Саша Богдановиќ, градоначалникот на Општина Cентар, ветува дека државното земјиште кое било предвидено за градби ќе се пренамени во зеленило. Тој појасни дека ДУП-от поминал и на јавна анкета, за што добил поддршка и од советниците и од граѓаните.
-Нема да има зграда до зграда и да си гледаат соседите дома, туку има значително растојание меѓу зградите, рече Богдановиќ.
Преку промена на ДУП-от, се предвидува и изградба на монтажен паркинг во населбата Пролет, со што, како што рече градоначалникот на Центар, ќе се реши проблемот со паркирањето. Предвидена е и изградба на нова детска градинка кај основното училиште „11 Октомври“.
-Новата градинка е во склоп на училиштето и се работи за убава површина согласно параметрите за градинка. Површината е на 1992 метри квадратни. Висината е според прописите, а има предвидено и двор. Целта е да покажеме една друга слика од претходно, кога планови се носеле без јавност, во 3 часот наутро се заради нечии интереси. Наша задача како општинска администрација е да придонесеме за непречени услови за да се направат измените, истакна Богдановиќ.
Просторот каде што сега е кафеаната „Кај Злате“, а кој е сопственост на општината, градоначалникот на општина Центар најави дека во моментов се приспособува и ќе биде пренаменет во дневен центар за лица со посебни потреби, проект кој се прави во соработка со Црвен Крст.