Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ
„Масакрот на Денот на вљубените“ е назив даден за убиствата во 1929 година. Тогаш во Чикаго биле убиени седум мажи, членови на бандата од Северната страна, во периодот на прохибицијата.
На тој 14 февруари дошло до судир меѓу ирско-американска банда и италијанската банда од Јужната страна, предводена од Ал Капоне. Тогаш тој се обидуваше да ја преземе контролата врз организираниот криминал во градот и да ја спречи бандата предводена од Џорџ „Багс“ Моран.
Ги убија четворица мажи, двајца облечени во одела и вратоврски и двајца маскирани како полицајци. Петмина од убиените работеа за Моран.
Самиот Ал Капоне, познат по прекарот „Лице со лузна“, отпатувал во Мајами неколку дена пред убиството. Иако сите знаеја кој стои зад овој напад, Ал Капоне имаше солидно алиби и никогаш не беше обвинет за масакрот на Денот на вљубените.
Ист број мажи, четворица, облечени во црна облека и маскирани со фантомки, на 6 март влегоа во кафулето „Шиша бар“ под скопско Кале.
Се претставиле како полицајци, се качиле на вториот кат од кафулето и влегле во „мониторинг“ салата. Викнале „рација“ и почнале да пукаат. Испукале 40 до 50 куршуми во главите и телата на три лица.
Најголем дел од куршумите завршиле во еден од главните водачи на криминалната група „Дуќанџик“, Јетон Кривањева-Жила и во Енес Исеинов-Љаци од истата група, а мал дел во нозете на трето лице што седело со нив.
„Дуќанџиќ“ – името го добила од скопското маало во близина на Бит-пазар и пластичарската улица, од каде што е водачот на оваа група, која кохабитира со лица и од други скопски населби.
„Беланоца“ – името го добила според кумановското село Белановце, кое на албански се вика Беланоца, од каде што потекнуваат основачите на овој клан и нивните наследници.
Своевремено, овие кланови не постоеле, бидејќи целото подземје било на купче. Арно ама, односите меѓу неговите водачи се нарушуваат, што го отвора кругот на меѓусебни убиства, кои траат до ден денес.
Низ годините така се раѓаат повеќе групи што го бараат своето место под криминалното сонце, така што тие склучуваат сојузи со други групи во битката за превласт со конкурентите.
„Фокус“ прави хронологија на настаните – кога и зошто почнале убиствата меѓу некогашните ортаци, кои станаа смртни непријатели, мотивирани од крвна одмазда, како и за позиционирање на црниот пазар со дрога, лихварство, рекет…?
Во јули 2009 година се случува убиствa, кое се смета за вовед во дведецениската пресметка меѓу „Беланоца“ и „Дуќанџик“.
Со куршум во главата, фрлен на депонија на патот од Арачиново кон Куманово, најден е мртов Агим Шерифи од Синѓелиќ, вујкото на Орхан Бајрами – Оки, сегашниот неформален лидер на групата „Дуќанџик“.
Шерифи и Џелал Ајети познат како Џељо создаваат моќна криминална нарко-мрежа во деведесеттите години на минатиот век, која се занимавала и со рекет, лихва. Упатените велат дека Шерифи во тоа време бил главен, мозокот на групата, додека браќата Ајети биле силата.
По десетина години соработка, двајцата партнери стануваат ривали на пазарот. Шерифи е најден мртов под мистериозни околности. Групата „Дуќанџик“, потоа предводена од Бајрами – Оки, внук од сестра на убиениот Шерифи, долг период се сомневаше дека позади ликвидацијата стои Ајети поради несогласувања при давање лихва во казината во Скопје.
Тогаш се диференцира и издигнува „Дуќанџиќ“, која почнува да склопува сојузи со групи од други делови на Скопје, додека таборот на браќата Ајети продолжуваат да дејствуваат како клан „Беланоца“, со база во Сингелиќ и Арачиново.
ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК