Од Институтот за јавно здравје утрово стигна информација дека во доцните вечерни часови на 12 август, Одделот за епидемиологија на заразни заболувања бил известен за позитивен резултат на конго-кримска хеморагична треска од направените тестови на материјал добиен од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.
Информациите се дека заболеното лице е маж на возраст од 42 години, од Велес кој истиот ден бил префрлен на Клиниката од Општа болница – Велес.
Од Институтот информираат дека почетокот на симптомите се покачена температура до 38 степени, главоболка, болка по телото, малаксаност и обилно потење.
Ова е трет регистриран случај, откако минатиот месец беше откриена конго-кримска треска кај 27-годишната штипјанка која почина брзо по дијагностицирањето на вирусот.
На болничко лекување е и болничарка од Инфективната клиника која прима антивирусна терапија. Таа, според информациите е во стабилна здравствена состојба.
Во изолација се 11 лица кои имале контакт со заразената болничарка, од нив 10 се од потесното семејство.