој ѝ е познат по неговите бизнис-зделки во Македонија, а последните се изградбата на Офицерскиот дом и хотелот во центарот на Скопје, дел од проектот Скопје 2014. Таткото на грчката осигурителна компанија „Интерамерикан“, во Македонија стана познат како сопственик на компанијата „Космотелко“, која имаше дел од акциите во Македонски телеком и ја доби националната лиценца за WiMax, широкопојасен интернет.

Според профилот на компанијата објавен во весникот „Катимерини“, „Космотелко“ имаше 7,4 проценти учество во „Стоунбриџ комуникации АД Скопје“, компанија која контролираше 51 отсто од „Македонски телекомуникации“. Кондоминас се вклучи во проектот „Скопје 2014“ преку купување на земјиштето на плоштадот Македонија за изградба на барокниот хотел „Мериот“, како втор по веќе отворениот од истиот бренд, и Офицерскиот дом, проект за кој неговата фирма „ДЕМКО“ беше единствен понудувач и доби површина од 6.308 квадратни метри за околу 630.000 евра

Кондоминас се обиде, но неуспешно, да се вклучи и во енергетскиот бизнис преку учество на тендерите за изградба на хидроцентрали во Македонија. Тој беше сопственик и на македонската Алфа ТВ, но откако телевизијата не доби национална концесија, ја продаде телевизијата на Французи.

Грчкиот бизнисмен имаше и земјиште од околу 22.000 квадратни метри кај хотелот „Александар палас“ со план да изгради голем трговски и бизнис- центар, идеја која пропадна бидејќи голем дел од земјиштето преку денационализација им беше вратено на сопствениците. За наводни нелегални трансакции за ова земјиште затворска казна во процесот „Агент“ доби токму Богоевски. Тој во своја одбрана пред судот тврдеше дека со пресудата за „Агент“ власта ги штити интересите на анонимната офшор-компанија на Кондоминас. Богоевски јавно изнесе дека на легален начин договориле грчкиот бизнисмен Кондоминас да се откаже од земјиштето кај хотелот „Александар палас“, кое го купил во 2000 година од Република Македонија, а за возврат да му бидат вратени парите и да добие заштита за другите бизниси во земјава.

Покрај новинарските написи за темата, Транспаренси интернешнел спроведе истражување за улогата на Кондоминас во овој корупциски мегаскандал „Поткуп во Телеком“. Тие дојдоа до клучните податоци од истрагата на американските институции, кои покажуваат дека функционери од две македонски партии во времето на владата на Владо Бучковски зеле поткуп преку кипарската офшор-компанија „Чаптекс лимитед“, сопственост на Кондоминас. Според истрагата, обвинетите од Телеком склучувале лажни договори за консултантски услуги со „Чаптекс“, а потоа со тие пари се подмитувале македонските политичари и фунционери со цел да се помогне во одржувањето на монополската позиција на Телеком. Според исказите на Богоевски, кој е клучен сведок од Македонија во оваа афера, дадени пред адвокатите на американската Комисија за хартии од вредност, лицата В.Б., А.А. и М.Џ. (јавноста ги препозна имињата на Владо Бучковски, Али Ахмети и Муса Џафери) во повеќе наврати, а со посредство на луѓето на Кондоминас, примиле 7,5 милиони евра во кеш.

Наводно, Кондоминас во 2008 година стапил во контакт со функционери од власта и се шпекулира дека понудил многу пари за да се повлечат пријавите и потерниците против двајца поранешни директори во Телеком по кои МВР распиша потерница поради аферата „Поткуп во Телеком“. Ова е тврдењето на Слободан Богоевски во интервју за „Фокус“. Тој рече дека потерниците биле повлечени, постапката била запрена и во целиот процес посредувала позната адвокатска канцеларија доверлива на власта. Постапката против директорите запре, а како своевидна компензација во проектот „Скопје 2014“ влезе ќерката на Кондоминас со фирмата „Денко“, која го гради Офицерскиот дом и хотелот.

