Кај уште четворица пациенти потврден е делта сојот или познат како индиски сој, со што бројката на заразени во земјава со овој сој се искачи на десет.
Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека последните четири случаи на заразени со индискиот сој биле денеска потврдени во лабораторијата во МАНУ и тврди дека немале премногу контакти.
– Имаат патувано во странство. Тоа се две двојки и нема епидемиолошки ризик. Сега епидемиолозите ја вршат таа работа која ја вршеа на почетокот, индивидуални контакти, изолација итн, рече Филипче.
Академик доктор Александар Димовски од Центарот за генетички инженеринг и биотехнологија при МАНУ истакна дека она што се знае со сигурност е дека вакцинацијата спречува развој на тешка форма на болеста.
-Нема потреба да правиме мерки што буквално ќе ја затворат државата. Тоа што знаеме е дека сите вакцини кои се користат сега спречуваат најтешка форма на болеста, хоспитализација и смрт во најголем процент, рече Димовски и упати апел до сите граѓани посебно тие што се во групи од ризик, повозрасни и со хронични заболувања да се вакцинираат, да се заштитат себеси и генерално да се врати ситуацијата во нормала.