Беспрекорно е организирано масовното вакцинирање на граѓаните од Повардарскиот регион, кое се одвива со спортската сала ,,Јасмин” во Кавадарци.
Од отворањето на пунктовите, во вторникот, до денес се вакцинирале над 7.000 лица од регионот и не е забележана ниту една несакана појава кај вакцинираните, вели директорот на кавадаречката болница, д-р Диме Коцев.
Екипата на ,,Фокус” денес беше присутна во ,,Јасмин” каде непречено се одвива имунизацијата, и постојано доаѓаат граѓани од општините кои е предвидено да ја примат вакцината во Кавадарци.
И покрај тоа што има голем интерес и огромен број на луѓе, сепак целиот процес функционира без застој и турканици. Секој граѓанин добива конкретни насоки и асистенција доколку е потребна при потполнувањето на формуларите, а потоа е уредно спроведен до вакциналниот пункт.
Медицинскиот персонал и многубројните волонтери љубезено и трпеливо одговараат на сите прашања кои ги имаат граѓаните поврзани со вакцината, па неретки беа задоволните коментари на присутните дека салата е одлично подготвена и се работи по европски стандарди.
-Едно големо браво за организацијата, како да сме дошле во некој европски центар за вакцинација, секој си ја знае и си ја работи својата работа – ни изјавија повозрасни лица на излегување од салата.
И градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев денес се вакцинираше со кинеската вакцина на ,,Синофарм” и порача дека се чувствува добро, задоволен од тоа како функционира центарот за вакцинација. Апелираше граѓаните да не се двоумат, туку да се пријават за вакцинација.
-Секоја вакцина е безбедна, ова е начин да се стави крај на пандемијата – изјави Јанчев.
Д-р Диме Коцев, кој е присутен во салата од раните утрински часови, исто така вели дека целиот процес се одвива крајно задоволително.
-Позитивно сум изненаден од големиот одзив на граѓаните кои сакаат да се вакцинираат и тоа е за голем поздрав. Имаме над 7.000 вакцинирани граѓани досега, се се одвива без проблеми, ги охрабрувам и оние кои не се пријавени да го сторат тоа. Несакани ефекти од вакцината сме немале овде, ниту пак по враќање дома некој од вакцинираните пријавил – изјави д-р Коцев.
Вики Клинчарова