Никола Груевски, Зоран Ставрески, Елизабета Канческа – Милеска, Виолета Аларова, Владимир Тодоровиќ се само дел од лицата обвинети во последниот судски предмет „Феникс“. Ете го патриотизмот на ДПМНЕ на дело, незаконски се богателе преку спомениците на Гоце Делчев, на Александар Македонски, на Гемиџиите и Цар Самоил, изјави денеска портпаролот и пратеник на СДСМ, Дарко Каевски.
Поради тоа, Каевски побара од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски да поднесе оставка, бидејќи како што вели, „е опкружен со криминалци и води криминална партија“.
-Случајот со спомениците од проектот Скопје 2014 е само последниот од низата предмети што се покренати против ДПМНЕ, единствената партија во Европа што има конфискуван имот за кој со судска пресуда е докажано дека е нелегално стекнат. И додека ДПМНЕ ги прозива независните судски институции јавноста се уште очекува епилог од предметот Делчевски ниви каде се вмешани блиски соработници на Мицкоски.
Опкружен со криминални ликови и осудени лица, седејќи во криминално стекнат имот, Христијан Мицкоски ако барем има и малку доблест, тогаш ќе поднесе оставка од челната позиција во ДПМНЕ. Доколку не го стори тоа, Мицкоски уште еднаш ќе покаже дека е посветен на одбрана на криминалот и криминалците во своите редови, стои во соопштението на Каевски.