Како бројни тендери го „испечатија“ успехот на тетовската „Арбериа“?

Компанијата за печатење „Арбериа Десигн“ во последните десетина години склучила над 180 договори за јавна набавка во вкупна вредност од милијарда денари, главно од институции раководени од ДУИ, при што највредни се договорите со МОН за набавка на учебници.

by Фокус

Тетовската компанија за издавање, печатење и дизајн „Арбериа Десигн“ постои од далечната 1998 година, меѓутоа нејзиниот подем почнува пред десетина години, кога истовремено почнува и да соработува со државни институции и јавни органи, главно раководени од кадри ДУИ, на чија сметка легнала и една донација од оваа компанија.

Според податоците од Бирото за јавни набавки, оваа тетовска компанија со 3 подружници во Скопје, чиј единствен сопственик и воедно управител е Хасим Хамзаи, досега склучила над 180 договори за јавна набавка, чија вкупна вредност надминува една милијарда денари или 17.8 милиони евра.

Официјално достапните податоци откриваат дека компанијата првите тендери ги добива во 2012 година, кога склучила договори со тетовскиот здравствен дом за канцелариски материјали и печатени обрасци од 1,7 милиони денари, како и со тетовскиот државен универзитет за административен и канцелариски материјал од 3,8 милиони денари.

Веќе во следната 2013 година, „Арбериа Дезигн“ почнува да добива тендери со засилена динамика, па така склучува уште еден договор со тетовскиот универзитет за печатење на материјали од 5 милиони денари, како и договор со Општина Тетово за печатење, издавање и копирање на материјали од 4,6 милиони денари.

ДОНАЦИЈА ВО ВРЕМЕ НА ПРВИОТ ВРЕДЕН ТЕНДЕР

Ваквиот тренд продолжува и во 2014 година, но првиот повреден тендер фирмата го добива во 2015 година, кога склучи договор со Министерството за образование и наука за еден дел или лот од набавката за откуп на учебници за основно и средно образование и дополнителен дадактички и работен материјал за учебната 2015/2016 година, во вредност од 80 милиони денари.

Во тој период, регистрирана е и донацијата на оваа партија кон ДУИ на Али Ахмети. Поточно, според извештајот доставен до Државниот завод за ревизија и други надлежни институции, донацијата на редовната партиска жиро-сметка изнесува околу 20 илјади евра.

 

Оттогаш, тетовската компанија секоја година добива дел од тендерот на МОН за учебници, и тоа по пат на непосредни спогодби поради „технички или уметнички причини“, со тоа што нивната вредност, зависно од година до година, се движи од 85 до 164 милиони денари, додека вкупната вредност на овие договори достигнува 700 милиони денари.

Исто така, „Арбериа Дезигн“ склучила повеќе договори со ова министерство и во рамки на делливата јавна набавка за превод, стручна редактура, лектура, комјутерска обработка, печатење и дистрибуција на книги, чија вкупна вредност изнесува околу 30 милиони денари.

РЕКОРДНИ ПРИХОДИ И ДОБИВКИ

Воедно, компанијата соработувала и со други институции во време кога биле раководени од кадри на ДУИ, како Железници, ПИОМ, МНР, а периодов го привлече вниманието на јавноста откако го доби тендерот од Министерството за политички систем за организација на прославата по повод годишнината на Рамковниот договор, чија вредност изнесуваше 6 милиони денари.

Имено, станува збор за постапка во која учествувала само „Арбериа Десигн“, која потоа склучила 2 договори со Министерството раководено од Артан Груби, кои предвидуваат изнајмување на конференциска сала, поставување на подиум, озвучување, рефлектори, хотелски и кетеринг услуги, ангажирање на естрадни ѕвезди и експерти, изработка на спот, лого, стихотворба…

Во изминативе години, финансиските извештаи на компанијата доставени до Централниот регистар покажуваат дека остварува високи приходи и добивки. Притоа, во 2017 и 2018 година остварила рекордни приходи од по 280 милиони денари, додека добивката изнесувала по околу 200 милиони денари. Во следните години се бележи благ пад, но фирмата се уште работи исклучително профитабилно.

До тетовската компанија и нејзиниот сопственик Хамзаи испративме неколку прашања по официјален пат: колкав обем од нивната работа заземаат договорите за јавна набавка, односно дали доминантно соработуваат со државни институции или со приватни клиенти, какви се нивните релациите со ДУИ, зошто одлучиле финансиски да и помогнат на партијата итн.? Досега, не добивме одговори.

Влатко Стојановски

Поврзани новости