 

КАКО И ЗА КОГО ОДИГРАЛ МИНИСТЕРОТ ИВАНОВСКИ?

 

Јавноста има право да се сомнева во одлуката на врвот на доминантниот телекомуникациски оператор во Македонија, да ги обедини Т-мобиле и Т-хоум под еден бренд Телеком. Во контекст на спојувањето на телекомуникациските оператори во Македонија, интересно е да се истакне оставката на министерот за информатичко општество, Иво Ивановски, кој од самиот почеток раководи со ова Министерство, кое во основа се занимава со уредување на прашањата од областа на информатиката и телекомуникациите. Тој замина да раководи со доминантниот телекомуникациски оператор во Бугарија „Мтел“, кој во Македонија го купи Близу. „Мтел“ е дел од Телеком Аустриа груп. Газда на Телеком Австрија е мексиканскиот милијардер Карлос Слим, кој пред неколку години беше гостин на свадбата на министерот Ивановски во Битола.

Tокму Телеком Австрија, во чија сопственост е и македонскиот оператор ВИП по долги преговори со словенечката влада, неодамна го купи нивниот телекомуникациски оператор во Македонија, Оне, така што Ивановски ќе има влијание врз новата телекомуникациска компанија ВИП која ги интегрираше и Оне и Близу. Комисијата за заштита на конкуренцијата на седница одржана во јули 2015 година донесе решение со кое го одобри спојувањето, иако истакнаа дека тоа ќе ѝ штети на конкуренцијата.

Еден месец по оставката на Ивановски од позицијата министер за информатичко општество и администрација и заминувањето на челната позиција во телекомуникациски оператор во Бугарија, македонската јавност и институциите за борба против корупцијата и спречувањето на судир на интереси не ги отворија прашањата. Дали имало судир на интереси и корупција на министерот од позиција на раководител на ресор кој уредува телекомуникациска инфраструктура и телекомуникации, кога експресно заминува на чело на компанија која добива позиција во телекомуникацискиот простор во РМ? Односно: Дали од позиција на министер одработувал за странската компанија, за да ја добие челната позиција?

Одговорите на овие прашања се важни поради фактот што министерството со кое раководеше од 2008 година ги врши работите што се однесуваат на развојот и промоцијата на информатичкото општество; креирањето и водењето на регистар на информационите и комуникациските системи и информатичката опрема во рамките на органите на државната управа; интегрираната информатичка и комуникациска мрежа, базите на податоци, меѓусебното поврзување и размена на информациите, безбедносните аспекти и развојот на инфраструктурата на државните органи, правните и другите лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања,телекомуникациите и телекомуникациската инфраструктура; радиодифузијата и радиодифузната инфраструктура…

Како континуитет на овие „чудни“ спојувања на операторите во Македонија вреди да се спомне дека во јуни 2015 година пред да се донесе одлуката за спојувањето на Оне и ВИП, престана да работи наголемо промовираниот виртуелен мобилен оператор Албафон, кој требаше да цели на албанската популација во Македонија. Албафон ја користеше комуникациската мрежа на Оне, која сега е дел од новата компанија ВИП. Имаше 16 илјади корисници. Во „бомбите“ се дозна дека Мијалков договара да го преземе обезбедувањето на објектите на Албафон. Згаснувањето на Албафон (јуни), спојувањето на ВИП и Оне под нова компанија „онеВИП“ (јули 2015), преземањето на челната позиција на „Мтел“ Бугарија (август/септември 2015), спојувањето на Т-мобиле и Т-хоум под еден бренд Телеком (септември 2015) – во период кога Македонија ја тресе мегааферата со противзаконското прислушкување ја доведува под прашалник случајноста на овие одлуки на странските компании раководени од луѓе блиски до власта, осомничени за вмешаност во злоупотреба на моќта, власта и кршењето на правата на граѓаните.

