Кафеаната е институција

by fokus

Во кафеана го славиме раѓањето на децата, внуците, играме на свадбите, жалиме по покојните. Што би рекол еден мој пријател „Не е човек тој што нема своја кафеана, тој нема ни каде да згреши, ни каде да му простат“

Звонко ДАВИДОВИЌ

За време на короната, овде на Балканот, најтешко им падна на луѓето затворањето на кафеаните. Не е ни чудо што тоа е така, затоа што кафеаната кај нас, во нашите животи, има посебно место и таа има влијание врз социолошките, психолошките, интелектуалните, културните, економските и политичките аспекти во животот на населението.

Кафеаната кај нас е институција, и тоа во вистинската смисла на зборот и е единствена институција во која народот има целосна доверба. Не е ни чудо што е тоа така, затоа што кафеаната има длабока и битна улога во историјата на создавањето на модерното граѓанско општество и нејзината економска, социјална, културна и политичка функција се неспорни, колку тоа и да им е чудно на некои луѓе.

ФЕНОМЕНОТ НА КАФЕАНАТА

Постојат многу истражувања во оваа смисла и феноменот на кафеаната е истражуван од многу аспекти, но ние овде ќе се задржиме на само дел од нив.

Уште од дамнина, во кафеаните се склучувани првите зделки и договори за купување и продажба на секаква стока, таму се воделе преговорите со кафе или со чашка ракија, таму се договарани ортаклаци, делби, соработки.

Таа, условно речено економската функција на кафеаната, се задржала до денешен ден и не е ништо чудно кога и денес на соседната маса ќе слушнеме како се договара бизнис, плаќање, како се нуди стока, услуга или мито. И ден денес, функционерите во четири очи склучуваат договори во кафеани, договараат тендери, а политичарите договараат коалиции, фракции, политички елиминации и други матни работи.

Познато е дека дел од големите поети, писатели и филозофи  твореле токму седнати на маса во кафеана. Нушиќ, Илиќ, Јакшиќ, Сремац се само мал дел од доајените на книжевноста што се пример за ова. Првите театарски претстави и проекции на филмовите се прикажувани токму во кафеаните.

Ниту во Скопје не била поразлична ситуацијата, па главно социјалниот живот и случувањата во Скопје на почетокот на минатиот век се одвивале во скопските кафеани. Бројот на јавните локали, кафеани, подруми и бифеа во Скопје, во 1924 година изнесувал 300.

КАФЕАНАТА „МАРГЕР“

По завршувањето на Првата светска војна, во градот биле отворени многу нови кафеани, а една од најпосетените била кафеаната „Маргер“, која се наоѓала на плоштадот. Во ноќните часови, кафеаната „Маргер“ станувала боемска кафеана, посетители биле уметниците на градот, а гостите можеле да уживаат во бројните уметнички и книжевни разговори.

Кафеаната „Метропол“ била отворена во 1935 година и била една од најпосетените кафеани во Скопје. Во оваа кафеана гостувале многу странски уметници.

Ресторанот „Зрински“, кој се наоѓал на кејот на Вардар, имал луксузен изглед и огромна сала за околу 400 гости, во која се приредувале забави, балови, пречеци на Нова година, ручеци и богати свадби. Ресторанот бил изграден во 1912 година, а изгорел во 1926 година.

Кафеаната „Аполо“ се наоѓала во подрумот на киното „Аполо“ и била собиралиште на скопската елита. Во неа се организирале и концерти на врвни уметници, со познати диригенти, меѓу кои гостувал и познатиот Купферберг, но во неа често гостувале и балетски групи и хорови.

Забавата во градот траела до раните утрински часови. Ресторанот „Палас“ се наоѓал до дрвеното мовче во Еврејското маало на левата страна на реката Вардар и бил најпосетуван во 20-тите години. Во овој ресторан се проектирале и филмови. Од тоа време се познати и кафеаните „Цекичев подрум“, подрумот на Богдан Плавшиќ и кафеаните „Париз“, „Позоришна кафана“, „Брегалница“ и други.

„СКОПСКА СКАДАРЛИЈА“

Во кафеаната „Брегалница“, која ја нарекувале и „Скопска Скадарлија“ се собирале писатели и поети, а во кафеаната се пишувале статии, песни и приказни. Кафеаната „Париз“ била ноќно седиште на скопските трговци, најголем број Евреи, и тоа скопската еврејска елита. Во кафеаната имало музика за игра и звуци на џез-танго.

Во кафеаната „Москва“ се собирала чиновничката класа додека во кафеаните „Јанче Хан“ и „Маврово“ се нудела забава од Истокот и гостувале руски или арапски трупи.

Впрочем, кафеаната за нашиот народ не е само место во кое можеш да јадеш или да се напиеш, туку тоа е место во кое се среќаваат пријателите, се помируваат непријателите, се бега од животот, се враќа во живот, се весели и се тагува.

Колку пати пред нашите очи, по неколку чашки, во кафеаните луѓето се откажувале од развод на брак, од одмаздата на непријателот, од лутината кон пријателот, од бесмислените ривалства, навивачката нетрпеливост, политичкото разидување…

Во кафеана го славиме раѓањето на децата, внуците, играме на свадбите, жалиме по покојните. Што би рекол еден мој пријател „Не е човек тој што нема своја кафеана, тој нема ни каде да згреши, ни каде да му простат, бидејќи никој не знае да ги прости грешките и доцнењата, лошите зборови и брзата лутина, неисполнетите ветувања, како што тоа го знае кафеаната“.

Ех, кога и другите институции би имале ваква доверба и почит, којзнае кај би ни бил крајот.

Поврзани новости