Еколошките невладини организации идентификуваа токсични материи во крвта на 16 врвни бриселски политичари, како дел од кампањата за притисок за забрана на хемикалиите ширум ЕУ и покрај притисокот од тешката индустрија.
Во секој од 16-те политичари и јавни личности кои учествуваа – група која ја вклучува шефицата за конкуренција на ЕУ, Маргрете Вестагер, поранешниот шеф на Зелениот договор Франс Тимерманс и еврокомесарот за животна средина Вирџинијус Синкевичиус – беше откриено дека има најмалку седум видови токсични хемикалии PFAS во крвта. Во пет случаи, количеството „го надминало постоечкиот безбедносен праг“ за хемикалиите.
Граѓаните мора да бидат заштитени од овие неуништувачки хемикалии“, рече Тимерманс, кој ја напушти својата функција во Брисел за да се врати на националната политика во Холандија. „Мораме да ги запреме сите емисии на ова легализирано ѓубре“, додаде тој.
Тестовите на крвта, спроведени од Европското биро за животна средина и ChemSec, се дел од кампањата за подигање на свеста предводена од невладините организации додека ЕУ дебатира за потенцијалната забрана на хемикалиите.
Европската комисија се обврза постепено да ги укине хемикалиите PFAS поради загриженоста за нивното влијание врз животната средина и здравјето на луѓето – настрана од случаите каде што се докажа дека се незаменливи и „суштински“ за општеството.Но, предлогот за забрана на хемикалиите, поднесен од пет европски земји, предизвика жесток притисок од широк опсег на сектори кои во моментов се зависни од хемикалиите и предупредуваат дека новите мерки ќе ја попречат конкурентноста на ЕУ.
Тестовите на крвта „го потврдија она што долго време го мислев“, рече Вестагер. „Европа мора да продолжи да инвестира во истражување за да најде замени и на крајот да се ослободи од нив“.