Да не се менува работното време на угостителските објекти и истите да продолжат да работат до 21 часот, а државната и јавна администрација да работи во смени или онлајн од дома, согласно карактеристиките на институциите. Ова е препораката на Комисијата за заразни болести, од каде што велат дека и натаму треба да останат на сила истите досегашни мерки за заштита од понатамошно ширење на корона вирусот, бидејќи како што велат овие мерки даваат резултати.
„Во овој момент, здравствената ситуација со ковид-19 е само стабилна, но не и намалена и поради тоа не е дадена никаква препорака за олабавување на мерките и препораките. Граѓаните да продолжат да ги почитуваат мерките за заштита“, соопшти Министерството за здравство.
Претходно беше продолжено работното време на угостителските објекти до 21 часот, откако во декември со владина одлука се намали работното време до 18 часот за да се избегне ширење на корона вирусот и зголемување на бројот новозаразени случаи во текот на празничниот период.