Кајтази: Кумановската група е криминална банда, какви права на Албанците?

„Кои слободи и права на Албанците и кои се тие за да ги решаваат тие права! Заминале таму 30-40 или 50 лица и ќе ги решавале правата!“

by fokus

Познатиот косовски новинар Вехби Кајтази вели дека таканаречената „Кумановска група“, односно косовските државјани кои ги предизвикаа крвавите инциденти во мај 2015 година во кумановско Диво Насеље, се злосторничка банда и немаат никаква врска со правата на Албанците во Македонија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Кајтази во дебата на телевизијата Дукаѓини изјави дека пред да се случи судирот на групата со македонската полиција, во Косово дошол лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети за да побара помош од неговите некогашни соборци од Ослободителната војска на Косово (ОВК) и тогашните косовски властти, за справување со групата која почнала да оперира во Македонија.

Според главниот уредник на порталот „Инсајдери“, Ахмети во Приштина бил испратен од тогашниот македонски премиер Никола Груевски.

– Дојде Али Ахмети, се сретна со Рамуш Харадинај и го предупреди дека една вооружена група се движи натаму, но не добил одговор. Рамуш нé слуша, нека каже дека не е така. Се сретнал и со Хашим Тачи, кој не е тука, се сретнал и со Кадри Весели и со премиерот Иса Мустафа. Сите тие барале решение, затоа што вооружена група од Косово заминала таму и предизвикувала безредија, тврди Кајтази.

Според него, водачите на групата добиле пари, околу три милиони евра, од „македонска служба“, која не ја именува, додека некои членови на групата не знаеле во што се впуштиле.

– Тоа е злосторничка банда, која вооружена до заби заминала таму и влегла во Куманово… Да не се правиме сега опортунисти и да прашуваме дали се терористи или не. Тие заминале во друга држава вооружени од Косово и нивните водачи зеле пари, за што излегоа докази, околу три милиони евра од македонската служба. Тие водачи барале пари, а некои од групата навистина не знаеле каде одат, рече Кајтази.

Тој тврди дека акцијата на групата немала никаква врска со националните права на Албанците во Македонија.

– Кои слободи и права на Албанците и кои се тие за да ги решаваат тие права! Заминале таму 30-40 или 50 лица и ќе ги решавале правата! Оставете ги тие работи, тоа е опортунизам и политика што го прават тие (политичарите). Длабоко во себе мнозинството мислат вака… Тие (кумановската група) се криминална банда која заминала во (Северна) Македонија, се борела со македонските полициски сили, меѓу нив и Албанци, загинаа осуммина полицајци, како и некои други лица и овој случај е затворен со децидна судска одлука. Случајот е во македонскиот Врховен суд и како што ќе одлучи тој суд ние треба да му веруваме, изјави Кајтази.

Своите тврдења тој ги потврди со информацијата дека косовското Специјално обвинителство водела истрага во врска со плановите на групата да го нападне затворот со висока безбедност и да го ослободи лицето Бедри Красниќи, за кого вели дека е криминалец.

Кајтази рече дека е свесен оти по овие изјави врз него ќе почнат да плукаат, ќе го пцујат и ќе му упатуваат закани, но порача дека тоа не го загрижува, затоа што и порано бил цел на разни напади од лица на кои не им се допаѓа тоа што го кажува и објавува.

Поврзани новости