Пишува: Иво Ранѓеловиќ
Утрово се разбудив со еден инспиративен “еспресо цитат” кој ме натера да прошетам низ страниците на политичкиот магазин The Economist – весник на кој ретко му го посветувам слободното време. Причината за тоа не е во иронијата на сугестивното име кое го носи, туку концентрацијата на капиталистички ноти кои го обликуваат извесниот крај на повеќето содржини. Тоа не беше случај и со интервјуто на Николас Бергруен и Натан Гарделс, во коешто беа сумирани тезите од нивната книга ,,Реновирање на демократијата’’ (во слободен превод).
Во еден дел од дискусијата Гарделс нагласува дека кризите во власта и општеството создаваат вакуум на моќ и авторитет, кој пак треба да биде пополнет меѓу другото и од совесната власт и адекватниот општествен развој. Дури после тоа доаѓа демократијата која треба последователно да се издигне над наведените предуслови. Но, курсот кој го заземаат Бергруен и Гарделс во самата книга е далеку поамбициозен во поглед на решенијата кои ги нудат и претставува вистински предизвик за секој еден читател.
Јас, пак, предизвикот секогаш го поврзувам со нашиот политички микрокосмос, во кој што владата понуди алтернатива која би го пополнила вакуумот – и со тоа би се решила кризата во владеењето – а тоа е експлицитно најавената метла. Пасивноста и апатијата на општата популација за време на референдумот и претседателскиот изборен циклус, зачинети со разочараноста од големите очекувања, се фактички дршката на метлата кои би требало да и го одредат правецот на метење.
Иако метлата и дава гротескен шмек на целава ситуација, истата може да биде пресудна за актуелната, но и за секоја следна власт, која се обидува да се спротивстави на популизмот практикуван од претходната гарнитура. Разнишаниот капацитет на кадарот, општата конфузија околу спроведувањето на правдата и запоставувањето на економските политики тешко ќе ја купат колективната доверба со некакво метење. И ако, за момент, ги сметеме неколкуте добри потези на владата, остатокот наликува на про-форма на левичарскиот популизам, која како одговор на десничарскиот популизам, сè повеќе се шири, почнувајќи од владеењето на Ево Моралес во Боливија, па се до владата на Сириза во Грција.
Наспроти дневните политики, а во духот на делото на Гарделс и Бергруен, во продолжение елаборирам на 3 очигледни и природно надоврзани комплекси, лишени од потребното внимание, а истовремено инструменти на висока политика, кои за жал најчесто се сметени под тепихот на било која политичка партија откако ќе дојде на власт.
Поделбите во општеството
Императив на секоја влада досега беше да го пронајде балансот наречен modus vivendi, кој најчесто ги успокојува религиозните, односно, етничките разлики. Во последно време, овие разлики тлеат во сенка, поради издигнувањето на партиски ѕидови кои, како никогаш до сега, го разнебитија општеството.
Партизацијата е глагол без завршно својство и како таков ја прави неизвесна поделбата во самото општество. Додека сржта на овој комплекс е во статусот на државата, која во својство на најголем работодавач генерира сигурност и спокојство на поданиците. Тоа и овозможува луксуз на секоја власт да воспоставува норми во секоја сфера на животот. Зависно од тоа е и дали ќе се радуваме на успехот на Тамара или, пак, ќе го релативизираме со бојкот кон новото име. И, дали е нормално да го пречекаме Папата во мнозински православна држава. Својствено е за партизирано општество и да се искара за туѓа несреќа.
Имено, тоа беше случај и околу пожарот во Нотр Дам наспроти оној, на пример, во Трескавец. Народот е највредната хипотека на секое партизирано општество. Нашата колективна судбина е заробена од партиските ѕидови. Додека, иницијатор на партиските поделби е всушност секоја владејачка гарнитура (читај коалиција) која индоктринираше свој рецепт на манипулација врз општеството. Оттаму, легитимен предлог е премиерот и функционерите да облечат жолт елек пред да ја фатат метлата. Како што личи. Во спротивно, тоа ќе треба да го направат граѓаните. Бидејќи најважната компонента во функционирањето на секое општество не е да биде еднакво или правично, туку пред сѐ, да биде одржливо.
Одговорноста спрема државата – примитивизмот
Во контекст на вториов комплекс, Томас Џеферсон сметал дека планетата Земја припаѓа на живите генерации. Со други зборови, генерациите на денешницата имаат суверенитет не само врз физичките граници (територијата) туку и врз времето. Но, што тоа всушност значи?
Никој од нас не се родил во свет или држава која самиот ја создал. Сегашноста е производ на претходните генерации, што ја дефинира и нашата одговорност кон иднината. Констелацијата на постојниот поредок е таква што политичките лидери се, или би требало да се, пример за одговорност кон државата. Или, во формална дефиниција – државници. Секој потег на еден државник има далекосежни последици врз созревањето на едно општество. Но, како ќе бидете пример за одговорно општество кога тргувате со тендери, вработувате ваши фамилии, мижете на корупција? Со нозе на маса се справувате со загадувањето, стравувајќи да не се сопнете од некој камен на реалноста. Во реалноста, пак, врз која Џеферсон смета дека имаме суверенитет, загадувањето би требало да биде главна опасност по националната безбедност. Во исчекување сме да видиме колку умешно новоизбраниот претседател ќе мете на ова поле. Дотогаш, активистите на “Не Биди Ѓубре” предводени од актерката Ристиќ ја преземаат метлата во свои раце. Тие се свесни дека не можат да исчистат онолку колку што ние можеме да фрлиме, но чувството на одговорност кон државата е движечка одлика на нивниот карактер. Таквите луѓе низ светот се нарекуваат критична маса.
Борба против иселувањето
Третиот комплекс (не по хиерархија на нештата, туку по случаен избор) се надоврзува на претходните два. Партизираното општество и (не)одговорноста кон државата направија од Македонија затвор под отворено небо. Таквата средина генерира чувство на не совпаѓање кај младите; чувство кое им го отежнува практичното приспособување на реалноста. Ретко кој млад човек во државава може да го замисли животот поубав, па и подостоен, од оној на неговите родители. Иселувањето е глобален проблем чиј замав е веројатно надвор од контролата, а за волја на вистината и од приоритетите, на било која влада. Новите методи на комуникација и на пристап до информациите само ја олеснуваат одлуката која младите во државава се почесто ја носат. Тие, како и јас, не веруваат дека некоја метла ќе го исчисти просторот за достоинствен живот. Причината за тоа е во различната перцепција за достоинството кај младите, кои наместо само леб на масата очекуваат и вазна со рози.
На самиот крај на интервјуто, Бергруен и Гарделс ја заокружуваат дискусијата со мисла, достојна да биде идеолошката инфраструктура на оние кои останавме во државава. Според нив, кога општествените вредности се изместени, човек треба да заземе став – а не страна. Мојот став е дека за таквиот modus operandi потребни се два милиони метли.
Авторот е магистер по компаративна политика при Универзитетскиот Колеџ Лондон. Дипломиран политиколог и економист при Бостонскиот универзитет.