Како државниот врв ќе го одбележи 2 Август-Илинден

by Фокус

Претседателот Стево Пендаровски во Скопје и „Св. Прохор Пчински“ во Србија, премиерот Димитар Ковачевски во Крушево и претседателот на Собранието Талат Џафери во Пелинце ќе ги предводат делегации по повод одбележувањето на 2 Август – Денот на Републиката.

Според распоредот, чествувањето во главниот град годинава е под покровителство на шефот на државата и предвидено е програмата да започне во 8 часот наутро кога Пендаровски ќе положи цвеќе на Споменикот на паднатите борци од НОБ во Алејата на великаните на градските гробишта во Бутел и ќе се поклони на гробовите на првиот претседател Киро Глигоров, на експретседателот Борис Трајковски и на генерал Михајло Апостолски.

Во 9 часот пак, ќе се одржи централна манифестација во кабинетот на претседателот во вила Водно на која ќе се доделат одликувањата Орден на Република Северна Македонија, Орден за воени заслуги и Медал за храброст.

По манифестацијата, Пендаровски ќе предводи државно-црковна делегација во посета на манастирот „Св. Прохор Пчински“ во Општина Бујановац, Србија, каде е одржано првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), на 2 август 1944 година.

Одбележувањето на Денот на Републиката во ова место се случува по пауза од 18 години, а доаѓа по решавање на спорот помеѓу Српската православна црква (СПЦ) и Македонската православна црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА. По повод одбележувањето во „Св. Прохор Пчински“ Пендаровски разговараше со неговиот српски колега Александар Вучиќ и поглаварот на СПЦ, патријархот Порфириј.

Во државно-црковната делегација со претседателот таму ќе бидат и министерката за одбрана Славјанка Петровска, пратениците Мирослав Јовановиќ и Лидија Тасевска, кумановско-осоговскиот митрополит Григориј и епископот стобиски Јаков, кои одат како претставници на МПЦ-ОА, како и претставници од Сојузот на борците на НОБ.

На чествувањето ќе присуствуваат и од српска страна министерот за надворешни работи Никола Селаковиќ и епископот врањски Пахомије како претставник на СПЦ.

Премиерот, пак, годинава ќе ја предводи делегација во Крушево. Тој прво обраќање по повод Илинден ќе има уште вечерва на отворањето на традиционалната манифестација „Десет дена Крушевска Република“ која од 1 до 10 август ја организира Општина Крушево.

Утре, пак, тој ќе се обрати на централната манифестација на Мечкин Камен, а превидено е и положување цвеќе на гробот на првиот претседател на Крушевската Република, Никола Карев, во споменикот „Македониум“ на Гумење и на споменикот на паднатите борци на Слива, кои се симбол на жртвата на востаниците за одбрана на Крушевската Република.

Во владината делегација со Ковачевски ќе бидат и првиот вицепремиер Артан Груби, вицепремиерката задолжена за добро владеење Славица Грковска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Во Пелинце ќе биде претседателот на Собранието Талат Џафери кој ќе положи цвеќе во Меморијалниот центар АСНОМ.

Поврзани новости