Каевски: Работната група на СДСМ ќе го продолжи дијалогот со ВМРО-ДПМНЕ

by Fokus

Воспоставениот дијалог со опозицијата е во исклучително важен момент за европската иднина на земјата, а чекорот што го направи Христијан Мицкоски со прифаќањето на уставите измени е за поздравување. Ова го изјави пратеникот и портпарол на СДСМ, Дарко Каевски.

„Сето ова создаде добра основа за продолжување на дијалогот со ДПМНЕ, но и со сите релевантни политички партии застапени во македонското Собрание. Сега може да разговараме како заеднички да ги изведеме уставните измени, неопходни за продолжување на европскиот пат“, рече Каевски.

Тој најави дека СДСМ ќе биде проактивен во овој процес и токму затоа на синоќешната седница на Централниот одбор на партијата е донесена одлука за формирање работна група.

„Овој тим ќе го продолжи дијалогот со ДПМНЕ и останатите политички партии за носење на уставните измени и продолжување на евроинтегративниот процес. Што поскоро уставните измени влезат во Собранието, тоа подобро. Сега е моментот сите заедно да дадеме придонес, да ја донесеме важната одлука и да ја обезбедиме европската иднина на државата.

Оваа одлука не е заради моментален политички рејтинг, не е заради една партија или група поединци. Ова е одлука за сите наши граѓани, одлука за македонските работници, одлука за лекарите, наставниците, земјоделците и пензионерите. Ова е одлука за нашите млади, за учениците и студентите кои сакаат и заслужуваат да живеат во држава членка на Европската Унија (ЕУ) но да останат тука, во своите градови во своите населени места“, вели Каевски.

 

Поврзани новости