Актуелниот директор на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсоски, неговиот претходник и актуелен пратеник Дарко Каевски, моменталниот претседател на Македонскиот олимписки комитет и поранешен владин советник за спорт Даниел Димевски се дел од 12-мината обвинети за финансирање на спортски клубови и федерации преку ваучерски систем, потврдија за „Фокус“ извори од Јавното обвиниетлство.
Претходно, од ЈО официјално ни изјавија дека, постапувајќи по поднесената иницијатива од Државната комисија за спречување на корупцијата, надлежниот јавен обвинител поднел обвинителен предлог против 12 лица за кривични дела – злоупотреба на службена положба и несовесно работење. За осомничените до Основниот кривичен суд Скопје е доставен предлог за определување мерки на претпазливост.
Злоупотреби и несовесно работење: Обвинение против 12 лица за доделување на спортски ваучери!
Со оглед на тоа што се работи за обвинителен предлог, тој не оди на оценка во Кривичниот суд, туку директно кај судија и потоа се води по скратена постапка. Кога станува збор за мерките за претпазливост, пак, се постапува со повикување на странките. Оние осомничени што ги контактиравме велат дека засега немаат никакви информации.
Како што веќе пишуваше „Фокус“, Антикорупциската комисија утврди дека финансирањето на спортските субјекти преку ваучери резултира со нетранспарентност и неотчетност, што создава реален ризик за директно или посредно договарање меѓу спортска федерација или клуб како имател на ваучерот и даночниот обврзник, односно компанија што учествувала во финансирањето, а за сметка на тоа била ослободена од данок на добивка.
По барање на ДКСК, постапуваше и Државниот завод за ревизија, кој констатираше дека Агенцијата за млади и спорт не воспоставила внатрешни контроли за законско користење на средствата што се трансферираат на спортските федерации, а воедно нотирала дека не биле предвидени критериуми за избор на членовите во Централната комисија задолжена за распределбата на спортските ваучери.
Поради овие и ред други аномалии, антикорупционерите побараа и кривична одговорност за првиот човек на АМС, Мојсовски, како и за членовите на Централната комисија, чиј прв претседател бил Димевски, актуелен претседател на МОК и поранешен владин советник за спорт, што на крајот сега резултира со обвинение против 12 лица.
Во меѓувреме, Владата предложи, а Собранието усвои законски измени, кои предвидуваат исплатите да ги врши директно државата, што претставува своевидно признание за дефектноста на претходниот ваучерски систем, чиј автор и реализатор, како што навел во сопствената биографија, е првиот човек на МОК-Димевски.
Додека Јавното обвинителство ја водеше предистрагата, „Фокус“ пишуваше дека се испитувал и закупот на Димевски на дел од СРЦ „Кале“ и издавање на дел од овој простор на подзакуп. Така, во неколку наврати го истражувавме работењето и дејствувањето на МОК и Димевски, кој пред да дојде на оваа позиција, беше и владин советник за спорт, а претходно и прв човек на кошаркарската федерација.
Во таа насока, го истражувавме спорниот закуп на дел од спортско-рекреативниот центар „Кале“ од страна на Димевски, во време кога тој му е советник за спорт на експремиерот Зоран Заев. Врз основа на документацијата со која располагаме и податоците што ги обезбедивме, утврдивме шема од поврзани компании, за кои соодветни постапки повеле надлежни институции.
Имено, компанија на Димевски прво го зела под закуп паркингот, но и базенот под Кале, кој сега е руина, но на тој простор има вцртана маркичка за изградба на голем спортски објект. Патем, договорот за закуп изнесувал 600 евра месечно, но Димевски не ги плаќал ниту овие средства, бидејќи пребивал стар, судски потврден долг од ЈП за стопанисување со спортски објекти кон негова фирма.
Сепак, тогаш реагираа опозицијата и ДКСК, кои обвинија дека договорот е штетен, па набргу потоа Димевски и јавното претпријатие го раскинуваат. Веднаш потоа, претпријатието склучило нов договор за истиот имот, плус дополнителен простор, со друга фирма, на износ од илјада евра месечно. Меѓутоа, двете страни прават договор за цесија со Димевски, со цел повторно да се заобиколи обврската за плаќање закуп.
Инаку, договорите за закуп на дел од Кале и издавањето на дел од овој имот под закуп на приватни субјекти го испитуваа повеќе институции, меѓу кои Управата за јавни приходи и Финансиската полиција, а тоа беше опфатено и со предистражната постапка во Јавното обвинителство, иницијално отворена по наводите за нетранспарентно и неотчетно доделување спортски ваучери.
Исто така, акцент ставивме и и на закупот на спортската сала „Јане Сандански“ од страна на МОК, што на Комитетот му овозможува екстра-приходи преку комерцијална дејност. Како што објавивме, МОК постојано го зголемува буџетот од година во година, така што само лани изнесувал над 1,4 милиони евра. Згора на тоа, остварува дополнителни приходи преку стопанисување со салата „Јане Сандански“, која ја закупил на 26 години за нецели 50.000 евра.
Влатко Стојановски