 

ЧУДНАТА УЛОГА НА ОРДАНОВСКИ

 

Каде е Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) во целата приказна? Законите ја уредуваат обврската на операторите во процесот на следење на комуникациите, преносот на податоците, зачувувањето, набавката на соодветна опрема за следење на комуникациите според спецификација од овластениот орган… Но, колку од овие обврски се спроведени од страна на АЕК, особено во делот на контролата, надзорот и заштитата на правата на граѓаните, е големо прашање, ако се знае суспендирањето на сите контролни механизми врз власта од страна на криминалната структура, која со години неовластено ги следела комуникациите на граѓаните? За да биде иронијата поголема, АЕК во јануари 2015-та донесе Правилник, кој ја регулира и нагласува токму оваа обврска на Агенцијата (обезбедување на интегритет и безбедност на јавните комуникациски мрежи и личните податоци на граѓаните) и на Дирекцијата за заштита на личните податоци.

Во ноември 2013 година, АЕК обзнани дека на Водно ќе гради Кула (антенски систем за контрола и мониторинг на радиофреквенции за територијата на целата држава), која ќе биде мониторинг центар, а истовремено и туристичка атракција. СДСМ тогаш реагираше дека стандардите не дозволуваат на иста локација да има и предавателни и мониторинг уреди и дека европските искуства покажуваат оти ваквите кули се во сопственост на јавните радиодифузни сервиси, а не на агенциите. Затоа е нејасно зошто во Македонија кулата е во сопственост на АЕК и како оваа непрофитабилна агенција ќе остварува профит од кулата која е најавена и како туристичка атракција? Не изостануваат претпоставките дека намерата на АЕК е во иднина врвот на Водно да биде расчистен од бројните присутни антени и во нивната централна кула да се префрлат сите радиодифузери и мобилни оператори.

Со АЕК од 2010 година директорува Роберт Ордановски, кој пред да стане директор на Агенцијата од 1997 година, е на клучни позиции во „Македонски телекомуникации“ и во Т-мобиле, компанија која сега треба да ја контролира преку АЕК.

Ордановски важи за близок човек на партијата на власт, а во извештајот на ДИК за 2014 година неговото име се спомнува како донатор на 45.000 денари за кампањата на Ѓорге Иванов. АЕК донираше и еден милион евра за изградба на Панорамското тркало, кое според пресметките треба да чини околу 18 милиони евра.

Кога сме кај обврската за заштита на личните податоци и приватноста на корисниците на услугите на АЕК и телекомуникациските оператори, добро е да се спомне дека, поранешната директорка на Дирекцијата за заштита на личните податоци Маријана Марушиќ, по нејзиното барање за разрешување (октомври 2010 година) од позицијата директор на Дирекцијата, својата работна кариера ја продолжува на позицијата овластено лице за информации од јавен карактер/офицер за заштита на личните податоци во Т-мобиле Македонија АД Скопје, кај Луковски.

 

КРАЛЕВ ПОТПИША ЗА АФИСИТЕ И ЗАМИНА ВО ТЕЛЕКОМ

 

Во оваа телекомуникациска приказна, не помалку интересни се ликот и делото на поранешниот министер за образование и наука во периодот 2011-2013 година, Панче Кралев. Тој поднесе оставка од позицијата откако владата дозна дека професорката од Факултетот за безбедност, Фросина Ременски, му поднела кривична пријава за злоупотреби при спроведување на проектот за набавка на лаборатории за државните универзитети и јавни научни установи.

Аферата „Афис“ што ја објави „Фокус“ останува да сведочи за незаконската набавка на три лаборатории за криминалистичка регистрација и идентификација, според тендерот – една за Факултетот за безбедност и две за МРТВ, но и компјутерски хардвер и софтвер, кој исто како и АФИС системот може да биде злоупотребен.

