„До Собранието поднесуваме Декларација за Илинден – најголемиот македонски државен празник. Оваа година се навршуваат 120 години од Илинденското востание и создавањето на Крушевската република. Идеалите на таа Република и тоа востание беа инспирација на идните генерации борци за слобода кои во 1944 година на Првото заседание на АСНОМ ја формираа првата македонската држава. Овие настани имаат големо значење за македонската историја и за борбата на македонскиот народ за слобода и сопствена држава“ порача денеска пратеникот од СДСМ, Дарко Каевски.
Според него, „идеалите на Илинденците, македонските партизани и сите оние кои се бореа за слободна и демократска Македонија и за рамноправност и соживот на сите нејзини граѓани, без разлика на нивната верска, етничка или идеолошка припадност, треба да служат како основна водилка за сегашните и идни генерации за слободна, демократска и просперитетна Република Северна Македонија“.
„Македонскиот народ, заедно со припадниците на другите народи кои живеат во неа и денес ја продолжуваат борбата за демократија и просперитет, водени од принципите на прогласите на Крушевската република и Декларацијата за основните права на граѓанинот на демократска Македонија усвоени на Првото заседание на АСНОМ кои денес се преточени во преамбулата на Уставот на Северна Македонија. Оддавајќи почит на пожртвуваноста на борците за слобода и демократија наша должност е постојано да го искажуваме нашиот восхит и почит кон сите оние кои ги дале своите животи за слобода, испраќајќи со тоа силна порака за заедништво, рамноправност и демократија. Сето ова е содржано во Декларацијата што денеска ја поднесуваме до Собранието“ порача Каевски.