Во последните две години, пандемијата на Ковид-19 имаше големо влијание врз медиумите, така што вестите поврзани со пандемијата заземаа значаен дел од вкупната содржина на дигиталните и социјалните медиуми и предизвикуваа голем интерес и реакции кај публиката.
Мониторингот на агенцијата „Пикаса Аналитикс“ врз 25-те најзначајни медиуми во земјите на Западен Балкан, покажува дека топ 150-те медиуми во Македонија, Србија, Косово, Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина само во јануари годинава објавија вкупно 422.693 вести.
„Во просек, најдобрите 25 дигитални медиуми во овие земји создаваат по 93 вести секој ден, каде пет статии се поврзани со вакцината против Ковид19. Притоа, најголем удел на вести поврзани со темата „Вакцина против Ковид-19“ е забележан во Македонија од 8,1 отсто од 51.558 статии, а најмал удел е забележан во Србија од 4 отсто од 133.603 статии“, стои во извештајот.
Ако Македонија е прва според бројот на објавени вести поврзани со ковид, од извештајот произлегува е на второ место според бројот на реакции, додека убедливо на прво место е Србија.
Патем, анализата на „Пикаса Аналитикс“ покажала дека инцидентот на Новак Ѓоковиќ на Австралија Опен силно влијаел на активноста и реакциите на публиката во Србија на социјалните мрежи на темата „Вакцина против Ковид-19 “, поради контроверзите околу неговиот вакцинален статус и одлуките на австралиските власти.
„На почетокот на 2021 година, Србија беше една од водечките држави во регионот според процентот на вакцинирана популација, дури донираше вакцини на други соседни земји. Во декември 2022 година, стапките на вакцинација во Србија се движеа од 20.000 вакцинирања дневно, намалувајќи се на 11.000 до крајот на тој месец. Меѓутоа, во јануари евидентно е наглото намалување на вакцинацијата во Србија, за време на медиумската сага „Новак Ѓоковиќ – Австралија Опен“, помеѓу 05-ти и 17-ти јануари“, стои во извештајот.