Случајно или не, но во екот на „бомбите“ и обелоденувањето на аферата со незаконското прислушување, на 15 април 2015 година, дојде веста дека Кралев (за првпат) и веќе споменатиот Небојша Стајковиќ (вторпат) се избрани за неизвршни членови во одборот директори на Македонски телеком.

Од оваа перспектива и низ призмата на аферата со незаконското прислушкување останува да се бараат одговорите на дилемите за стварноста на милионското осовременување на високообразовните институции во РМ со софистицирана опрема и учеството на фирми и компании во злоупотреба на средствата за комуникации за неовластено собирање податоци за граѓаните со нивни пари.

 

ВМРОВЦИТЕ СЕ ВО БИЗНИС СО ТЕЛЕКОМ УШТЕ ОД „АНАЛИТИКО“

 

Во оваа пригода, неопходно е да се спомене и фамозната партиска фирма на ВМРО-ДПМНЕ, „Аналитико“. Таа ги произведе „продуктивните“ кадри на власта, кои одработија во телекомуникацискиот бизнис, а очигледно главни биле и во прислушувањето.

„Аналитико“ беше основана во ноември 2004 година на адресата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Ликвидирана е во декември 2007 година, речиси една и пол година по победата на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори во јули 2006 година. Во мај 2006 година бил склучен договор меѓу Македонски телеком и фирмата „Аналитико“ за маркетинг-услуги и за дистрибуција на СИМ картички, во вредност од околу 120 илјади евра.

Ударната вмровска гарнитура – Гордана Јанкулоска, Мартин Протуѓер, Миле Јанакиески, Елизабета Канческа-Милевска, Оливер Шамбевски… продавала СИМ картички. Договорот меѓу Телеком и „Аналитико“, формално бил склучен токму за маркетинг-услуги и дистрибуција на СИМ картички. Дали зад овие имиња се кријат најголемите финансиски, изборни и политички малверзации од 2006 година наваму?

Груевски до ден денес прашањето за Телекомот го турка под килим. Добрите познавачи на овој бизнис тврдат дека тој има и дебели причини за вакво однесување. Тоа сигурно го знаат Богоевски и неговиот политички и бизнис-партнер од Грција, Кондоминас. Во писмото испратено до него, како тогашен министер за финансии, чиј потписник е Елек Штрауб, извршен директор и претседател на конзорциумот МАТАВ (Маѓар телеком), кој дал финална понуда за купување 51 отсто од Македонски телеком, се вели: „Ние сме убедени дека суштинската програма за капитални трошоци (631 милион евра од 2001 до 2007 година) ќе им обезбеди на македонскиот народ и на компаниите пристап до современа инфраструктура и активна улога во глобалното информативно општество“.

Тие подоцна се изборија за приватизацијата на „Македонски телеком“, Дали тие пари стасале, најдобро знае Груевски. Сомнително е што во 2007 година ја одбегнува обврската да ангажира независен ревизор кој ќе утврди дали инвестицијата од 631 милион евра стасала во Македонија.

Судскиот процес во Њујорк, против тројцата директори, Елек Штрауб, Андраш Балог и Тамаш Морваи на телекомуникациската компанија „Маѓар телеком“ (МАТАВ), обвинети дека потплатувале политичари во Македонија и Црна Гора, но сега веќе и клучното сведочење на Богоевски во процесот, ќе ја разбистри водата преку отворање на оваа афера, која толку блиску допира до актерите и до аферата со прислушувањето.

 

ПОТКУПОТ ВО МАКЕДОНИЈА ЌЕ ЗАСТАРИ

 

Но, дали за тој поткуп ќе има можност да се отвори процес во Македонија? СЈО имаше грчевита битка со Советот на јавните обвинители околу надлежноста врз предметот „Телеком“. Специјалните обвинители најмногу се интересираат за поткупот, кој сега во јуни би требало да наврши десет години откако се случила последната рата. Со оглед дека казната затвор за ваквите дела е до 10 години, досието ќе застари. Иако по сведочењето на Богоевски во Њујорк, Јавното обвинителство направи првичен напор да покрене нешто, сепак отсуствуваат двата клучни елементи за да не застари делото – да има истрага против конкретно лице за конкретни дејствија.

