„Фокус“ пред две недели објави дека Беким Татеши од редовите на Алијанса за Албанците се враќа на директорското столче на скопската Очна клиника, со која во моментот раководи доктор Христијан Дума, кој на оваа позиција е од 2018 година, поточно веќе петта година.
По цели две недели препукувања, натегања, обвинувања, навреди, конечно со 65 гласа „за“ беа избрани новите четворица министри, од кои тројца од Алијанса, додека четвртата доаѓа од редовите на СДСМ.
На министерското столче во здравство седнува неврологот Фатмир Меџити, кој доаѓа од скопската Клиника за неврологија, каде се и колеги со неговиот лидер, кумашин и сосед, Арбен Таравари.
Оттука се очекува и да започнат одредени директорски смени на клиниките, што пред неколку години не беше никаков проблем, со оглед на тоа што сите се водеа како в.д. директори, па кој министер како и да дојдеше, можеше веднаш да направи промени.
КАКО ЌЕ СЕ „ПРЕСКОКНАТ“ МЕНАЏЕРСКИТЕ ДОГОВОРИ?
Но, сега постои кочница, односно пред одреден период сите актуелни директори потпишаа менаџерски договори до 2024 година, што значи дека е незаконски да се смени некој од директорите, иако се прави политички пазар за тоа место.
Единствено можат да се закачат за работата, поточно дека не менаџирал како што треба со клиниката или пак да го натераат самиот да си поднесе оставка, во спротивно се друго би било незаконски.
Со самата најава за враќање на Бетеши на директорската фотеља на клиниката, останува нејасно како ќе го сменат стариот директор Дума, кога и тој има потпишан менаџерски договор. Дали тоа значи дека ќе побараат од него сам да си поднесе оставка или ќе му најдат нешто „несработено“.
Сепак, финансиските извештаи пак покажуваат дека Очната клиника е единствената, која нема долгови во моментот и не работи со загуби.
Пред неколку месеци беа испратени контроли на сите клиники, со тоа што таму кај што ќе се направеше проценка дека има незаконско работење, директорите беа разрешени или пак беа ставени пред свршен чин сами да си поднесат оставки.
КОЈ Е БЕКИМ ТАТЕШИ?
Татеши пред речиси четири години, поточно во 2018 година раководеше со истата клиника, но си поднесе барање за разрешување до тогашниот министер за здравство Венко Филипче.
За време на тогашните преговори на Алијансата за Албанците со екс премиерот Зоран Заев, Татеши беше еден од можните кандидати на партијата на Зијадин Села за министер за здравство.
Тоа се случуваше во периодот кога Таравари од министерското столче се префрли на градоначалничката фотелја во Гостивар, па со оглед на тоа што тогаш АА беше во коалиција со СДСМ, името на Татеши се споменуваше како можен фаворит за нов министер.
По долги договори и преговори со лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, Алијанса ќари неколку министерски, заменик министерски и директорски места. Освен Очната клиника, партијата предводена од Таравари најверојатно ќе добие директорско место и на скопската Клиника за ендокринологија.
Ирена Мулачка