Aко ние политичарите не се придржуваме на одлуките и забраните, ако ние даваме погрешен и срамен пример пред граѓаните, тогаш не треба ни да се занимаваме со политика, реагира претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на својот фејсбук профил откако синоќа лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски беше „уловен“ во кафеана на „Боемска“ во Дебар Маало.
„Како што никој не веруваше во приказната за мали деца за ‘отсјајот во теретаната’, така сега никој не верува во приказната дека лидерот на опозицијата не бил информиран доволно за новите протоколи. Па, како е можно да не бил информиран, кога министерот за внатрешни работи постојано кажува дека редовно го информира својот шеф за сите одлуки и мерки на Владата? Како е можно Мицкоски да не знаел дека неговата ’средба со познаници во една скопска кафеана‘ е арогантно кршење на правилата за заштита на здравјето?“, напиша Заев на фејсбук.