„Христијан Мицкоски потврди дека неговата ДПМНЕ сака целосна блокада на евро-интегративниот процес на земјата. Прашан за противењето на ДПМНЕ за гласањето на уставните измени и дека тоа може да значи нови 10 години блокада на пристапот кон ЕУ Мицкоски рече, цитирам: „Може да бидат и сто години“ и додаде „а можеби и никогаш да не биде“.
Ова меѓудругото денеска на прес-конференција го изјави пратеникот од СДСМ, Дарко Каевски.
Тој смета дека „признанието на Мицкоски е јасна потврда, со ДПМНЕ и Левица нема членство во ЕУ, нема напредок, нема иднина. Антиевропската коалиција на ДПМНЕ и Левица сакаат да ја вратат државата назад, во мрачно минато, во изолација, скарана со сите“.
„Кочењето на европскиот пат е на директна штета на граѓаните, на повисок стандард, поголеми плати, поголеми пезнии, подобра иднина за младите. Тоа еднаш сме го виделе, кога 11 години бевме заглавени. Антиевропската коалиција на ДПМНЕ и Левица е закана за европската иднина на земјата и мора да биде поразена. Изборите ќе бидат своевиден референдум за иднината на земјата. Изборот е јасен, напредок и членство во ЕУ со СДСМ, изолација и стагнација со ДПМНЕ“ рече Каевски.