Како да им се верува!?

by Фокус

Очигледно е дека на граѓаните им требаат други (поинакви) партиски и политички „лидери“, а, пак, на „лидерите“ им требаат други граѓани, со оглед дека овие повеќе не се баш безлична маса што може во недоглед политички да се манипулира!

Пишува: Ристе ЉУБОТЕНСКИ

Како и сите претходни избори, и овие, „лидерите“ на политичките партии би сакале (и настојуваат) да ги претстават како „историски“! Можеби се историски, и прашање на „живот и смрт“ (се разбира во политиката) токму за партиските „лидери“ и нивните партии. За граѓаните и државата тоа сигурно не се.

Како и на претходните, така и на овие избори, сведоци сме на „реприза“ од старо-нови ветувања за кои се нема ниту морално, а уште помалку финансиско и политичко покритие. Но, тоа и не е важно. Важни се ветувањата и лагите што стојат зад нив.

Од аспект на политичката социологија и политичката психологија, постојат два вида луѓе што лажат.

Првите се оние што лажат и знаат дека лажат, па затоа и самите не си веруваат на себе!

Вториот тип политичари се оние што лажат, но кои со текот на времето почнуваат и самите да веруваат во своите лаги.

Големото прашање е кои од овие два типа „лидери“ се поопасни за граѓаните. Дали оние кои со своите лаги ќе се одведат во пропаст или, пак, оние кои со своите лаги ќе ве доведат до пропаст, но ќе застанат пред неа без да се случи целосна катастрофа.

ПОЛИТИЧКИ ИЗМАМНИЦИ

Оттаму произлегува кому ќе му ја подарите вашата доверба. Општествената опасност од овие два вида лажливци не е голема само тогаш кога граѓаните знаат дека лажат и затоа не им веруваат.

Или, пак, не им веруваат безрезервно. Гласаат за или против нив, но не им веруваат!

Ако, пак, безрезервно им ја подарат својата доверба, тогаш вината не е на „лидерите“, туку на граѓаните.

Друго е прашањето што „лидерите“ и онака се незадоволни од граѓаните. Односно од политичките убедувања на граѓаните и нивната одлука кому и како да му го дадат својот глас на изборите.

Демек требало време „демократијата“ и демократската свест на граѓаните да „созреат“ за да им се воспостават вистински демократски односи во општеството.

Тоа што „лидерите“ и политичарите лажат, воопшто не е значајно.

Тоа е составен дел од „демократскиот живот“ и претставува составен дел на политичката свест и политичките односи во општеството. Мижи да ти баам!

Во реалниот политички живот, ниту нормативно, ниту практично, нема ниту збор за одговорноста на „лидерите“ и политичарите за изговорените предизборни лаги и ветувања.

ПРИВИД ИЛИ ПОЛИТИЧКА РЕАЛНОСТ!?

Единствена казна им е тоа што на следните избори граѓаните имаат можност да проценат кој и колку ги излажал, па, согласно на таквата оценка, да го дадат својот глас.

Ваквиот пристап кон јавно изговорениот збор и предизборни ветувања на политичарите и партиските „лидери“ на многу перфиден и отворен начин ја легализира и поддржува измамата како дел од политиката.

Но, за жал, токму политичарите и „лидерите“ се тие што ги определуваат и дефинираат правните норми во државата. Со други зборови им се може!

Од тој аспект на гледање, очигледно е дека на граѓаните им требаат други (поинакви) партиски и политички „лидери“, а, пак, на „лидерите“ им требаат други граѓани, со оглед дека овие повеќе не се баш безлична маса, која може во недоглед политички да се манипулира!

Јасно е дека нетрпението и неспоивоста се заемни. Единствено што ги држи заедно, и едните, и другите е немањето излезно решение.

Вистинското прашање е само дали сето тоа е политички дизајн што го креираат политичките партии во обид да си ја обезбедат својата вечна власт или, пак, тоа е израз на реалните политички и демократски капацитети на граѓаните.

Не би сакал до таквото сознание да дојдеме безнадежно доцна!

Поврзани новости