Дали таквата улога Петар Аневски ја одигрува за јавниот обвинител Марко Зврлевски? Дали свесно власта преку обвинителите настојува предметот да замине во обвинителските архиви? Токму од таа причина, со оглед на краткиот временски интервал, СЈО се обидува да го преземе предметот. Логично е дека ако СЈО го бара предметот за да постапува, дека поседува телефонски снимени разговори. Инаку, зошто Катица Јанева би го барала предметот?

Но, за да не го предаде досието со поткупот Основното јавно обвинителство иницираше седница на Советот на јавните обвинители, иако специјалниот закон за СЈО го дерогира општиот закон за јавно обвинителство, па според тоа ако Јанева одлучи дека е надлежна за предметот, тоа мора да биде така. На таа седница Советот на јавните обвинители донесе политичка наместо правна одлука и го остави предметот во Основното јавно обвинителство. Во одлуката на Советот се наведува дека не било доволно тоа што Јанева декларативно се изјаснила дека предметот му припаѓа на СЈО, туку таа требало да изнесе од кои разговори произлегува надлежноста, кога се водени тие разговори, помеѓу кои лица и да даде опис за содржината на снимките. Едноставно, Аневски сака да дознае какви „бомби“ има Јанева за поткупот пред да одлучи дефинитивно да и го додели. А нејасно е и тоа зошто предметот да остане во обвинителството кое 10 години никако ни да го почне, а не, пак, да го заврши?

И сега, за да го увери Аневски дека е надлежна, што треба да направи Јанева? Да ги емитува бомбите јавно? Да ги достави до Советот на јавни обвинители? Секако, секоја претпоставка е неможно да се случи и затоа, ако не се направи нешто во скора иднина, досието ќе замине во историјата, а примачите на мито македонските политичари, ќе останат неказнети. Но, што може да се направи со делото „перење пари“? Практично, тие пари морале да остават некаква трага, а таквото дело не може да застари. Колку тоа во иднина ќе се истражува? Ако предметот остане кај Зврлевски, тешко дека нешто ќе се открие.

ВО КРИВИЧНИОТ СУД СЕ ВОДИ ПРОЦЕС ЗА ПРОНЕВЕРЕНИ ПАРИ ВО ТЕЛЕКОМ

 

За делото „несовесно работење во службата“ во Телеком, пред Кривичниот суд во Скопје одговараат поранешниот извршен директор Атила Сендреј, како и членовите од одборот директори, германскиот државјанин Ролф Плат и Унгарецот Золтан Кишуас. Процесот почна во 2011 година и до сега се одржани 15 рочишта. Иако не се тука, сепак судот изведува докази, а не е исклучено да се донесе и пресуда. До сега нема обиди делата што им се ставаат на товар да се пренесат во матичните држави на обвинетите и таму да им се суди. Неофицијални извори од судството пренесуваат дека во Германија е запрена постапката против Плат, најверојатно затоа што тече таа во Македонија. Инаку, она што е интересно е што Гркот Михаил Кефалијанис првично најавен како организатор на групата е изоставен од обвинителниот акт. Кога МВР ја поднесуваше пријавата, се споменуваше дека парите испумпани од Телеком наводно завршувале на сметка на негова фирма, а потоа исчезнувале. Групата склучувала фиктивни договори за консултативни услуги и го оштетила Телекомот за близу четири милиони евра. Кефалијанис го извлекуваат од истрагата на Јавното обвинителство под нејасни околности, но одново се споменуваат грчките релации на власта преку Кондоминас.

Поврзани новости