Веќе трет ден на сила се новите мерки на Владата за влез во угостителските објекти, но и трговските центри низ Македонија, со цел спречување на ширењето на корона вирусот кој повторно засилено се шири низ земјава.
Ако пред неколку дена беше пракса кафеаните на Боемска улица во Скопје да бидат полни во текот на целата седмица, без разлика на временскиот период, таква слика нема деновиве во Дебар маало.
Кафеаните каде поминавме беа полупразни, а угостителите се жалат дека со овие мерки, тешко да издржат во наредниот период.
„Овие мерки се дополнување на маките што ги влечеме од почетокот на пандемијата. Ова е последен наш обид да преживееме. Разликите во однос на гости се огромни во споредба со 2019 година кога имавме нормален живот. Според мене оваа мерка е сепак добра бидејќи ја знам тежината на оваа приказна и на луѓето им давам совет да се вакцинираат“, ни изјави Солидарко Ѓорѓиевски, сопственик на кафеана во Дебар маало.
Сепак, во економијата треба да сме сите еднакви, а тука се поставува прашањето – дали овие мерки секаде се почитуваат?
„Во однос на почитувањето на мерките во сите градови, тоа е стара приказна и болка на сите угостители. Државата е за некого мајка, за некого маќеа. Каде се Сарај, Бит пазар, Џон Кенеди, Арачиново во целата оваа приказна? И покрај се, ние искористивме многу можности што ни ги даде државата и ги насочивме кон одржливост на бизнисот. До кога ќе се издржи вака, не се знае. Мислам дека не можеме многу долго вака“, додаде Ѓорѓиевски.
Од 1 септември 2021 година, домашни и странски државјани ќе можат да влезат во Македонија доколку претходно на граничниот премин приложат: сертификат за извршена имунизација, односно примени најмалку две дози од вакцината; потврда за прележан Ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето или медицинска потврда со негативен резултат од ПЦР- тест, направен 72 часа пред влез на територијата на државата.
Јорданчо Цветаноски