Актуелната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска го тужи портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски на клевета и навреда, со што денеска се одржа првото судско рочиште, потврди пратеникот Каевски во изјава за „Фокус“.
СДСМ на својата официјална фејсбук страна ја објавија и тужбата, во која се наведува дека Арсовска е навредна затоа што била посочена дека иако настапува на локалните избори како независен кандидат за градоначалник, сепак таа наводно во изборната кампања била посочена како блиска на Никола Груевски и политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Каевски тврди дека тужбата не е за изнесените информации дека фирми на актуелната градоначалничка должат за струја, туку затоа што се почувствувала навредена од тоа што била посочена како кандидат на најголемата опозициска партија.
-Фактите во делот на долгот за струја којшто го имала фирмата кадешто сопственик или управител била Данела Арсовска е нешто што не може да се побие. Тужбата е за тоа што сум ја навредил, со тоа што сум кажал дека била кандидат поддржан од ВМРО-ДПМНЕ.
Дали Данела Арсовска се чувствува навредена што била кандидат поддржана од ВМРО-ДПМНЕ? Ако така се чувствува треба да го одговори пред јавноста. Фирмите воопшто не беа предмет ниту на дискусија, ниту доказите. Предмет на дискусија беше насочен како јас докажувам дека била кандидатка на ВМРО-ДММНЕ, истакна Каевски.
Арсовска денеска не присуствувала на советничките прашања, за што како што се наведува во реакција испратена во дел од медиумите била на судски процес, кој бил неодложен. Но, сепак порталот СДК пишува дека таа не го известила претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славевски за причините за нејзиното отсуство.
„Фокус“ пред два месеци објави дека Никола Наумоски, граѓански активист и шеф на кабинетот на поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов поднел тужба за клевета против Арсовска.
Тој тогаш ни ги потврди информациите, додавајќи дека актуелната градоначалничка на суд ќе мора да ги докажува клеветите со кои го нарушила неговиот углед.
Ирена Мулачка