Македонските планинари – Иван Цеков и Илија Пасинечки од ПСК „Скопска Црна Гора“, Никола Илиевски – Жика од „Стратус“, и Златко Јаќовски член на скопскиот планинарски клуб Х2О успешно го искачија Матерхорн, еден од најпрепознатливите и најлегендарните врвови на Алпите.
Како што раскажуваат дел од нив за „Фокус“, искачувањето на овој импозантен алпски врв не било само уште една планинарска авантура, туку резултат на долга подготовка, дисциплина, искуство и сериозна физичка и психичка подготвеност.
Додаваат дека подготовките за предизвик од ваков тип практично никогаш не престануваат. Во текот на целата година редовно планинарат. Неколку месеци пред заминувањето на Алпите, тренинзите станале уште поинтензивни. Подготовките вклучувале планинарење, кондициски тренинзи, искачување по карпи и движење по технички терен – сè што е потребно телото и умот да бидат подготвени за она што ги очекува високо на Алпите.

Тие го започнале искачувањето на Матерхорн од италијанската страна, од Червинија. Првиот ден се искачиле до планинарскиот дом Карел, каде што преспале, а рано следното утро тргнале кон врвот. Патот до врвот бил долг и технички, а покрај тежината на самиот терен, дополнителен предизвик претставувала и височината. Токму затоа правилното темпо, концентрацијата и внимателното распоредување на силите биле од огромно значење.
Еден од најголемите предизвици била навигацијата. За разлика од класичното планинарење по маркирани патеки, овде движењето се одвива низ огромен карпест терен, каде што правилната линија на искачување не секогаш е очигледна.

„Доколку ја изгубите вистинската линија на движење и неколку пати мора да се враќате назад, се губи драгоцено време и тоа подоцна може да стане сериозен проблем. На таква планина времето е многу важен фактор“, раскажуваат тие.
Дополнителен психички предизвик претставувала големата изложеност на одредени делови од маршрутата. На некои места просторот за грешка е минимален, па секој чекор бара целосна концентрација и присебност.
Токму затоа моментот кога стигнале на врвот имал посебна тежина.
За нив, искачувањето на Матерхорн претставува резултат на долг период на тренинг, стекнато искуство и внимателна подготовка. Сите искачувања биле независни едно од друго.
Матерхорн е еден од симболите на Алпите, а чувството да се застане на неговиот врв по целиот вложен труд, велат тие, тешко може да се опише.
Но овој успех за нив има уште едно значење – на врвот се искачија како планинари од Македонија.
„Македонија нема врвови од 4.000 метри и немаме Алпи пред врата, па за вакви искачувања мора дополнително да вложуваме во патувања, подготовки и собирање искуство. Затоа успехот го доживуваме и како потврда дека со сериозна подготовка, дисциплина, почит кон планината и добра екипа, и планинари од Македонија можат успешно да се носат со вакви големи алпинистички предизвици.“
Сепак, зад фотографијата од врвот и чувството на успех стои една порака која особено ја нагласуваат – освојувањето на врвот никогаш не е поважно од безбедното враќање.
„За нас најважно не е само да се каже дека сме го „искачиле“ врвот. Планината секогаш е посилна од човекот. Најважно е да се искачиш, но и безбедно да се вратиш дома“, велат тие.
Матерхорн е висок 4.478 метри и се наоѓа на границата меѓу Швајцарија и Италија. Неговата карактеристична пирамидална форма го направила еден од симболите на алпинизмот и една од најфотографираните планини во светот. Врвот првпат бил искачен на 14 јули 1865 година, во експедиција предводена од британскиот алпинист Едвард Вимпер, но историското искачување завршило трагично – четворица членови на тимот загинале при спуштањето.
И денес Матерхорн се смета за сериозен алпинистички предизвик кој бара одлична физичка подготовка, искуство во движење и искачување по карпа и мраз, добра аклиматизација и постојана концентрација.
Маја Терзиова