Како акции на Панделески во ЗК „Пелагонија“ завршија кај кичевска компанија?

Бизнисменот Цветан Панделески отстапил 20.000 акции во земјоделскиот комбинат на нова компанија што самиот ја формирал и веднаш ја продал на друга фирма, која досега добила над 70 тендери, а пред две години се јави на листата на донатори на ДУИ.

by Фокус

Акции на бизнисменот Цветан Панделески во Земјоделскиот комбинат „Пелагонија“ преминале во сопственост на компанија што неодамна самиот ја формирал и набргу потоа ја препуштил на познат бизнисмен од Кичево, покажуваат официјалните податоци што ги обезбеди Фокус.

Според информациите објавени од страна на Македонска берза, 20 .000 акции неодамна се пренесени од Панделески кон друштвото „НОВА АГРО ИНВЕСТ“, со што оваа компанија стекна сопственичко право врз 9,86 проценти од вкупниот број на акции.

Настаната е промена на сопственост врз акции на начин што одреден сопственик се стекна со над 5 отсто од вкупниот број на акции со право на глас – 20.000 акции од акционерот Цветан Панделески се пренесени на Друштво за производство, трговија и услуги НОВА АГРО ИНВЕСТ ДООЕЛ, кое со преносот стана сопственик на 9,86 отсто од вкупниот број на акции“, стои во известувањето на ЗК „Пелагонија“.

На тој начин, како што покажуваат податоците од Централниот депозитар за хартии од вредност, друштвото дојде до ист број на акции како „ОРКА“ на Орце Камчев, додека „Софија Градба“ на семејството на Сашо Мијалков поседува 22,69 проценти од акциите.

Притоа, меѓу акционерите што поседуваат над 5 отсто од акциите во ЗК „Пелагонија“ фигурираат и две физички лица, меѓу кои е веќе споменатиот Панделески, кој сега поседува 14,5 отсто од акциите, а Златко Пирузе поседува 11,77 отсто од акциите.

Што се однесува до „НОВА АГРО ИНВЕСТ“, податоците од Централниот регистар покажуваат дека оваа компанија е регистрирана со седиште во Скопје во јуни годинава, или непосредно пред да се реализира преносот на акциите до крајот на истиот месец.

Историјатот на промени покажува дека фирмата била основана од Панделески, но само еден месец подоцна, односно пред неколку дена, тој отстапува од сопственичката и менаџерската структура на компанијата откако таа веќе стана еден од најголемите акционери во ЗК „Пелагонија“.

Моментално, единствен сопственик на оваа компанија е кичевската фирма „АС-СЕЊАК“ основана во 2000 година, чиј единствен сопственик и управител е бизнисменот Селаудин Арифи, кој воедно е управител и на „НОВА АГРО ИНВЕСТ“, чија основна главнина изнесува 4,4 милиони евра.

ТЕНДЕРИ, АКЦИИ, ДОНАЦИЈА

Според податоците од Бирото за јавни набавки, оваа компанија досега има склучено 77 договори за јавна набавка со разни институции и општини, чија вкупна вредност изнесува над 10 милиони евра.

Покрај останатото, компанијата соработувала и со јавни органи раководени од кадри на ДУИ, која, според извештаите доставени и објавени од Државниот завод за ревизија, примила донација токму од оваа компанија за време на изборната кампања во 2020 година во вредност од 150.000 денари.

Моментално, најновиот акционер во ЗК „Пелагонија“ поседува и над 18 отсто од акциите во „Европа“, за кои во 2011 година плати 1,8 милиони евра, додека пред две години купи и акции и во „Жито Полог“, така што денес поседува над 18 отсто од акциите во тетовското друштво.

ОСОМНИЧЕН ВО „ИМПЕРИЈА“

Всушност, „АС-СЕЊАК“ во 2020 година купи над 5.000 акции во „Жито Полог“ од „Пелистерка“, која е во доминантна сопственост на „ЦИП Продукт“ на Дејан Панделески, чиј татко сега на истата компанија и префрли голем дел од акциите и во ЗК „Пелагонија“ со помош на новоформирана компанија.

Како што е познато, Панделески е еден од осомничените во предметот „Империја“, во чии рамки споменатите Камчев и Мијалков веќе склучија спогодби со јавното обвинителство, со кои признаа вина и прифатија да исплатат средства кон државата.

Меѓутоа, неофицијалните информации одат во насока дека Панделевски не планира да склучи спогодба, туку да оди на судење.

Влатко Стојановски

Поврзани новости